Како светот се справува со кластерите на коронавирусот | Свет | DW | 23.06.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Како светот се справува со кластерите на коронавирусот

Германија и други европски држави ги релаксираат ограничувањата поради коронавиусот, но во истовреме се појавуваат кластери на болеста во многу делови на континентот. Како да се справуваат властите со нив?

Coronavirus Göttingen gesperrter Wohnkomplex (picture-alliance/dpa/S. Rampfel)

Станбен комлекс во карантин во германскиот град Гетинген

Градот Гитерслох во западна Германија со население од 13 илјади луѓе, не е често во центарот на интересот на меѓународната јавност. Но масовното ширење на коронавирусот во кланицата на Тенис последниве денови, за жал, го направи популарен.
Од околу 7,000 вработени кои беа тестирани минатата недела, повеќе од 1,500 се позитивни. Сите вработени сега се ставени во карантин, училиштата и градинките се затворени, а премиерот на покраината Северна Рајна Вестфалија Армин Лашет денеска одлучи да го стави целиот регион во карантин.
И други региони во Германија се соочуваат со локални кластери: во берлинската населба Нојколн во карантин се 370 домаќинства откако 100 жители беа позитивни на вирусот, а властите во Гетинген ставија во карантин комплекс згради откако 120 луѓе се заразија. Неколку поголеми кластери се јавија и по црковни служби низ целата земја.
Германија не е единствената која се соочува со вакви локални кластери на инфекција. Додека поголемиот дел од државите во Европа ги олабавуваат рестрикциите, нови вирални жаришта се појавија низ целиот континент, во најголем дел во семејства, фирми или ресторани.
Во Велс, најмалку 175 работници во фабрика за живина се позитивни на Ковид-19, и властите веќе најавија локален карантин.
„Како што се намалуваат ограничувањата во општеството, вакви кластери на заразата ќе се случуваат и ние ги очекуваме“, вели Гири Шанкар од велшкото јавно здравство. „Не треба да бидеме изненадени, но треба да сме загрижени и да преземаме брза акција“.
Во еден старечки дом во австрискиот град Лизинг шест жители починаа во првите две недели од јуни од коронавирусот. Во мај, повеќе од 70 вработени во поштенска служба во Виена беа позитивни на тестот за коронавирус. Минатата недела, по состанок на Ротари клуб во Салцбург, 14 учесници беа позитивни. Во меѓувреме се тестираат и изолираат стотици луѓе кои биле во контакт со нив.

Gütersloh Ausbruch bei Tönnies | Proteste (Imago Images/teamwork/A. Duwentäster)

Протести против кланицата Тенис во Гитерслох

Ограничување на кластерите

Кога бројот на инфекциите ќе почне повторно да расте, најважно е да се утврди типот на кластерот, вели Петер Климек, научен истражувач од Виена и дел од тимот кој ја советува австриската влада за пандемијата.
„Доколку кластерите се мали тоа не е толку загрижувачко, затоа што можеме да ги следиме контактите. Доколку кластерот се случи на голем настан, обработката и следењето на кластерот станува далеку потешко“, вели Климек.
Климек вели дека е голема разликата дали случаите доаѓаат од еден кластер каде што синџирот на заразата може да се следи, или пак 50 луѓе низ целата земја одеднаш доаѓаат кај своите лекари со симптоми. Доколку во кус временски период се појават повеќе кластери кои е тешко да се следат, вели тој, тоа е доволно целата земја да се стави во карантин. Најважни мерки кога станува збор за локални жаришта на коронавирусот се: следење, трагање, тестирање и третман.
Кога некое лице ќе биде регистрирано како позитивно, неговите контакти мора брзо да бидат пронајдени. Оние кои се заразени мора да бидат изолирани и третирани, а останатите во нивна близина да бидат тестирани. Доколку процесот функционира, локалните жаришта можат добро да се контролираат, вели Климек.

На повидок нови рестрикции?

Анализата на стапката на заразата во Европа покажува дека, сепак, четирите мерки не се секогаш доволни. Во Бугарија, владата деновиве повторно ја врати мерката за задолжително носење маска во затворени простории, кусо време откако ја укина, поради растот на бројот на новозаразени.


Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху исто така ги предупреди своите сонародници поради ширењето на заразата. „Доколку веднаш не го смениме нашето однесување со носење маски и почитување на дистанца, ќе бидеме принудени да ги вратиме рестрикциите. Никој од нас не го сака тоа“, изјави тој во неделата.
Во Луксембург, пак, владата одлучи да го тестира целото население во обид да спречи втор бран на коронавирусот. Сите 628 илјади жители на државата и околу 300 илјади луѓе кои работат во земјата се поделени во групи кои ќе бидат редовно тестирани, со цел да се откријат нови синџири на инфекцијата и брзо да се реагира.

„Не постои магично стапче“

Мерките кои се преземаат за спречување на ново жариште или ширење на кластер, се разликуваат од земја до земја, вели Климек. „Нема ист лек за сите, туку микс на мерки“.
Она што е важно, без разлика за кој регион се работи, се континуираните мерки за физичка дистанца, како и стриктни хигиенски регулативи и ограничен круг на контакти. Мерките на затворање на училиштата и градинките се покажале ефективни, исто како и носењето маски, вели Климек. И колку побрзо такви мерки се воведуваат при идни појави на жаришта, толку ќе бидат поефективни, вели тој.

DW.COM

Реклама