Како да препознаете лажни вести? | Свет | DW | 15.01.2022
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Како да препознаете лажни вести?

За пандемија, миграција - лажните вести на социјалните мрежи се шират шестпати побрзо отколку вистинските. Но, како да ги препознаете и проверите? Тимот на Дојче веле за проверка на факти ви нуди одговори.

Во април на Фејсбук кружеше скриншот од наводен цитат на копретседателката на Партијата на Зелените, Аналена Бербок во кој таа бара забрана за приватно чување животни, зашто куќните миленици произведувале премногу штетен јаглероден диоксид.

Пред неколку години во Бразил преку Ватсап групи секавично се ширеа вести во прилог на деснопопулистичкиот претседател Жаир Болсонаро. Во информациите се тврдеше дека конкурентската левичарска Работничка партија (ПТ) планира воведување или комунистичка диктатура или легализација на педофилијата.

Jair Bolsonaro

Дезинформации во корист на Жаир Болсонаро

Во текот на  пандемијата кружеа видеа и постови во кои медицинари даваа изјави целосно спротивни на официјалните ставови за борба против коронавирусот.

Што е заедничко на сиве овие примери? Станува збор за т.н. „fake news", лажни вести,  дезинформации,  значи информации кои се или целосно или делумно неточни, но кои свесно се пуштаат во оптек за да дејствуваат на одредени политички одлуки или едноставно да остварат што поголем број посети на социјалните мрежи.

Лажните вести се шират со молневита брзина и во меѓувреме прераснаа во еден од најголемите проблеми на дигиталниот свет. И на корисниците во меѓувреме им е тешко да ги разликуваат од веродостојните информации. Затоа овде донесуваме неколку совети за соочување со лажни информации со кои постојано се среќаваме на интернет.

Гледај видео 01:59

#dw_BalkanBooster: Лажни вести и проверка на факти

Важна е недовербата

Во најновиот Извештај за дигитални вести на Институтот Ројтерс од Универзитетот во Оксфорд, повеќе од половината анкетирани изјавиле дека во текот на претходната недела виделе  лажни или збунувачки информации  за коронавирусот. Повеќе од една четвртина навеле дека сретнале лажни вести за познати личности.

И овој извештај покажува: сите оние кои користат интернет, вклучувајќи ги и комуникациските платформи, би требало притоа содржините да ги посматраат со одредена доза недоверба. И не секогаш да се прима сѐ здраво за готово, посебно ако станува збор за набиени емоции или контроверзни теми. И тоа посебно ако темите се претставени спектакуларно.  

Да се вратиме на примерот на Аналена Бербок (во меѓувреме германска министерка за надворешни работи) и нејзиното наводно барање околу чувањето домашни миленици, лажна вест, на која без оглед на фактот дека е тешко да се верува во ваква глупост, наседнале илјадници лица.

Тоа не би се случило ако се следат неколку правила:

  • Дали станува збор за тема која посебно ме засега, зашто и сам имам домашен миленик?
  • Дали од веста е јасно кој е изворот и во која прилика е изречен споменатиот цитат?
  • Звучи ли воопшто изјавата логично ако се поврзе со Аналена Бербок?
  • Кој профитира од ваква вест која ја дискредитира политичарката Бербок и нејзината партија?
  • Укажува ли нешто во веста на непрофесионална заднина, на пример правописни или граматички грешки?

Кој стои зад веста?

Лажните вести до корисниците обично стигнуваат во форма на пост на некоја од социјалните мрежи, како Фејсбук, Инстаграм или Твитер. Секогаш треба да се фрли поглед на оној кој шири ваква вест, да се провери профилот. Често уште на прв поглед се гледа кои се намерите на оној кој ја шири таквата информација. Често меѓутоа веста не ја шири реално лице или организација, туку автоматски механизми, како ботови или тролови. 

Гледај видео 02:18

#dw_BalkanBooster: Во потрага по лажни вести

Друг најчест канал за ширење лажни вести се платформите за комуникација и сервиси, како Ватсап (WhatsApp).

Преку овој сервис се прошири и претходно наведената дезининформација за Работничката партија на Бразил. Кампањата кај фирма специјализирана за кампањи преку вакви платформи ја нарачала група стопанственици кои сакале победа на Болсонаро во 2018 година. До броевите се стигнало преку претседателската кампања на Болсонаро.

Ако ваква порака сте добиле од некој познат, можете да го прашате од каде му е веста. Во голем број случаи, што е знак за предупредување, оној кој ви ја пратил пораката, само ја препратил.

Ватсап во меѓувреме реагираше и пораките кои се само пренесени ги означува со стрелка. Ако видите две стрелки, тоа значи дека пораката повеќепати е натамошно проследувана. Ватсап автоматски оневозможува засилено ширење на вести кои веќе многупати се препраќани.

Ако пораката содржи линк кон некој друг медиум, не е на одмет да проверите за каков медиум станува збор. И овде многу брзо детали како граматички грешки, премногу реклами, лош дизајн или непостоење импресум можат да укажуваат дека станува збор за несериозен медиум, па можеби и за сатира.

Screenshot | World News Daily Report

Скриншот од World News Daily Report - „каде фактите не важат“

Една од таквите страници е и worldnewsdailyreport.com која е преплавена од вести од ваков вид: „Брод исчезнат во Бермудскиот триаголник се појавил во Сахара“ или „Брат и сестра од Њу Џерси конечно смеат да склучат брак“. Но, на втор поглед е јасно дека станува збор за сатира: „World News Daily Report – Where facts don´t matter” („каде фактите не се важни“), велат самите сопственици на страницата.

Но, не се сите страници толку безопасни: преку некои од линковите кон наводни ексклузивни содржини се доаѓа до страници кои имаат само едно на ум: како да ви пренесат штетен софтвер.

Дали е точно она што се тврди?

Во однос на самата содржина, прво би требало да се запрашате: има ли воопшто смисла тоа што се тврди во текстот или она што го сугерира некоја фотографија?

Друг чекор би бил и сами да ја истражите темата на интернет. Некоја спектакуларна вест или бомбастична изјава сигурно нема да биде објавена само на еден портал. Ако станува збор за јавни институции, како Епидемиолошкиот институт Роберт Кох, официјалните страници можат да послужат за веродостоен извор. Зашто, поединечни изјави на медицинари на Јутјуб треба и да се толкуваат како такви – како одделни изјави. Друга работа е ако голем дел од професијата стои зад некое тврдење.

Истото важи на пример и за тврдења за некоја политичка партија или организација. Со проверка на содржините на страниците на медиумите или организации за кои станува збор, лесно се доаѓа до одговор.

Тука се исто така и бројни страници кои се занимаваат со проверка на некои тврдења, каде можат да се пронајдат анализи на многу текстови кои ги разбранувале духовите. Меѓу страниците кои се занимаваат со анализа на сомнителни содржини е и Дојче веле.

Добро размислете пред препраќање на информација

Конечно, тука е и одлуката што ќе направите со пораката која сте ја добиле: автоматски ќе ја проследите натаму или добро ќе размислите за содржината. Често за ова последново нема време, па се реагира рефлексно. Често зад таквите пораки и не стојат лоши намери, туку едноставно емоции или сопствен комодитет.

Но, ако имате сомнеж во содржината, едноставно откажете се од проследување. Уште подобро е да го контактирате оној кој ви ја испратил пораката и да му ги изразите своите двоумења.