Како Мартин Лутер го промени светот? | Панорама | DW | 31.10.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Како Мартин Лутер го промени светот?

Мартин Лутер на 31.10.1517 година покрена реформа која доведе до расцепување на католичката црква. Германија цела година ќе ја одбележува 500-годишнината од реформацијата. Но, кој е всушност Мартин Лутер?

Монахот Мартин Лутер сакал да проговори за лошите работи кои се случувале внатре во католичката црква. Но, она што на 31 октомври 1517 година се случи во Витенберг заврши со реформа која остави важен белег на историските случувања во Германија, Европа и во целиот свет. За да се разбере каков земјотрес предизвикаа 95-те тези на Мартин Лутер, мора да се вратиме назад во минатото.

Покорност пред Бога

Во христијанската вера во доцниот среден век доминирал ставот дека римско-католичката црква има монопол на давање одговор за сите прашање поврзани со религијата. Тоа се одразува и во самото име „католичка", кое пак има корени во грчкиот јазик и значи „сеопфатно“. Догмите и прописите го одредуваат животот на обичните луѓе. Над сите има Бог кој пресудува и казнува, на кого не може да му избега ни најмалата грешка на неговите верници.

Случувањата и настаните кои не можеле јасно да се дефинираат, како на пример личните несреќи, пропаднатите жетви, војните или кризите – можеле да се објаснат само на еден начин: станува збор за последици од магии, вештерки и луѓе кои склучиле пакт со ѓаволот. Кладите за палење луѓе биле вообичаена глетка во тоа време.

Стравот како мотив

Мартин Лутер бил син на сопственик на мал рудник. Роден е во 1483 година во Ајслебен и од малечок важел за надарено дете. Во пролетта 1501 година почнал да студира на универзитетот во Ерфурт. Четири години подоцна ја добил титулата „Магистер Артиум", по што ги започнал студиите по право, исто така во Ерфурт.

Но, се случило нешто што го променило неговиот живот. На 5 јули 1505 година младиот студент западнал во голема бура. Тој бил шокиран откако го удрил гром, кој го фрлил на земја. Веднаш го обзел голем страв од смртта и се уплашил дека неподготвен ќе застане пред Бога. Во големата неволја се сетил на светицата Ана. Заштитничка на рударите и воскликнал: „Света Ана, помогни ми, сакам да станам монах!“.

Тоа била изјава со последици. Дванаесет денови подоцна младиот Мартин Лугер тропнал на капиите на самостојниот ред на августинците во Ерфурт и побарал да го примат во своите редови. Стравот е она што го поттикнало Мартин Лутер во тој правец.

Монашки живот

Во монашкиот живот тој ја видел можноста за остварување на совршеноста во животот која од верниците ја бара Бог. Тоа била и потрага по милосрдниот Бог, со други зборови, тој стравувал дека ќе ја пропушти можноста за вечен живот откако ќе го заврши земниот.

Од почетокот бил забележан од останатите поради ригорозното придржување кон правилата на монашкиот живот. Тоа вклучувало молитви кои траеле и до шест часови дневно, строги постови, самоказнување, потполна исповед и одрекување од сопствената волја. Само 20 месеци по влегувањето во манастирот тој бил прогласен за свештеник.

Откупување од гревовите

Во 1510 Лутер служебно отпатувал во Рим како делегат на монашкиот ред кому му припаѓал. Патувањето го променило. Во тој период, црквата била во големи финансиски проблеми поради изградбата на базиликата Св. Петар. За да ги ублажи финансиските проблеми, ватиканската администрација вовела откупување на гревовите. Тоа значело дека за пари или за добри дела може да се добие простување на гревовите сторени во минатото, но и на оние кои би можеле да бидат сторени во иднина. Постоеле и тарифи за наплата кои зависеле од примањата кои ги имале верниците. Уште подобро: за паричен надоместок - од вечните пламени на пеколот можеле да се спасат и починатите членови на семејството. На почетокот младиот свештеник не размислувајќи критички и самиот учествувал во тоа. Дури подоцна ќе му стане јасно какви негативни последици ќе донесе ваквата пракса.

Lutherstadt Eisleben Luthers Geburtshaus (picture-alliance/dpa/P. Endig)

Родната куќа на Мартин Лутер во Ајслебен

Безуспешна потрага

Година и половина подоцна, во октомври 1512 година, Лутер станува доктор по теологија и станува професор за толкување на Библијата на универзитетот во Витенбург. Во тој период, Литер уживал голем углед кај колегите и претпоставените.

Меѓутоа Мартин Лутер сѐ уште бил истиот човек кој бил во потрага по милостивиот Бог, кој сѐ уште се прашувал: што треба да направам за да ги избегнам пламените на пеколот пред страшниот суд?

Истовремено, тој продолжува да ја проучува теологијата и поминува доста време читајќи ја библијата, а најмногу евангелието на апостолот Павле според Новиот тестамент. Тој бил особено инспириран од евангелието на апостолот Павле. Лутеровата потрагата за милостивиот Бог сѐ повеќе се концентрира на поими како што се „Божја правда“ и „оправдување“ на грешните луѓе пред праведниот Бог.

Gutenberg Museum in Mainz (picture-alliance/dpa/dpaweb)

Библија од 15. век на латински јазик. Од 1534 година на располагање е од страна на Лутер преведената Света книга на германски јазик

Лутеровиот пресврт

На тој начин, во неговата глава се формира она што подоцна ќе стане содржина на неговата реформаторска теологија. Лутер сфатил: Бог не е само праведен и строг судија, туку и Татко кој ги сака луѓето кои ги создал и кој го испратил својот Син во светот за да ги победи гревовите – тоа што ги раздвојува луѓето од Бога.

Од тоа се заклучува: оној кој верува во Бога и неговиот син Исус, нему му е веќе простено. Бог на луѓето веќе им подарил прошка. Со тоа, Лутер го пронашол одговорт на прашањето кое го мачело со години: „Како да добијам милост на денов на страшниот суд“?

Револуционерно учење

Лутер го подигна односот човек-бог на ново ниво. Човекот сега може директно да се обрати на својот Создавач и за тоа не му се потребни црквата, свештениците и светците како посредници. На тој начин, човекот е ослободен од какви било одлуки кои му ги наметнува црквата.

Со тавкото учење е урната позицијата на моќ која ја имала црковната хиерархија. Со тоа, според Лутер, погрешно е и толкувањето дека папата е авторитет кој стои над Библијата. Лутеровите откритија се револуционерни и ги уриваат сите морални начела на целиот среден век. Со тоа, овој свештеник не мисли дека создал нешто ново, туку дека само ја избришал прашината од она што е одамна напишано.

Deutschland Thesen Martin Luthers in Wittenberg (picture-alliance/dpa/J. Woitas)

Тезите на Мартин Лутер на вратата на црквата во Витенберг

Лутеровите тези на вратите на црквата

Поради тие причини во октомври 1517 година тој ги поканил теолозите да разговараат за нововоспоставената праксата на откупување гревови. Никој не се одзвал на поканата. Затоа тој своите тези му ги испратил директно на надбискупот и војводата Албрехт од Бранденбург. А исто така, на 31 октомври ги заковал своите 95 тези на вратата од црквата во Витенберг. Епицентарот на тој потрес бил Витенберг.

Христијаните кои припаѓаат на евангелистичката или протестантската црква денес тој ден го слават како Ден на реформацијата, а во текот на цела 2017 година планирани се повеќе манифестации низ целата земја. Во секој случај, она што се случило пред 500 години, се случило на преминот од средниот во новиот век, го означило и стартот на движењето за обнова на Црквата, почетокот на протестанството и почетокот на бројни реформи во речиси сите сегменти на општеството.

Реклама