Како е да се живее во жариште на коронавирус? | Свет | DW | 01.07.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Како е да се живее во жариште на коронавирус?

Поради жариште на коронавирус во кланицата „Тениес“, цел регион е во вонредна состојба. Комплетни градски квартови се ставени во строг карантин. Репортажа за животот во изолација во Ферл.

„Имате ли со себе и едно и друго – и лична карта и добра волја?" Германски војник во центарот за тестирање во Ферл кај Гитерсло охрабрува младо, тричлено семејство дојдено да се тестира на коронавирус (на насловната фотографија). Лични карти имаат, но добро расположение - тоа е веќе потешко. Уплашено гледаат околу себе. Германската војска го организираше центароот за тестирање во едно училиште, тоа е празно за време на летниот распуст. Трошоците за тестирање се плаќаат од јавни средства, а делумно се на товар на кланицата „Тениес“, каде и изби заразата во тој дел од покраината Северна Рајна Вестфалија.

На младото семејство му е потребна потврда дека не се заразени. Само така можат да отпатуваат на одмор. Притоа, има и летувалишта во кои не сакаат воопшто да примат луѓе од подрачјето Гитерсло, затоа што таму има многу случаи на инфекција.

Михаел Ескен, градоначалник на Ферл, тоа го смета за неправедно. „Со исклучок на работниците од ‘Тениес', едвај и да имаме некој случај на коронавирус", вели градоначалникот. Секако, кај работниците од Романија и Бугарија, кои живеат во населбата на периферија на градот, тоа изгледа поинаку. Тие таму живеат со работници од други фабрики, а има и дел староседелци.

Жичена ограда на крајот на градот

Типична е на пример станбената населба на Лерхенвег: згради заградени со жичена ограда висока два метри и постојани патроли од полицијата и други чувари. Во контејнер веднаш пред оградата постојано дежура лекар. Преведувачи постојано се движат од чуварите на редот до работниците од фабриката и назад. Многу Романци тешко се разбираат, или воопшто не зборуваат германски јазик.

Deutschland Coronavirus Verl (DW/M. Soric)

Станбениот блок каде живеат околу 300 работници од кланицата „Тениес“

Во бетонската новоградба на периферијата на Ферл, гратче со околу 25.000 жители, живеат околу 650 луѓе. Речиси половината, околу 300, се Романци кои работат во погонот за преработка на месо, „Тениес". Тие мора да бидат во карантин, шеесетина од нив се позитивни на тест за коронавирус. За да се спречи натамошно ширење на инфекцијата, тие со симптоми се сместени во простории во задниот дел од зградата.

Повеќе:

Бивш работник во кланицата „Тенис“: „Ноќе слушав колеги како плачат“

Случај „Тенис“ во Германија: 650.000 луѓе назад во карантин

Коронавирус: Мувлосаните домови на работниците во кланицата Тенис

„Тоа е некој вид карантин во карантинот" објаснува градоначалникот Ескен. Тој е на чело на кризниот штаб во кој се претставници на комуналната и обичната полиција, но и активисти од хуманитарни организации. Само ако им успее да го запрат ширењето на короната, премиерот на покраината Северна Рајна Вестфалија, Армин Лашет, најавува укинување на карантинот за подрачјето Гитерсло по една или две недели. 

Повторно може да се замине

За градоначалникот и многу тамошни жители, ситуацијата сепак е подобрена. Дозволено е напуштање на зоната на карантин под претпоставка лицето да не работи во кланицата и да не е позитивно на тест. Сите жители во околината веќе се тестирани, но резултатите стигнуваат полека. И затоа жителите исто таа полека можат да ја напуштат зоната на карантинот.

Градоначалникот е свесен за тоа дека пред сите нив е долг пат. „Ќе поминат месеци додека работите не се вратат како што беа пред короната". А можеби и подолго, во зависност од тоа кога ќе се појави вакцина против вирусот.

Така отприлика размислува и Сузане Грунд, која со сопругот по потекло од Хрватска води еден ресторан во Ферл. Благодарна му е на градот што ѝ помогнал со износ од 9.000 евра, а сопственикот на зградата во која се наоѓа ресторанот, им простил кирија за еден месец. „Сето тоа секако помага", вели добро расположената гостилничарка. Но, ако наесен се случи нов бран на коронавирус, тоа може да значи крај на нивната работа.

Тука Сузане станува сериозна: семејството веќе триесет години живее од тој ресторан. Вели – во Ферл ѝ е убаво. Но, од дваесетина ресторани и кафеани во градот, сега се отворени само една третина. Многумина се плашат да излезат, да не се заразат.

И многумина за сѐ го обвинуваат сопственикот на кланицата, Клеменс Тениес. Сите знаат дека условите за работа во неговите погони се невозможни и воопшто не е чудо што вирусот таму толку брзо се прошири. Но, се жалат и на неодлучноста на политичарите. Веќе долго се знае што се случува во кланицата, требаше, велат тие, да се вршат контроли многу порано и многу построго. 

Сега сите живеат во надеж дека кризата со короната ќе заврши што поскоро. И знаат дека и натаму ќе мора да живеат со вирусот. Добра волја и расположение – тоа во Ферл во последните недели ретко се гледа.

Поврзана содржина

Реклама