Како Русија се носи со падот на цената на нафтата? | Економија | DW | 01.12.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Како Русија се носи со падот на цената на нафтата?

На почетокот на октомври еден барел нафта чинеше 85 долари. Во меѓувреме цената е помала за 20 долари. Што значи тоа за земји како Русија, кои живеат од извозот на нафта и други енергенси?

Во последните недели цената на нафтата падна за една четвртина. Тоа ги изненади и стручњаците, кои поради економскиот раст во САД дури предвудуваа и раст на цената на нафтата на 100 долари за барел.

Затоа сега сите се многу внимателни со проценките. Јарослав Кабаков, аналитичар од рускиот инвестициски фонд Финам, смета дека има премногу ризични фактори на политичко ниво: заострувањето на трговскиот комфликт меѓу САД и Кина или санкциите на Вашингтон кон Иран. „Сепак сметам оти цената на нафтата ќе се движи меѓу 65 и 70 долари за барел“, заклучува овој аналитичар во разговорот за ДВ.

Благодарност преку твитови

На крајот три држави практично ја диктираат цената на нафтата. На прво место се САД, кои во последните години поради т.н. „фрекинг пипл“ се искачија на првото место на светски производители на нафта. Русија се наоѓа на второто место, а Саудиска Арабија на третото. Она што прецизните прогнози ги прави речиси невозможни се различните интереси според кои се водат овие три земји. Американскиот претседател Доналд Трамп сака пониски цени на нафтата за да ја поттикне потрошувачката во САД. Неговите твитови затоа звучат вака: „Цената на нафтата паѓа. Извонредно! Тоа е нешто како намалување на данокот за Америка и целиот свет. Уживајте во тоа! Благодариме Саудиска Арабијо и остави цената и натаму да паѓа!“

Но токму Саудиска Арабија сака цената на нафтата да порасне. Бидејќи само така Ријад ќе има доволно пари за да може да ја преструктуира својата економија во насока на независност од нафтата. Затоа Саудиска Арабија веќе започна со намалување на производството на нафта со цел на црното злато да му порасне цената.

Малку е веројатно дека Русија ќе го следи овој пример, без разлика на тоа како ќе се развива цената на нафтата. Домашните нафтени концерни како Газпром или Роснеф во последно време инвестираат многу пари во подготовка на нови нафтени полиња на северот и во модернизирање на инфрастуктура. Затоа се потребни нови пари. Кремљ службено е задоволен од цената 53 долари за барел, што гарантира урамнотежена државна пресметка. Затоа Москва е задоволна со сегашната цена од 62 долари. И е опуштена во случај на натамошен пад.

Борбата околу цената на нафтата влијае и на курсот на рубљата

Но, оваа опуштеност има и свои граници. Бидејќи, како што смета Игор Николаев, директор на Институтот за економска анализа, руската економија сѐ уште живее од извоз на енергенси. „Оваа година накусо може да се добие впечаток дека рубљата се ослободи од цената на нафтата. Но, моменталниот пад на цената на нафтата, исто така, се одразува и на курсот на рубљата која е во пад“, вели Николаев за ДВ.

Последици: странскиот капитал ја одбегнува Русија, инвеститорите се внимателни, што го кочи економскиот раст. Но, руската економија и натаму зависи од цените на суровините. Русија собра залихи во времето кога еден барел чинеше 80 долари, но овие резерви нема да траат вечно, вели Николаев.

Руската економија ја оптоваруваат и други фактори како што е неподготвеноста на владата да спроведе либерални реформи. Инвеститорите се внимателни и поради несигурноста околу тоа како ќе изгледаат санкциите кои САД би требало да ги воведе против Русија поради аферата Скрипал или поради војната на истокот на Украина.

Што може ОПЕК?

Николаев, исто така, верува дека подготвеноста за протести кај руските граѓани ќе порасне кога ќе им опаднат приходите. Оваа есен Кремљ повлече некои потези за да ја стабилизира економијата во земјата. Но многу Руси и натаму се незадоволни. Реалните приходи, во споредба со доларот, се во натамошен пад. Пензиските реформи и натаму се трн во око кај многумина. И покрај падот на цената на нафтата на светскиот пазар, Русите и натаму не уживаат пониски цени на дериватите. Во некои делови од земјата Кремљ директно се вмеша да не се намали цената на бензинот и така ги оштети граѓаните. Стручњаците како Кабаков тоа го сметаат за погрешно од економски аспект, но политички разбирливо.

Во меѓувреме Руската централна банка смета на тоа дека цената на еден барел нафта ќе падне на 55 долари и оти инфлацијата ќе се движи меѓу 5 и 5,5 насто. За тоа како натаму ќе се одвива приказната со цената на нафтата, наредниот месец ќе расправаат 14-те земји членки на ОПЕК и Русија. Но веќе однапред се укажува на големите резерви во САД, кои цената и натаму ја држат на ниско ниво. И финансиските шпекупации во последните недели влијаат на осцилациите на цената. 

Некакви прецизни прогнози и натаму се неблагодарни. Никој не може да предвиди колку остра ќе биде зимата во САД или дали кризата во односите меѓу Москва и Вашингтон ќе напредува, или пак дали кинеското стопанство и натаму ќе стагнира. Сето тоа се фактори на несигурност, кои можат да влијаат на чувствителната цена на нафтата. 
 

DW.COM

Реклама