Како во германските медиуми се гледаше на македонската независност: Уште висат портретите на Тито | Северна Македонија | DW | 08.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Како во германските медиуми се гледаше на македонската независност: Уште висат портретите на Тито

Се променија ли многу работи во Македонија во изминативе 30 години од независноста? Надминати ли се проблемите кои ја мачеа новородената држава? Еве како известувал германскиот печат пред 29 години

Прогласувањето на независноста на Република Македонија на 8 септември 1991 година помина речиси незабележано во тогашниот германски печат. Вести, претежно агенциски, се појавуваат на повеќе места во архивите на весниците и магазините, но повеќе како фуснота во пошироките информации за веќе разгорената војна во Хрватска и опасноста од ширење на конфликтот во Босна и Херцеговина. Пошироки анализи, интервјуа или репортажи од земјата не најдоа место во водечките печатени медиуми во деновите пред и по референдумот. Интересот за новата држава расте дури во месеците потоа, по отворената блокада на меѓународното признавање од страна на Грција поради спорот со името, внатрешните превирања во земјата и растечката опасност од прелевање на југословенскиот конфликт на југот на Балканот.

Во продолжение пренесуваме еден текст од магазинот (Ди) Цајт објавен на 6 ноември 1992, повеќе од една година по прогласувањето на независноста со наслов „Земја меѓу војна и граѓанска војна". Го одбравме овој текст затоа што со многу детали пренесува дел од атмосферата во Македонија во тоа време. Истовремено, преку перото на авторот Михаел Туман, репортажата, се чини, доловува и како во Германија се гледало на новата држава- на моменти потценувачки, а во делови и навредливо се зборува за македонска „нација“, за конструирани јазик и историја, за „славомакедонци“, итн. Од денешна перспектива, 29 години подоцна, сепак интересно четиво за споредба каде била и како се гледало на земјата во 1992 година. 

+++

Во една чајџилница во Старата скопска чаршија над шанкот висат три портрети од Тито: една фотографија од Маршалот на работна маса, златен профил на Тито на црвен сомот и неговиот лик исплетен на тепих. Дали му се укажува преголема чест на комунистичкиот лидер Јосип Броз, наречен Тито, кој почина во 1980 година? „Во негово време сите народи во Југославија живееја во мирна и обединета земја”, го оправдува Зејнула Чозовиќ култот кон неговата личност. Сопственикот на чајџилницата си има свои причини за тоа. Тој е Муслиман, семејството му потекнува од Србија. Родителите по Втората светска војна се преселиле во Скопје, тој пораснал тука. „Српскиот ми е мајчин јазик. На училиште научив македонски. Со роднините во Истанбул зборувам турски.” 

Таквиот микс во Скопје можеби е исклучок. А, сепак е типичен за Македонија, најјужната република во поранешна Југославија. Земјата е повеќенационална држава во повеќенационалната држава. Тука живеат словенските Македонци покрај Албанците, Србите покрај Турците, Ромите покрај Власите. Славомакедонците се најголемата етничка група. Тито по нив ја нарекол Републиката која ја создаде во 1944 година. Научници тогаш развија македонско писмо и ја конструираа историјата на оваа „нација”. Кога се распадна животното дело на Тито- социјалистичка Југославија, таа остана.  

Проблематично минато

Токму тоа име го попречува меѓународното признавање на земјата. Грците го свртеа светот против својот балкански сосед. 

„Македонија” не може да биде име на држава, се вели во Атина, туку е ознака за географски простор. Се работи за матичното кралство на македонскиот крал Александар Велики, за чии што наследници Грците се сметаат себеси. Иако Македонците во Скопје се Словени кои во времето на Александар Велики не живееле тука, тие античкиот крал го вбројуваат во своите херои. Ѕвездата од неговата династија сега го краси новото знаме на државата. Младата држава е жедна за традиција - а, со оглед на тоа дека Македонија не беше бренд во тој поглед, од бакалницата на историјата си зела што ù било потребно. 

Македонија Александар Велики Споменик Скопје

Споменикот на Александар Велики во Скопје

 
Но, во Скопје на драго срце се потсетуваат на минатото. Во грчката граѓанска војна пред 40 години Словените морале да бегаат од грчка Македонија. Денес многумина од нив сакаат да се вратат, тврди организацијата „Достоинство”, македонско здружение на протерани лица. Нивниот претседател Коле Мангов жестоко се залага за отштета од грчката држава и го напаѓа наводното угнетување на Словените во Грција. Таков став застапува и националистичката партија ВМРО. Името потекнува од организација на славомакедонски илегални борци од 1893 година. Денешниот претседател Љупчо Георгиевски потсетува на револуционер од тоа време. 27-годишниот доцент носи долга коса и брада; темната памучна кошула му виси преку панталоните. Но, Георгиевски не е секташ. Тој е лидер на најсилната македонска партија. Георгиевски седум месеци беше заменик-претседател на државата, а сега ја предводи опозицијата. Во партиските документи е отпечатена карта на Голема Македонија која ја опфаќа речиси цела Северна Грција. На партискиот конгрес делегатите си дошепнуваа „Следниот конгрес ќе го одржиме во Солун”. Партијата го крчка македонското прашање кое низ историјата од страна на Србите, Бугарите и Грците секогаш беше решавано со поделба на Македонија.  

Заглавени во рецесија 

„Со картите екстремистите му наштетуваат на угледот на нашата земја", укорува претседателот Киро Глигоров. Министерот за надворешни работи, Денко Малески не е среќен со знамето кое непотребно ја провоцира Атина. Но, кога е во прашање името двајцата заземаат непоколеблив став. Се надеваат на скорешно признавање откако името ќе влезе во секојдневна употреба.  

Киро Глигоров Македонија Претседател

Првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров

Претседателот го брани и членот 49 од Уставот. Тој на владата и наметнува обврска да се грижи за Македонците „во соседните земји”. Вметнат е и додаток, барем така Глигоров ја оправдува националната мисија, според кој „мешањето во работите на други држави”, како на пример Грција, е забрането. Зошто Парламентот едноставно не го извади спорниот член, тој не објаснува. Македонските политичари во спорот постојано посочуваат на грчката трговска блокада од која земјата страда. Премиерот Бранко Црвенковски се жали дека има недостиг од нафта, резервни делови и машини. Македонија е заглавена во рецесија. Тој застанува на прозорецот и покажува кон градежниците кои штрајкуваат пред владината зграда поради сопирањето на платите. „Ние пред сѐ сме производители на тутун и вино”, нагласува Црвенковски, но заради војната во Босна и Херцеговина „нашите традиционални откупувачи ги снема”. Од меѓународните пазари се целосно изолирани. 

Ако пак прошетате низ големиот скопски пазар на тезгите ќе добиете впечаток дека барем најнужните работи се достапни. На втор поглед на прашокот, сапунот или шеќерот ќе забележите дека стојат турски или бугарски натписи. Дури и ќесите за пазарење се од Турција. Анкара и Софија ја признаа Македонија. Од неодамна двете земји испорачуваат и нафта.  

Албанците бараат еднаквост 

Но, источните пријатели не можат да му помогнат на Скопје на најопасниот фронт. Низ земјата се надзира јаз. Додека Македонија во светот се бори за признавање, Албанците бараат еднаквост. По Славомакедонците тие се најголема етничка група и сочинуваат меѓу 20 и 40 отсто од населението. „Не сме малцинство во Македонија”, се нервира претседателот на Народната демократска партија (НДП) Илјаз Халими во врска со Уставот. Албанците според него исто како и Македонците треба да бидат „државотворен народ”. Фактичкото изедначување со Власите кои не се ниту еден процент од двомилионското население, било дискриминација.  

Албанци има на само три проценти од водечките позиции во земјата, се жали Халими. Тој бара албанскиот јазик да стане втор службен јазик во земјата, да има универзитетска настава на албански и телевизиска програма на албански јазик. "Ние немаме ниту дневен весник”. Македонците според него се јазични националисти кои албанските табли ги заменуваат со кирилични - дури и на патоказите кон џамиите. На вратата на неговиот партиски огранок непознати лица со спреј ја пишале кратенката за славомакедонската националистичка партија ВМРО. Понекогаш фрлаат и камења во прозорците. 

Македонија Невзат Халили

Невзат Халили (десно) на протест во Скопје во 2014 година

Првиот човек на најголемата албанска партија ПДП, Невзат Халили, остро ја критикува владата: на изборите во 1990 биле фалсификувани резултатите. На мистериозен начин исчезнале кутии со гласачки ливчиња. Изборните единици биле исцртани на начин што Албанците секогаш остануваат малцинство. При пописот „повторно сакаа да нѐ измамат, затоа и повикавме на бојкот”. Халили бара автономен регион за Албанците околу Тетово и Гостивар. Потсетува на референдумот во јануари 1992 кога 74 проценти од Албанците гласале за автономија во рамки на републиката. „Ако Македонците тоа не го прифаќаат мора да се отцепиме”. 

„Домаќини" и „гости“ 

За историчарот Блаже Ристовски тоа не доаѓа в предвид: „Не се боревме залудно со децении за оваа држава." Седиот научник присебно ја објаснува историјата на Македонија. Неговата рака се стега во тупаница само кога ги отфрла албанските обвинувања: „Тие лажат како Цигани!” Ристовски ги доживува Албанците како гости во Македонија кои „треба примерно да се однесуваат”, инаку ќе мора “да бидат протерани”. Претпоставува дека многу Албанци доаѓаат од Косово во Македонија, додека Владата седи со скрстени раце. И лидерот на ВМРО, Георгиевски, на кабинетот на Црвенковски му префрла пасивност во однос на албанското прашање. Тој бара „забрана за доселување”. 

Македонија Љубчо Георгиевски ВМРО-ДПМНЕ

Љубчо Георгиевски, поранешен премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Минатата недела Парламентот усвои закон кој одредува дека македонско државјанство може да добие само лице кое живеело најмалку 15 години во државата - успех за Георгиевски. Албанските пратеници не учествуваа на седницата. Заглавена во кавгата меѓу македонските и албанските националисти на владата и се заканува распад. Претседателот Глигоров, човек со искуство на фронтот, кој уште во 1944 бил член на Сојузот на комунистите знае: „Ако екстремистите дојдат на власт ќе има војна”. Фронтот во внатрешноста на земјата може да се поврзе со надворешниот, предупредува премиерот Црвенковски: „Ако Србите ги нападнат Албанците на Косово, ќе дојде помош од Тетово и Гостивар”. За Албанецот Илјаз Халими тоа се подразбира: „Ние сме еден народ!" вели тој на германски.  

Како би реагирале Србите ако бунтовните Албанци добијат засилување од Македонија, никој не се осудува да претпостави. Први пукотници на македонско-српската граница веќе имало. Повод беа само неколку колчиња за околчување во спорниот пограничен регион. Но, на албанска запрежна кола полна оружје српските војници секако не би реагирале ништо поумерено. 

На балконите во Скопје и во градините во предградијата наредено е огревно дрво за следните месеци. Луѓето со поголемо внимание од порано се подготвуваат за зимата. Македонци и Албанци прават зимници од сѐ што може да им падне во рака. Теглите се множат под креветите и на фрижидерите. И Зејнула Чозовиќ се сомнева дека луѓето уште долго ќе му доаѓаат во чајџилницата така весели како што тоа е случај оваа есенска вечер. Тој веќе има план за секој случај. Ако „војната дојде преку планината од север”, ќе си ги собере парталите сосе трите слики од Тито и ќе замине во странство. 

 

DW.COM