Каква би била „судбината“ на Европа без САД? | Свет | DW | 31.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Каква би била „судбината“ на Европа без САД?

Како несогласувањата меѓу Трамп и европските лидери, во прв ред Меркел, би можеле да влијаат врз европската одбранбена политика?

Зборовите на германската канцеларка Ангела Меркел од баварскиот шатор, за тоа како Европа не може без исклучок да се потпре на САД, туку мора да верува во себе, во прв ред беа дочекани со воодушевување. Потоа дојде прашањето: дали Европа во поглед на одбраната и безбедносната политика е способна да опстои без помош на САД?

Во заднината на приказната е колебањето на претседателот Доналд Трамп да покаже посветеност на членот 5 од Статутот на НАТО, кој се однесува на солидарноста во случај на напад на една членка од Алијансата. Трамп повеќепати ги критикуваше партнерите чии трошоци за одбрана не достигнуваат 2 отсто од буџетот, како што тоа го предвидуваат договорите во рамки на НАТО. Доколку неговите закани се остварат, па Америка како воена сила веќе не биде гаранција за безбедност на останатите членки на НАТО, дали е Европа подготвена да ја преземе работата во свои раце?

Ова во секој случај е одлична можност Европа да го стори тоа, вели за ДВ Ник Витни од Европскиот совет за меѓународни односи. Според него, Европа сега е притисната меѓу заканите на администрацијата на Трамп и Русија. Олеснителна околност е тоа што Франција, по изборот на Емануел Макрон има претседател кој покрај Меркел може да биде двигател на новата европска самодоверба.

„Лесно беше досега да се препознаат потребите, но потоа да се одложи работата со зборовите: можеби наредната година, ако буџетската ситуација го дозволи тоа“, вели Витни, кој е поранешен висок претставник на Европската агенција за одбрана. „Потребен е ригорозен попис на инвентарот, да видиме каде фрламе огромни количества пари на работи кои никому не му требаат и како да избегнеме удвојување на работата.“

Лекциите од Либија

Кога европските држави во 2011 година се обидоа да преземат иницијатива во нападите врз Либија, брзо се покажа дека интервенцијата мора да прерасне во интервенција на НАТО, бидејќи Европејците немаа доволно разузнувачки ресурси, па дури им се случуваше да останат без муниција. Одговорот беше американска поддршка. Затоа и Стивен Бископ од белгискиот Кралски институт за меѓународни односи смета дека единствената шанса за Европа лежи во соработка во областа на трошоците и инвестициите во одбраната. Со политиката на Вашингтон која Бископ ја нарекува „прво Трамп“, приоритетите на САД можеби ќе се совпаднат со европските, а можеби и нема. Затоа, заклучува, Европа треба да тргне по патот „прво Европа“.

Говорејќи за врежаната слика за руската закана за европската безбедност, Бископ вели дека таа приказна е претенциозна, бидејќи Русија ни одблизу не е толу силна колку што се преставува. Тој додава дека 28-те членки на ЕУ имаат вкупно 1,5 милиони луѓе во униформа, мнозинството професионални војници. „Но кога станува збор за испраќање сили надвор од нашата територија, тоа не е можно без САД, бидејќи немаме инсвестирано во стратешки опции - во долголиниски транспорт, сателити, беспилотни летала, авиони-такери...“.

Приоритет на Европа треба да биде токму развојот на горенаведените ставки, при што државите би требало да ги поделат трошоците - тогаш ни магичните 2 насто од буџетот не би морале да бидат достигнати. Но тоа, признава Бископ, ќе биде тешка задача со оглед на тоа дека националните држави нема да сакаат да се откажат од целосна контрола врз одбранбената индустрија.

А нуклеарниот арсенал?

Ник Витни најголем проблем гледа на друго место. Тој укажува на тоа што се вика „ултимативна бариера“ во вид на американски арсенал на атомско оружје. Во моментов, наведува пример, малку е веројатно дека Русија ќе се обиде да изведе инвазија врз балтичките држави, но „доколку би постоел сомнеж во американската нуклеарна гаранција за безбедност, тогаш јастребот во Кремљ би бил во искушение да каже: Тргнуваме во напад, бидејќи тие конечно ќе мора да попуштат“.

Со оглед дека односите меѓу континентот и Велика Британија во моментов не се најдобри, целиот товар на таканареченото нуклеарно одвраќање би паднал на Франција, единствената континентална земја во ЕУ со атомско вооружување. Проширувањето на нуклеарниот арсенал на Париз на сите земји во Европа би изискувало огромни промени во ставот на Франција која, како што смета Витни, никогаш не е подготвена да ја дели својата нуклеарна моќ. „На Германците никогаш не им било мило да бидат под нечив нуклеарен чадор, но ако веќе мораат, тогаш би им било помило да бидат под американски отколку под француски чадор за да можат да уживаат во славата како заштитници на Европа“, додава Витни.

 

DW.COM

Реклама