Калегзит- Калифорнија надвор од САД? | Свет | DW | 26.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Калегзит- Калифорнија надвор од САД?

Калифорнија е поинаква од остатокот на САД. Кампањата Да-Калифорнија, навистина постои веќе подолго време, но со победата на Доналд Трамп движењето за отцепување на Калифорнија повторно доби на сила.

Ќе следи ли по Брегзит и Калегзит? Да-Калифорнија е кампања која има 11.000 поддржувачи, а некои од нив веднаш по победата на Трамп на претседателските избори во САД протестираа барајќи излез од САД.

Кампањата за независност на Калифорнија постои подолго време, но по претседателските избори доби посилен замав. Калифорнија е традиционално демократска, тоа се виде и на овие избори. Калифорниската Силиконска долина стоеше речиси исклучиво зад Хилари Клинтон. И токму таму, во татковината на Фејсбук, Гугл и Епл, исто така постојат многумина кои се симпатизери на Калегзит. Како на пример Шервин Пишевар, инвеститор кој на Твитер објави дека сака финансиски да ја поддржи кампањата, а на претседателот Барак Обама му порача оти ќе се повлече од местото претседател на програмата за размена на научници Фулбрајт, бидејќи тој не би можел да ја извршува таа функција со чиста совест со Трамп на местото претседател.

На многу граѓани на Калифорнија всушност не им се допаѓа политиката на Трамп, големата омраза кон странците. А Калифорнија е токму една од тие мигрантски сојузни држави, во која живеат многу Латиноамерикаци - некои легално, а некои не. Шефот на полицијата во Лос Анџелес, Чарли Бек неодамна изјави дека нема да ја поддржи политиката на Трамп за протерување. И инвеститорот Пол Холанд гледа добри причини за отцепување на Калифорнија од САД. „Ако некој тоа го може, тогаш е тоа Калифорнија, па ние сме светска економија, ние би можеле самите да си обезбедиме и прехранбени производи и работни места.“

За активистите на движењето Да-Калифорнија, можната независност не е интересна само поради спротивставеноста на политичките ставови, туку првенствено поради силната индустрија на оваа најмногубројна американска сојузна држава во која живеат 38 милиони луѓе. Силиконската долина, производството на вино и туризмот - сето тоа се гаранции за големи даночни приходи. И секако, голем дел од тој приход оди во Вашингтон што бескрајно ги разгневува поддржувачите на Калегзит.

Но, колку е изводлив еден Калегзит во реалноста? Политичките експерти се сомневаат во тоа дека е можно да се спроведе еден т.н. Калегзит. Во Уставот на САД како факт стои како една земја може да биде интегрирана во САД, но не и како една земја може евентуално да ги напушти. Последниот збор секако го има владата во Вашингтон. Но, и во другите сојузни држави секогаш одново се појавуваат заговорници на независност, како на пример во Тексас, но досега без успех.

 

Реклама