Како Трамповата Бела куќа гледа на Германија? | Свет | DW | 12.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Како Трамповата Бела куќа гледа на Германија?

Документ за последната средба на Трамп со Меркел, до кој дојде ДВ, ја покажува перцепцијата на Белата куќа за Германија. Документот се фокусира на германските демографски проблеми и вклучува тривијални „интересни факти“.

Дневните економски информации кои ги подготви Советот на економски советници на американскиот претседател Доналд Трамп, еден ден пред да ја прими германската канцеларка Ангела Меркел во високоочекувана државничка посета во Белата куќа во април годинава, ја отсликува Германија на начин кој се чини е во согласност со општиот негативен став кон земјата на претседателот.

„Германија има најголем вишок на државната сметка и е втората земја со најстаро население, а има и најниска стапка на невработеност во Европската унија“, се вели во насловот – болдиран и напишан со големи букви – на двостраниот документ кој датира од 26 април, 2018 година.

Повеќе: Меркел кај Трамп - „голтање кнедли“ пред камера

Релативно срдечна средба

Трамп и Меркел одржаа релативно срдечна работна средба на 27 април. Средбата, иако попријатна од оние на нивните претходници, не ги реши длабоките несогласувања меѓу двајцата лидери, особено оние поврзани со трговско-економските прашања.

Трамп во неколку наврати негативно коментирал за германскиот суфицит во однос на САД, кој веќе рутински го поврзува со она што тој го смета за скудни одбранбени трошоци на земјата - далеку под целта на НАТО за инвестирање на 2% од БДП.

По оваа средба со Меркел, Трамп потврди дека „сите земји членки мора да ја почитуваат својата обврска за влог од 2% од БДП, а се надевам и многу повеќе, за одбрана. Клучно е нашите сојузници да го зголемат влогот така што сите ќе си плаќаат фер удел.“

Документот до кој дојде ДВ исто така се осврнува и на имиграциската политика – уште еден клучен камен на сопнување меѓу Меркел и Трамп уште од почетокот на неговата претседателска кампања.

„Демографска криза“

„Стареењето на населението во Германија претставува демографска закана во однос на растечката имиграција“, се вели во документот.

„Германските жени не раѓаат доволно деца за да го одржуваат растот на нацијата или пак за тоа да биде стабилно. Во 2017 година наталитетот е 8,6 на 1000 жители, што е многу пониско од морталитетот кој е 11,7 на 1000 жители. Во 2016 година се регистрирани 18,6 милиони жители на Германија со миграциско потекло, што е рекорден број во земјата. Во најголем дел тоа се должи на приливот на бегалци. Додека дел од имигрантите се од Блискиот исток и Африка, најголемиот дел од мигрантската популација доаѓа од европските нации.“

Документот се фокусира на демографските предизвици на Германија и заклучува дека големиот број мигранти во земјата се резултат на владината одлука на Меркел да се суспендираат заедничките регулативи на ЕУ и да им се дозволи влез на бегалците од сириската војна во 2015 година. Ова е на иста линија со ставот на Трамп дека миграцијата е штетна за Германија.

Повеќе: Нападите на Трамп може да ѝ користат на Меркел

Варено вино и зоолошки градини

Во делот од документот насловен како „интересни факти за Германија“ – веројатно наменети за претседателот кој не е многу по книгите – економските советници изготвиле листа со интересни љубопитни факти за земјата.

Меѓу другото стои дека Германија е првата земја која го вовела летното сметање на времето, дека е казниво и забрането на автопат да останете без бензин, дека „глувајн“ или црвено варено вино е едно од најомилените пијалоци во земјата, како и дека Германија не е позната само по над 2100 замоци, туку има и најмногу зоолошки градини од која било друга земја во светот, односно над 400.

Американските научници експерти за Германија и трансатлантската политика велат дека иако документот во голема мера е точен во однос на фактите, дава малку искривено гледиште на германско-американските економски врски.

Чуден однос"

Документот нуди „малку чуден однос кон германската економија“, вели Џефри Андерсон, професор на Универзитетот Џорџтаун и поранешен директор на Центарот за германски и европски студии. „Мислам дека е фер да се каже дека документот ги отсликува загриженоста на Трамп и неговите претходни предрасуди во однос на Германија.“

„Се чини дека акцентот е ставен на ранливите точки, политички поради незадоволството од моменталниот суфицит во однос на Германија, и демографскиот тренд, кој е всушност стара вест и не се однесува само на Германија.„

Исто така, смета Андерсон, оваа „еднострана слика“ презентирана во документот се прошири и на трговските прашања, дотолку повеќе „што никаде не се споменуваат германските директни инвестиции во САД, чија вредност во однос на јакнење на доларот и креирање на работни места е значително поголема и го минимизира актуелниот дефицит во трговската размена меѓу САД и Германија.“

Смешно и нерелеватно“

Кажано со други зборови, вели Андерсон, САД не се, како што се чини во документот, „губитник во овој однос, туку всушност има големи придобивки од нашите германски економски партнери.“

За Марк Халеберг, декан на берлинската школа Херти, документот не ги рефлектира реално длабоките економски врски меѓу САД и Германија. Не само што во документот не е спомената трговската размена, туку „јас исто така би очекувал да се стави информација и за директните странски инвестиции во двете земји“. Додека германската автомобилска индустрија е силно присутна во САД, „американската технолошка индустрија има интереси во Германија“.

Оттука, вели Халенберг „коментарите за вареното вино, зоолошките градини и автопатите се крајно смешни и нерелевантни, особено поради фактот дека Трамп не пие алкохол“.

Белата куќа не одговори на нашето барање за коментар. Портпаролот на германската влада ни изјави дека „генерално не коментираат брифинг документи на други држави“.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама