Како да се формира влада: Брзај полека! | Македонија | DW | 11.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Како да се формира влада: Брзај полека!

Она што некому му наликува на контрадикторност, во стилот „брзај полека“, не значи дека треба да се биде бавен, туку максимално да се искористи моментот за плодни разговори и квалитетни одлуки, велат дипломатски извори.

Во македонската јавноста засега нема никакви забелешки единствено за донацијата што стигна од ЕУ за Македонија: 31 возило за македонската гранична полиција и две за Центарот за управување со кризи. Сертификатите за донацијата комесарот Јоханес Хан вчера им ги предаде на раководителите на МВР и ЦУК, но тој не замина од Скопје со идентично „сертифицирана“ оценка за пораките што ги испрати по средбите со раководствата на парламентарните партии.

Реакциите се различни. Дел од аналитичарите во праките на Хан препознаваат силен импулс за надминување на сегашниот застој, а други сметаат дека дал сосема контрадикторни сугестии: од една страна дека е потребно брзо формирање влада, а од друга - дека на партиите им е потребно уште време за преговори.

Во дипломатски кругови велат нема ништо контрадикторно во овие сугестии. 

„Да, ЕУ очекува брзо формирање влада, но ако на партиите им е потребно уште некое време за консултации, треба да си го дадат тоа време со цел да донесат најдобра одлука. Она што некому му наликува на контрадикторност, во стилот 'брзај полека', воопшто не значи дека треба да се биде неосновано бавен или непродуктивно да се губи времето. Ова само значи дека треба ефикасно и максимално да се искористи актуелниот момент за плодни разговори и квалитетни одлуки“, велат дипломатски извори.

Големи и мали

Домашните медиуми посветија големо внимание на сугестиите на комесарот и на нивна анализа, од различни аспекти: дали и како ќе влијаат тие во натамошниот тек на настаните, но и од аспект на нивното значење во мултиетничка Македонија.

„Главната порака на Хан беше дека треба да се надмине оваа тензија која се создава во општеството, оваа атмосфера на притисок, како и влевањето страв што се прави кон граѓаните, а политичките партии да делуваат така како што ветиле за време на кампањата - да се зафатат за работа и да почнат да работат. Ова се постигнува само со создавање нова влада и со започнување на приоритетните реформи, кои најмалку беа дел од кампањите на сите политички партии“, изјави за ТВ „Алсат М“ аналитичарот Алберт Муслиу.

Забелешки за игнорирање на помалите етнички заедници има Иван Стоиљковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија, која е дел од владејачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

„Сѐ е по старо. Европската Унија ги повторува старите грешки. Комесарот не најде за потребно да се сретне со лидерите на помалите етнички заедници во Македонија и со тоа јасно стави на знаење дека го доведуваат во прашање принципот на мултиетничност во Македонија. Од тој аспект, ние како припадници на помалите етнички заедници во Македонија сѐ уште не сме задоволни од третманот на ЕУ. Од друга страна, еврокомесарот прво изјави дека е потребно брзо формирање влада, а пред заминување дека сѐ уште им треба време на лидерите да преговараат за да се дојде до квалитетно решение. Неговите изјави само покажуваат дека не постои единствена политика во ЕУ, не само во однос на Македонија, туку и за севкупните случувања на Балканот“, изјави Стоиљковиќ за ТВ „Сител“. Декларацијата на албанските партии тој ја смета за „класично уривање на Охридскиот договор, односно на Уставот, со оглед дека Охридскиот договор е преточен во уставни амандмани“. 

Johannes Hahn (dapd)

Хан најави дека повторно ќе дојде во Македонија

Едно општество за сите

Токму ставот кон декларацијата што ја усвоија партиите на Албанците во Македонија е еден од „пишаните материјали“ кои по средбата со Хан лидерот на ДУИ ги потенцираше како предуслов за да се расправа дали партијата ќе му ги даде потписите на Зоран Заев за да го добие мандатот. Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, појасни дека такви документи не се бараат само од лидерот на СДСМ.

„ДУИ и досега и отсега расправа само врз основа на пишани документи “, рече Османи, одговарајќи потврдно на прашањето - дали и сите коалициски договори со ВМРО-ДПМНЕ се засноваат на пишани гаранции. Артан Груби, пратеник и шеф на кабинетот на лидерот на ДУИ, објасни дека материјалите што ги бара ДУИ од СДСМ се однесуваат на повеќе работи.

„Првиот дел е хармонизација на политичките ставови околу многу ситуации во земјава, извештајот на Прибе, СЈО, Охридскиот договор, албанскиот јазик и многу други прашања што Владата ќе треба да ги застапува во наредниот период. Вториот дел се однесува на хармонизација на платформите што ги имавме на последните избори, односно она што им го ветивме на граѓаните. Третиот дел се однесува на поделба на ресорите, а четвртиот дел е роковникот за сето ова да се исполни“, прецизира Груби.

Во наредните денови се очекува ДУИ да ги добие ставовите на СДСМ за сите прашања кои се предмет на разговори. Лидерот на СДСМ уште завчера изјави дека партијата не бега од оценка за платформата.

„Ние го отворивме концептот - едно општество за сите, и од денеска сум прв од коалицијата на СДСМ кој бара бара потписи од албанските партии за да добие мандат. Се потврди лагата на ВМРО-ДПМНЕ: нема кантонизација, нема федерализација. Сѐ што се разговара е во рамките на Уставот на Република Македонија. Не треба да ги направиме малцинските етнички заедници во Македонија специјални, посебни. Треба да ги направиме еднакви, затоа што Република Македонија е мајка еднаква за сите граѓани во државата“, рече Заев.

Од ЕУ ќе следат како течат процесите за состав на влада без да се мешаат во одлуките и изборот на партиите, а комесарот Хан најави дека повторно ќе дојде. 

DW.COM

Реклама