1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

Каква е соработката на македонските со бугарските медиуми?

14 декември 2020

Искуствата се различни: некаде е минимална, некаде во подем. Во секој случај, засега недоволна.

https://p.dw.com/p/3mgnG
Symbolbild Interview
Фотографија: Fotolia/THPStock

Има ли, и каква е соработката на македонските медиуми со бугарските? Прашањето се актуелизира со бугарската блокада на почетокот на македонските преговори со ЕУ, кога информациите од Софија за првпат максимално доминираа во ударните вести, за разлика од претходни периоди, кога бележеа никакво, или многу мало присуство. За тоа колку се фреквентни информациите од Бугарија во земјава, колку бугарскиот збор се слуша на македонските телевизии, преку информативните и другите програми, ДВ разговараше со раководните лица на неколку македонски телевизии. Искуствата се различни. Соработката некаде е минимална, некаде во подем, во секој случај, засега недоволна.

Почетоци со играна продукција

Атанас Кировски, директор и главен уредник на телевизија „Телма“ вели дека пред помалку од две години направиле обиди за започнување заеднички проекти со бугарски медиуми, но за жал, тие завршиле без успех. Причините, секако, не се од политички, туку од бизнис карактер, со оглед дека станува збор за приватни медиуми.

Повеќе искуство има ТВ „Канал 5", пред се, во емитување на бугарска играна продукција, кое започнало, како што вели директорот Иван Мирчевски - далеку пред овие денешни политички проблеми.

„Во играната продукција, во 2011 година ги емитувавме сериите „Комшиски мајтап“ и „Стаклен дом“, а пред неполни две години про боно и серијата „Дрвото на животот“. Сите три покажаа слаб рејтинг кај публиката, но сепак, сигурно ова нема да значи крај за емитување на некоја идна квалитетна бугарска тв-серија. Во ‘Канал 5' се прави селекција на програма врз база на квалитетот и претпоставениот комерцијален успех, а не на земја на производство“, вели Мирчевски.

Во однос на информaтивната програма, според Мирчевски, редакција почесто соработува со новинари, отколку со телевизии.

„Тоа е, пред сѐ, поради личните контакти кои што ги имаат нашите новинари и уредници, и тоа најчесто со г-нот Нешков од БГНЕС и со г-динот Коритаров од ТВ ‘Европа', но тоа не значи дека немаме соработка и со други бугарски новинари, интелектуалци или аналитичари. Поради целата оваа политичка ситуација со Бугарија, која во оваа ‘рунда' заврши на наша штета, на нашиот сајт последните 3-4 месеци пласираме многу повеќе вести кои се поврзани со, и доаѓаат од Бугарија. Притоа вестите секогаш се преземени од релевантни бугарски извори, и секогаш со соодветен линк до оригиналната вест, а неретко ја цитираме и редакцијата на Дојче веле на бугарски јазик“, објаснува директорот на ТВ „Канал 5“.

Symbolbild Laptop & Internet
Навреди, говор на омраза од корисници од БугаријаФотографија: picture-alliance/dpa/empics/D. Lipinski

Но, и покрај држењето до релевентноста на изворите, телевизијата се соочила со силен говор на омраза, закани и навреди, за што ги информирале надлежните институции.

„Последните неколку месеци добиваме информации дека ‘Канал 5' е најгледана и не знам дали е тоа причината, но нашaта ФБ - фан страница е буквално ‘окупиранa' од бугарски граѓани, кои многу често во коментарите шират сериозен говор на омраза, навреди, закани. Тоа секогаш се случува во нивните коментари под вестите поврзани со Бугарија, особено оние кои се однесуваат на нивната историја или на актуелни политичари. Затоа моравме да поднесеме и кривични пријави до МВР за одредени лица и да ја известиме меѓународната заедница за зачестениот говор на омраза и закани насочени кон ‘Канал 5', но и кон сите граѓани на Македонија, пред сѐ Македонци, но и Албанци и Срби. Уредувачката политика на ‘Канал 5' е таква, што ние сметаме дека медиумитетреба да ја смират тензијата меѓу политичките елити на двете земји кои знаат да шират невистини, навреди и говор на омраза, а не обратно, политичарите да бараат да се ‘дисциплинираат' медиумите", дециден е Мирчевски.

Програма има, пристап до фондови не!

Во моментов, единствено од ТВ „Алфа“ може да се пофалат со емитување на играна продукција од Бугарија, а најавуваат и нови содржини за кои веќе е склучен договор.

„ТВ ‘Алфа' е единствена од петте национални телевизии во Македонија која емитува телевизиска програма на бугарски јазик“, вели програмскиот директор на телевизијата, Јани Бојаџи.

„Се работи за најуспешната играна серија на сите времиња во Бугарија, ‘Украден живот', која е во жанрот на т.н. медицински драми, се емитува во прајм тајм - 21 часот, секој ден од понеделник до петок и во моментот е најгледаната играна продукција на ‘Алфа' според измерените резултати во нашиот прајм тајм. Серијата има околу 500 епизоди и ‘Алфа' постигна договор за целиот серијал, вклучително и за оние епизоди што допрва се снимаат во Бугарија", најавува Бојаџи. Објаснува дека дистрибутер за Балканот е грчката телевизија „Антена" и целата комуникација е помеѓу Бугари, Грци и Македонци, кои зборуваат на јазикот на разбирањето и потребата еден од друг. ТВ „Алфа“ со дистрибутерот „Антена" склучила договор и за емитување на уште две серии од Бугарија: „Месечина од боровници" и „Пат на честа“, серии од „А" категорија, и како што вели Бојаџи - со продукциска вредност на американско ниво. Во нив играат најпознатите бугарски актери од кои голем дел на македонската публика и се познати од сериите „Соседи во акција" и „Подземје", две успешни бугарски серии што ги емитувала „Алфа“, како и многу популарното и гледано социјално-правно шоу во Бугарија, „Судски спор". Но, напорите не завршуваат со тоа.

„Во интензивна потрага сме по начин како на нашата програма и на нашите гледачи да им го донесеме едно од најгледаните готварски шоуа во Бугарија. Се надевам дека многу брзо ќе дојдеме до договор. ‘Алфа' е телевизија која не робува на стигми, етикети, притисоци, политички влијанија, особено на политикантски влијанија во однос на програмирањето и форматирањето на нашата програма. Јас како програмски директор, и Методи Алексов како програмски уредник имаме унисоно мислење во однос на тоа дека единствениот критериум ни е квалитетот и публиката за која работиме. Но во исто време сме свесни за одговорноста што ја имаме како национална телевизија, која мора да внимава на својата политомија, дека освен што треба да ги информираме и забавуваме, имаме должност нашите гледачи и да ги образуваме“, вели програмскиот директор на ТВ „Алфа“.

Mazedonien TV Alfa neu
ТВ Алфа, архивска фотографијаФотографија: Petr Stojanovski

Притоа укажува дека како единствена телевизија со опозициска уредувачка политика во однос на власта, мора да понудат и содржини кои нудат можности за различни гледни точки во сите сфери на општеството, па во таа смисла нудат и сосема различна програма од конкурентските национални телевизии: во нивниот прајм тајм ја емитуваат и една од најгледаните српски тв-серии во последните десет години „Вистини и лаги", а во тек се преговори за купување и емитување на најновата франшиза на телевизиска драма на грчката национална телевизија „Антена".

„И покрај тоа што ‘Алфа' и јас сме предмет на напади од страна на владејачката партија СДСМ и нивната Влада преку портпаролите, политичарите на таа партија па дури и од премиерот, дека шириме антибугарска и антисоседска пропаганда, останува фактот дека ние сме единствениот мост на комуникација каде Македонците и Бугарите создаваат идентификација едни со други како блиски народи, за жал, низ актуелните состојби на корупција, интриги и социјална беда во која се втурнати и Македонците и Бугарите низ лавиринтите на здравствените и општествените системи на двете соседни и блиски земји. На крајот, важно е да се знае дека иако ‘Алфа' е единствена национална телевизија која емитува програма од Бугарија и Грција, е и единствената ТВ која нема пристап до средства од фондовите на владините агенции од програмите за поддршка на добрососедските односи“, потенцира Бојаџи.

Вели дека немаат поддршка и од ниту една од многуте овдешни програми на ЕУ за добрососедски односи, а владејачката партија СДСМ која јавно протежира дека се залага за унапредувањето на односите помеѓу двете земји, дури ни за избори, кога може тоа да го прави согласно со законот, не се огласувала на „Алфа“ со средства од државата, кои оваа телевизија подоцна ги инвестира во размена на телевизиска продукција. Тоа според Бојаџи, укажува дека заложбите на партијата на власт и на македонската Влада за развој на добрососедските односи се само декларација и флоскули кои не произведуваат никаква конкретна општествена акција.

Размена на информации

Од јавниот радиодифузен сервис МРТВ,  искуствата ќе ги споделат во наредните денови. А според искуството што го сподели дректорот и Главен и одговорен уредник на Македонската информативна агенција (МИА), Драган Антоновски, освен за ветото, во медиумите нема друг интерес за дневните случувања во Бугарија.

„Можам со сигурност да кажам дека македонските новинари не пренсуваат и не се заинтересирани за толку голем број на информации за Бугарија, колку што Бугарија ги пренесува случувањата во Македонија на сите нивоа“, вели Антоновски.

Пред сѐ, поради финансиски причини, традиционални медиуми немаат дописници од Софија, а го нема дури ни МИА.

„Веке подолго време МИА бара и дописник од Софија, и во моментов сме во преговори со еден бугарски колега, но сето тоа ќе зависи од новиот буџет и од можностите“, вели Антоновски.

Во меѓувреме приливот на информации доаѓа преку АБНА (Асоцијација на балканските новински агенции) формирана во 1995 година, со цел да развие целосна соработка меѓу новинските агенции во регионот.

„МИА има солидна соработка на тој план. Ние сме дел од агенциската мрежа АБНА и имаме дневна размена на пакети на информации за случувањата во сопствената земја, што значи дека МИА и бугарската новинска агенција БТА имаат 20 годишна соработка. Во последните три години склучив договор за соработка и со приватната агенција БГНЕС, како што истото го направивиме и со српската ТАНЈУГ, плус приватната новинска агенција БЕТА", објаснува Антоновски.

Вели дека индивидуално, како новинар, е дел од група новинари од влијателни медиуми од Бугарија и Македонија, здружени под името „Викенд на дијалог“.

„Групата се покажа како доста корисна, бидејќи на дневно ниво разменуваме информации за настани, и проверуваме вести, што е многу битно во ерата на фејк њуз, исто така проверуваме коменатари од автори за тоа колку напишаното е професионално, а колку е пропаганда. Како новинар контактирам и со неколку бугарски аналитичари, но мислам дека се тоа е понов тренд, нешто што се случува овие години по потпишувањето на Договорот, и не мислам дека тоа е тренд кај повеќето медиуми“, вели Антоновски.