Каде се исчезнатите? | Северна Македонија | DW | 21.02.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Каде се исчезнатите?

Како да се објасни потфрлањето на МВР и неинтересот на медиумите за тема за која очигледно постои голем интерес во јавноста: потрагата по повеќе исчезнати млади луѓе и агонијата на нивните семејства. Пишува Арсим Зеколи

Семејството е едно од најбитните нешта во животот на човекот. Во тоа сме барем согласни сите, и левите со нивните теории за семејството како клетка на општеството и десните со нивните прокламации за семејни вредности. Неколку семејства во Македонија имаат потешкотија да поверуваат дека тоа е навистина така и во реалниот живот. 

Со месеци и недели низ социјалните мрежи – и скандалозно поретко низ мејнстрим медиумите – ја следиме агонијата на неколку семејства во потрага по нивните најмили. Едно од нив, за жал, неделава ја прими најжалосната можна вест за смртта на нивната млада мајка, сопруга, ќерка и сестра. Од почит кон траорот на семејството, нема да го објавам името на нашата прерано почината сограѓанка, пронајдена неколку дена по нејзиното сеуште мистериозно исчезнување. Агонијата на незнаењето за нејзината судбина заврши во болка за загубата. За која можеме само да сочувствено им посакаме да најдат сила да ја пребродат.

Агонијата сеуште трае за семејствата на Алибен Абдул, Арбен Алсани и Пинето Секондо, наши сограѓани од Скопје кои со недели се водат како исчезнати и без никаков траг. Поради деликатноста на случајот, тековната полициска истрага и претпазливоста од ненамерно давање неточни или полуточни информации, ќе се воздржам од наведување конкретни податоци за датумот, времетраењето и локацијата на исчезнувањето. Од информациите споделени низ социјалните мрежи, може да се заклучи дека станува збор за млади, свесни, комуникативни, здрави и прави луѓе, чие исчезнување не може да се атрибуира на нивната возраст или психичка состојба. До часот на заклучување на овој натпис, потрагата по Алибен, Арбен и Пинето сеуште трае. Искрено се надеваме на што поскорешен среќен епилог, за нив и нивните најмили.

Досега, барем колку што ми е мене познато, за нив нема никакво службено произнесување од страна на надлежните органи. Индикативно е што за овие исчезнувања нема премногу осврти низ мејнстрим медиумите во земјата. По улиците и сокаците често налетуваме на аматерски направени објави со нивни слики и базични податоци. Бројот на споделби на електронските објави и коментари по социалните мрежи потврдува дека јавноста е сериозно заинтересирана за судбината на нивните сограѓани. Интерес кој – можеби грешам – како да не допира до администрацијата и средствата за јавно информирање кои не покажуваат преголем интерес за алармирање на јавноста и барање одговори од надлежните.

Други колумни од авторот:

-Еден Амди, Бајрами Рој

-Радио Северна-Македонија не јавува

-Борба против корумпираните

Можеби зборот алармирање е погрешно избран за укажување на оваа чудна индоленција на граница на рамнодушност. Можеби е само личен впечаток кој нема допирна точка со реалноста. И покрај големиот број критики низ социјалните мрежи, би било погрешно да се помисли дека полицијата не е активно и професионално вклучена и заинтересирана за нивно разрешување. Што не може да се каже и за Министерството за внатрешни работи од кое се очекува да навремено и прецизно ја информира јавноста за текот на истрагата. 

За жал, таквото потфрлање од страна на Министерството наместо (претпоставувам) замислената намера да не шири неспокој меѓу граѓаните, предизвикува токму спротивен ефект. Како што може да се заклучи од огромниот број коментари од страна на фотељски детективи и нивните грозоморни согледувања за мотивите во позадина на исчезнувањата. Притоа, без да направат најмал обид за ставање во кожата на засегнатите семејства приморани да читаат фантазмагорични сценарија на страв и ужас или шират непотврдени шпекулации кои ја подгреваат атмосферата на параноја и недоверба. На будалите не можеш да им замериш за кусок на совест, што сепак не важи и за чудната логика на МВР и неговата „грижа” за чувствителноста на јавноста,

За апсурдноста на поведението на МВР доволно илустративна е нивната објава дека меѓу нас делува Исламска држава (ИД). Или пак дека некој од ИД комуницира со комуникациски средства. Па затоа на ИД им се одзедоа комуникациските средства за да не комунициират помеѓу себе. И во тоа име осомничените од ИД биле уапсени. Но изгледа дека сепак не биле уапсени. Притоа ни МВР ни Амбасадата на САД не ни објаснија дали станува збор за свежа реколта на ИД или пак за оние кои МВР ги фати на аеродром во август минатата година. Или пак Пентагон им ги предаде на МВР како ДХЛ пакети директно од авион.  Мистеријата трае, но барем ни се разјасни дека во паметта на МВР, јавноста помалку ќе се потресе од постоење ќелија на ИД меѓу нас, отколку од давање информации за текот на истрагата околу исчезнатите лица.

Каква школа, такви ученици. Тоа би било лаконското објаснување е и за (најблаго кажано) штуриот интерес на медиумите за тема за која очигледно постои огромен интерес во јавноста. Односот на медиумите е зачудувачки, посебно што сегашниот неинтерес на медиумите не коинцидира со неодамнешниот слечен и позитивен пример на засилен интерес во потрагата по еден друг наш сограѓанин во длабока старост. Кој, за жал, исто така беше најден предоцна за да биде спасен и вратен во своето семејство. Која е причината за таквиот диспаритет? Дали интересот на медиумите е сепак диктиран зависно од социјалната категорија или средината во која се одвива драмата? Притоа, зачудува фактот што добар дел од тие исти медиуми умеат со денови и недели и месеци детално да не информираат за крими-стории од соседството (претежно Србија и Албанија). За одеднаш да им снема интерес за прашања кои се одвиваат тука, меѓу нас и за наши сограѓани. Дали нашите несреќи не се доволно фенси за овдешните уредништва?

Или пак во позадината стои некој сосема друг, за јавноста непознат мотив за ваквиот безмалку игнорантски однос? На тоа прашање е тешко да се понуди одговор без да се навлезе во вртлог на шпекулации од кои никој нема корист, посебно директно засегнатите. Но, третманот на јавноста како малоумна, незрела, несозреана глупава маса неспособна да се справи со вистината не само што не држи, туку и предизвикува контра-ефект на неинформирана публика со разгорена фантазија исполнета со најцрни теории на завера, хорор и ужас.

Како и во секое зло, и во оваа несреќа има нешто добро. Интересот на јавноста за судбината на нашите сограѓани докажува дека меѓу нас сеуште струи идејата за седумте степени на сепарација, според која секои два меѓусебно непознати жители се поврзани со синџир од седум познаници. Нашиот интерес и грижа за судбината на исчезнатите ја ткае таа мрежа на солидарност и взаемна грижа која ја нарекуваме општествено ткиво. За жал, поведението на надлежните кон загриженоста на јавноста за Алибен, Арбен и Пинето само ја демонстрира длабочината на отуѓеноста на државата од своите поданици. И причината за отуѓеноста на граѓаните од сопствената држава.  

 

DW.COM

Реклама