1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

171109 Wende Tschechoslowakei

17 ноември 2009

Само една недела по паѓањето на Берлинскиот ѕид, дојде до политички земјотрес и во Чехословачка. На 17 ноември 1989 година студентите излегоа на улиците на масовен штрајк.

https://p.dw.com/p/KZ5a
Стана симбол на пресвртот: писателот Вацлав ХавелФотографија: ullstein bild - CTK

Таканаречената „кадифена револуција“ во Чехословачка ја поттикнаа студентите. Со протестите на 17 ноември 1989 во главниот град Прага тие го привлекоа вниманието на светската јавност. Студентите всушност се собраа да му изразат почит на храбриот студент Јан Оплетал, кого го убија нацистите во 1939 година. Но, со оглед на бурните промени што ги предизвика паѓањето на Берлинскиот ѕид една недела пред тоа, комеморативниот марш на студентите во Прага се претвори во политички демонстрации против комунистичкиот режим. Полицијата интервенираше и ги растера студентите со палки. Билансот на крвавите судири беше 600 повредени. Студентите не се исплашија од интервенцијата на полицијата, туку за утредента свикаа неограничен штрајк.

Обид за стабилизација

Франтишек Питра, премиер на чешкиот дел од конфедерацијата, се обиде со говор на државната телевизија да ги смири страстите. „Почитувани сограѓани, ви се обраќам како претседател на владата на Чешката Република. Пред две години тргнавме по патот на промени и демократизација. Тоа се разбира не е брз процес, бидејќи е поврзан со барање, дискусии и размена на мислења...“

Samtene Revolution Prag 1989
Народот не можеше повеќе да се спречи: демонстрации во Прага во 1989Фотографија: picture-alliance/ dpa

Но, тактиката на одложување на комунистичкото раководство не се покажа како ефикасна. На студентските протести им се приклучуваа се’ поголем број граѓани, меѓу кои беше и писателот Вацлав Хавел. Тој претходно одлежа 5 години затворска казна поради учеството во опозиционото движење „Повелба 77“. На 24 ноември во Прага дојде до нови масовни демонстрации, на кои масата го извикува името на Хавел.

Симбол на отпорот

Во говорот пред масата демонстранти, Вацлав Хавел и водачот на реформите од времето на Прашката пролет, Александар Дубчек, побараа оставка на целото Политбиро на Комунистичката партија на Чехословачка. Неколку дена подоцна нивното барање и се оствари. А реченицата на Хавел: „Вистината и љубовта мораат да победат над лагите и омразата“ стана мото на „кадифената револуција“.

Tschechoslowakei Geschichte Samtene Revolution Prag 1989 Alexander Dubcek
Настаните го вратија: централната фигура на „Прашката пролет“, Александар ДубчекФотографија: ullstein bild - impact

Но, тоа уште не беше крајот на отпорот што го пружаше комунистичкиот апарат. Дури по генералниот штрајк што ја опфати целата земја и уште неколку други масовни протестни акции тој беше подготвен на натамошни отстапки. На 5 декември беше отстранет бодликавиот тел од границата со Австрија, а на 10 декември беше создадена преодна влада на национално единство. Од тој момент на политичкиот пресврт во земјата ништо веќе не му стоеше на патот. Наскоро Александер Дубчек беше избран за прв претседател на парламентот, а тој пак го изгласа поранешниот државен непријател Вацлав Хавел за нов претседател на државата. Новиот претседател на државата се погрижи во јуни 1990 година да се одржат првите слободни и демократски избори во Чехословачка.

Автор: Даниел Шешкевиц/Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска