Како работи локалната власт? | Македонија | DW | 08.12.2006
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Како работи локалната власт?

Во Тетово се одржа тркалезна маса на тема - односот на власта кон граѓаните

Тетово

Тетово

Народниот правобранител на Република Македонија, Иџет Мемети тргнува во своевидна посредничка мисија ,како контролен механизам за заштита на правата на граѓаните, да ја зголеми нивната доверба во институциите на централната, а особено на локалните власти.Со учество на претставници на ОБСЕ и градоначалници од западниот дел на земјата, вчера во Тетово се одржа расправа на таа тема.

Омбудсманот Мемети критички рече: “Чувствувам дека и во централната и во локалната власт граѓаните не гледаат со полна доверба. Некако, властите, откога ги преземаат мандатите од граѓаните ,се отуѓуваат од нив ,како нерадо да сакаат почесто да комуницираат.”

Во канцеларијата на правобранителот на ниво на земјата годинава досега пристигнале 2800 поединечни претставки од граѓани за нарушување на нивните законски права. Првиот граѓанин на Гостивар-Невзат Бејта, кој е и претседател на заедницата на општините на Македонија опонира:“Јас не мислам како што кажал омбудсманот,бидејќи јас не зборувам напамет.Во локалната власт има дежурен телефон имаме и кутија за поплаки, а имаме и контакт со нашите граѓани. Досега во општина Гостивар ,а мислам дека е иста состојбата и во другите општини ,нема поплаки од граѓаните.Локалната власт ги задоволува сите нивни побарувања и сега –засега работите одат многу убаво.”

Градоначалникот на Тетово, Хазби Лика, одговори уште поексплицитно на прашањето - дали граѓаните немаат доверба во него и во локалната администрација во Тетово:

"Не, имаат доверба . Досега е покажано дека имаат доверба."

Следи само дел од покарактеристичните кажувања на тетовци:

“Па има само 50 отсто во локалната самоуправа“.

“Ништо не направиле досега,сега засега јас мислам дека е во ред ,и да работат и натаму како досега ќе биде во ред“.

"Оди како што треба ,работат чесно“.

Наталија Дрозд, вршител на функцијата амбасадор на Мисијата на ОБСЕ во Македонија нагласува дека е потребно да се зајакнат капацитетите на институциите на локалната самоуправа во процесот на децентрализација и да се подобри комуникацијата меѓу различните нивоа на власт со граѓаните,за граѓаните да имаат доверба кон локалната администрација и локалните институции.

Наспроти ставовите на двајцата градоначалници на Гостивар и Тетово стојат акцентите од последното истражување на јавното мислење за децентрализацијата и доближувањето на власта до народот.Тоа е направено во октомври и ноември 2006 година со анкетирани 506 граѓани на етнички мешаните општини:Куманово,Гостивар,Кичево и Струга. Висок процент на граѓаните се незадоволни од локалните власти и од функционирањето на администрацијата, градоначалниците и советите.Во Гостивар е намалена позитивната перцепција за работата на администрацијата ,градоначалникот Бејта и општинскиот совет. Народниот правобранител најави одржување вакви тркалезни маси и трибини наскоро и во регионите во источниот дел на Македонија.