Како Рамо ја преживеа војната во Босна | Свет | DW | 09.03.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Како Рамо ја преживеа војната во Босна

Едно утро во 1992 година, Рамо Кадриќ тргна во Сребреница каде што работеше како доставувач на леб. Неколку часа подоцна, за малку ќе беше убиен од српските милитанти. Пријателот Србин му помогна.

Кога во април 1992 година војната стигна во Сребреница,а српските паравоени сили пљачкосуваа по градот, голем број на Бошњаци и Срби избегаа од градот. Милитантите кои дојдоа од Вуковар, Хрватска беа наоружани до заби, носеа камуфлажна униформа, црни ракавици и ски маски.

Во тоа време, војната во Босна се разгоруваше со постепената ексалација на насилството помеѓу Хрватите католици, православните Срби и муслиманските Бошњаци во југословенската република во која некогаш владееше мирот. Во соседна Хрватска, војната веќе беше во полн замав. Српските и хрватските сили, на основа на старите поделби, ги прифатија симболите на четниците и усташите – националистички парамилитарни групи озлогласени порадни нивните злодела во Втората светска војна. Во тоа време, масакрот во Сребреница, каде српските сили убија илјадници Бошњаци во 1995 година – сѐ уште беше три години во иднината.

Кога паравоените единици за прв пат влегоа во Сребреница во 1992 година, голем дел од локалното население стоеше настрана од улиците. Но, не и Миле Јањиќ, локален ветеринар и етнички Србин.

„Улиците беа празни и јас само се возев наоколу и по некое време стигнав на главниот плоштад“, објаснува Миле за ДВ. „Група од паравојници дојдени од Вуковар стоеја пред еден супермаркет кој претходно го ограбија. Како што се доближував кон нив видов дека едниот нишани во маж кој беше врзан пред супермаркетот, во близина на скалите. Го познавав човекот. Затоа му довикнав ‘Што правиш’ на еден од војниците и му го спуштив оружјето.“

„Одвези го одовде за да не биде убиен“

Ramo und Mile aus Srebrenica (DW/M.Sekulic)

Миле Јањик

„Војникот ми рече: ‘Го фативме усташов и сакам да го убијам’. Јас викнав: ‘Како можеш да ми кажуваш кој е тука усташ, кога јас сум тој што живее тука’? Се придвижив кон Рамо, а овие од Вуковар само се погледнуваа и си шепотеа, веројатно за тоа дека сум лудак, што одам со празни раце против пушка“, раскажува Миле.

Денес, Миле Јањиќ е сопственик на ветеринарна ординација во Сребреница. Луѓето кои го познаваат велат дека тој е добродушен и пријатен човек. Тој не сака да ја раскажува приказната за спасувањето на неговиот пријател Рамо, но сѐ уште се сеќава како да било вчера.

„Рамо беше избезумен од страв. Му реков да не се плаши и дека нема да им дозволам да го убијат. Јас не бев во армијата, немав униформа“, раскажува тој за ДВ. „Го забележав автомобилот на Рамо паркиран на улицата и видов една жена, која ја познавав како, поминува, нејзиното име беше Рада. Таа беше медицинска сестра. И реков: ‘Неговата кола е тука. Однеси го одовде за да не го убијат’. И така се случи. Војниците не изреагираа. Имаше и неколку набљудувачи... Сепак, Рамо преживеа“

„Жал ми е што не можев да и помогнам на Рада“

Тоа утро, Рамо Кадриќ со својот автомобил стигнал во Сребреница на работа – да доставува леб. Но, кога стигнал до пекарата во предградието, тој бил заробен од тројца полициски офицери кои го терале да пее српски националистички песни. Се заканиле дека ќе го убијат доколку одбие да го стори тоа.

„Не само што пеев, туку на целиот глас завивав за да не ме убијат. Ме однесоа на главниот плоштад и ме предадоа на парамилитарците за тие да ме убијат. Бев полу мртов од страв кога дојде Миле. Ние се знаевме од порано. Тој се расправаше со нив, им се спротивставуваше – до денес не знам како успеа да ги сопре да не ме убијат и да ме спаси“, вели Рамо. 

„Жената која ми помогна, ме однесе во нејзиниот стан. Таму ја поминав ноќта, а утрото ме однесе во пекарата каде го најдов мојот камион. Со него се вратив во моето село. Таа возеше зад мене. Разбрав дека била убиена подоцна во војната. До денес жалам што немав можност да ѝ помогнам, да ја спасам, затоа што чув дека била убиена од 'нашите' сили, муслиманите“.

Ramo und Mile aus Srebrenica (DW/M. Sekulic)

Миле, кој е ветеринар, често му помага на Рамо со неговите животни.

„Сѐ што можеше, направи“

Рамо и Миле повторно воспоставија контакт дури по завршувањето на војната. Во 1997 година разговараа по телефон и се договорија да се најдат во близина на Сараево. Миле дојде од Сребреница.

„Среќавањето со него беше тешко, со многу солзи“ вели Рамо. „Едноставно го гледаш човекот кој ти дозволил да живееш, кој ти го вратил животот. Тој тогаш дојде во мојата куќа и разговаравме целата ноќ. Кога на крајот се вратив во мојата стара куќа, тој ми помогна многу. Дури и ми позајми пари. Сѐ што можеше, направи“.

Рамо се вратил во своето родно село во 2001 година каде што сега живее од одгледување на стока и земјоделие. Во Сребреница оди од време на време, а пријателската врска со Миле останува силна. „Речиси секогаш кога одам во градот, пиеме кафе заедно. Тој доаѓа и ми помага со животните“, вели Рамо. „Секогаш се посетуваме за Божиќ и Рамазан. Ќе го правиме тоа се додека сме живи“.

Реклама