1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Ukraine Konflikt I (Aufmacher) Rosenmontag - Friedensdemonstration in Köln
Мировни демонстрации во Келн, 28.02.2022Фотографија: Oliver Berg/dpa/picture alliance

Како Путин ја менува Европа

Барбара Везел
5 март 2022

Европа никогаш досега не ги променила толку бргу политичките основи и идеолошки традиции како минатата недела. ЕУ е соочена со неверојатен препород.

https://www.dw.com/mk/%D0%BA%D0%B0%D0%BA%D0%BE-%D0%BF%D1%83%D1%82%D0%B8%D0%BD-%D1%98%D0%B0-%D0%BC%D0%B5%D0%BD%D1%83%D0%B2%D0%B0-%D0%B5%D0%B2%D1%80%D0%BE%D0%BF%D0%B0/a-60961545

Тоа може да се нарече закон на несакани последици: Претседателот Путин со својата војна против Украина ја сплоти Европа, му стави крај на економскиот и политички курс на приближување до Русија на некои ЕУ-држави, натера во илегала многу од неговите стари пријатели и засега им стави крај на ситничарските кавги.

Воодушевувањето од новопронајденото единство е можеби само привремено, зашто допрва треба да се плаќа цената за острите санкции. Па, сепак, Путиновата војна против Украина е како животен еликсир за ЕУ, и десно и лево паѓаат табуата, а низ Европа почнува да дува нов ветар.

Франција: Макрон има право, популистите возат по удолница

Тој отсекогаш го велеше тоа: откако ја презеде функцијата, францускиот претседател проповеда дека Европа мора да стане економски поавтономна и да биде во состојба да се брани. Неговите колеги беа глуви за таквите барања. Сега се покажува колку Емануел Макрон бил во право. Сепак, и тој мора да признае грешки: Французинот долго време му се додворуваше на Владимир Путин и веруваше дека тој сака удел и почит во Европа. По неговиот последен неуспешен обид за преговори во Кремљ, Макрон се почувствува изневерен.

Неговите политички противници, пак, мораат преку ноќ да се откажат од својот идол Путин и не сакаат да бидат потсетувани на своите твитови од минатото. Досега, про-путинската линија на стариот левичар Жан-Лук Меланшон, десничарската популистка Марин Ле Пен и нејзиниот конкурент од екстремната десница Ерик Земур, не играа никаква улога во изборната кампања. Сега, фотографиите од 2017 година, каде што Ле Пен му дозволи на Путин да ја финансира нејзината изборна кампања, се крајно непријатни за неа. Видеото на Земур на социјалните мрежи, каде што тој го пофали Путин како гениј и квази-виртуелен Французин, во меѓувреме е негативен хит. И Меланшон признава дека згрешил во врска со Русинот. Сите тројца сега зборуваат за мировни преговори.

Russland l Französische Präsidentschaftskandidatin Marine Le Pen im Kreml 2017
Токму вакви фотографии сега се чинат непријатни: Марин Ле Пен и Владимир Путин во Кремљ, 2017 годинаФотографија: Mikhail Klimentyev/AP/picture alliance

Унгарија: Орбан кочи

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во последните години стана проклетство за ЕУ. Унгарецот, станувајќи сè поавторитарен, покорумпиран и отворен антидемократ, предизвикуваше раздор и ги торпедираше заедничките резолуции. Демонтирањето на владеењето на правото во Унгарија го доведе до судир со Брисел. А неговото целосно отфрлање на бегалците спречи заедничка миграциска политика.

Меѓутоа, во текот на викендот, Орбан отиде до пограничниот град Берегсурани, каде доаѓаат бегалци од Украина, за да им посака добредојде и да им вети помош од страна на Унгарија. Додуша, многу од оние што доаѓаат припаѓаат на унгарското малцинство од Карпатите, но Орбан мораше да направи чекор назад.

Премиерот сега осцилира помеѓу долгогодишната блискост со Путин и европската огорченост поради војната во Украина. Пред само неколку недели тој го посети Русинот во Кремљ и изјави дека Путиновото барање за безбедносни гаранции е легитимно, а санкциите на ЕУ се контрапродуктивни. Минатата сабота (26.02) неговиот портпарол објави дека Будимпешта ќе ги поддржи сите санкции против Русија. Виктор Орбан не може да се повлече толку брзо колку што всушност налагаат претстојните избори во април, бидејќи јавното мислење во Унгарија е про-украинско.

Russland Moskau | Wladimir Putin, Präsident & Viktor Orban, Ministerpräsident Ungarn
Фотографија од 1.02.2022: Виктор Орбан и Владимир Путин си наздравуваат - за дистанцата помеѓу двајцата е виновна само коронатаФотографија: Sputnik via REUTERS

Неутралните: Шведска и Финска

Од Втората светска војна досега неутралноста на Швеѓаните им се чинеше како нивно највисоко добро. Тие принципиелно избегнуваа да заземаат страна и се профилираа како неутрални преговарачи на меѓународната заедница. Сега премиерката Магдалена Андерсон изјави дека во Украина ќе испрати шлемови, заштитини елеци и 5000 парчиња антитенковско оружје. А, на заканата од Путин дека Шведска и Финска ќе платат висока цена доколку влезат во НАТО, Стокхолм ладно одговори: Ние сами си ги носиме нашите безбедносно-политички одлуки.

И Финска реагираше „ледено“ на заканите од Путин. Таму во меѓувреме се гледа критички на принудната блоковска неутралност и на политичкото влијание на Кремљ по Втората светска војна. Сега првпат мнозинството Финци (53%) се за приклучување на земјата во НАТО. Желбата за заштита од страна на западниот воен сојуз се чини е поважна од застарената традиција на неутралност.

А, на прашањето за можна „финсканизација“ на Украина, поранешниот премиер Александер Стуб само одмавнува со раката: „Поимот е трауматски за нас“, вели тој и додава дека тоа би било враќање кон правилата на Студената војна и не би било добро решение за Украина. Со „финсканизација“ се опишува периодот во 1970-тите, кога Финска послушно му правеше отстапки на Советскиот Сојуз.

Infografik Karte Skandinavien Russland DE

Германија: Уривање на старите политички структури

„Германија ја презема својата улога на глобална сила“, напиша во понеделникот (28.02) агенцијата Ројтерс, сумирајќи ги на тој начин коментарите од целиот свет кои го изразуваат воодушевувањето и зачуденоста од вртењето на канцеларот Олаф Шолц во Бундестагот во неделата (27.02) за 180 степени. Со еден потег тој од маса ги збриша сите децениски догми на германската политика: „да“ за оружје за Украина, „да“ за оперативен Бундесвер, „да“ за повисоки трошоци за одбрана и „не“ за енергетска зависност од Русија, „не“ за разбирачите на Путин и застапниците на неговото авторитарно владеење.

Преводот на говорот на Шолц на англиски јазик на Твитер се споделуваше како илегална стока меѓу англосаксонските набљудувачи, толку голема беше вџашеноста од пресвртот во Берлин. Канцеларот ја фрли во отпад триесетгодишната политика кон Русија, особено политиката кон Русија на неговата партија. Надворешната и безбедносната политика на Германија ден потоа е сосема променета.

Russland Moskau | Gerhard Schröder und Vladimir Putin
Пријателство меѓу Владимир Путин и поранешниот германски канцелар Герхард Шредер (Москва, 7.05.2018)Фотографија: Alexei Druzhinin/dpa/picture alliance

И уште нешто...

Чешкиот претседател Милош Земан, долгогодишен цврст поддржувач на претседателот Путин, сега својот поранешен пријател го нарече „лудак кој треба да биде изолиран“ и кој претставува закана за мирот во Европа.

Италијанскиот десничарски популист Матео Салвини повеќепати е фотографиран со маица со ликот на Путин. Сега на социјалните мрежи се обидува да ги избрише старите пофални химни за господарот во Кремљ и положи цвеќе пред украинската амбасада во Рим.

Поранешниот шкотски премиер Алекс Салмонд, по анектирањето на Крим, го фалеше Путин како руски патриот. Сега тој го стави во мирување своето ток-шоу на рускиот пропаганден канал РТ додека повторно не биде воспоставен мир.

Поранешниот француски претседателски кандидат Франсоа Фијон, поранешниот австриски канцелар Кристијан Керн и други, во знак на протест поднесоа оставки од своите функции во руски државни компании. Останува уште само поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, кој е на функција во Газпром и зборува за „грешки на двете страни“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Димитар Ковачевски македонското Собрание

Огнени кочии

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски
Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми

Врати се на почетната страница