Кавга за скијањето во Европа, Бугарија не ги дава Банско и Боровец | Свет | DW | 27.11.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Кавга за скијањето во Европа, Бугарија не ги дава Банско и Боровец

Канцеларката Меркел сака скијачките центри во Европа засега да останат затворени поради корона-кризата. Австрија и Швајцарија се бунтуваат, а и Бугарија не е подготвена на такво нешто.

Streit um Skiurlaub im Corona-Winter

Во Цел ам Зе на повидок нема природен снег, па топовите за снег работат со полна пареа

Топовите за снег во регионот на Алпите работат забрзано, компаниите кои управуваат со скијачките лифтови, хотелите и гастрономијата се подготвуваат за скијачката сезона, но дали и кога ќе пристигнат гости е големо прашање во оваа зима, во која владее корона. Германската канцеларка Ангела Меркел се заложи за затворање на сите скијачки региони во Европа. „Ќе направиме напор во Европа за договор околу затворање на сите скијачки центри“, рече канцеларката во Бундестагот. „Но, ако се земат предвид изјавите од Австрија, за жал не изгледа дека тоа и ќе ни успее толку едноставно. Но, ќе се обидеме уште еднаш“, рече Меркел.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте, најверојатно во договор со канцеларката, беше првиот кој предложи скијачките центри поради пандемијата да останат затворени до 10 јануари. Со тоа предизвика кавга. 

Австрија и Швајцарија сакаат отворање на скијачките центри. Премиерот на покраината Салцбург, Вилфрид Хаслауер, изјави дека смета со отворање на скијачките центри околу 19 или 20 декември. Одлуката ја носи владата во Виена, но подготовките за отворање се во тек. „Нема да има забави, а и гастрономијата ќе биде поинаку организирана“, рече Хаслауер, кој смета дека нема да има зголемен ризик од инфекции. Канцеларот Себастијан Курц изјави дека „возењето со ски-лифтови е слично како и возењето во средствата за јавен превоз“. Врз основа ова ќе се носат и одлуки. Министерот за финансии Гернот Блимел побара обесштетување од милијарди евра од ЕУ доколку ски-лифтовите не проработат во текот на зимскиот одмор.

Отпор против затворање на скијачките региони доаѓа и од Швајцарија. Министерот за здравство Алан Берсе изјави дека скијачките центри ќе можат да работат се' додека се придржуваат до строгите мерки за сузбивање на пандемијата.

Како во Австрија, така и во Швајцарија, германските туристи се од огромна важност за скијачката сезона.

Предлогот на Конте наиде на отпор и во сопствената земја. Шест региони во северна Италија, меѓу кои и Јужен Тирол, апелираа до владата во Рим да се откаже од своите планови. Постои опасност економијата во планинските региони да падне во уште подлабока криза, се вели оттаму.

Montenegro l Skigebiet

Слика од минато време, кога зимскиот одмор беше без рестрикции

Бугарија не ги дава Банско и Боровец

По изјавите на канцеларката Меркел во врска со скијачките центри, реагира и Бугарија. Од Министерството за туризам се вели дека Банско, Боровец и Пампорово ги спроведуваат сите мерки за сузбивање на пандемијата на корона. „Нема причина за откажување на скијачката сезона. Ковид-19 во Европа не се прошири поради спортот, туку поради забавите во скијачките центри“, изјави Иван Обрејков, портпарол на Улен, компанија која управува со ски-лифтовите и гондолите во Банско.

Повеќе:

На скијање и покрај короната

Студија: Речиси половина жители на Ишгл инфицирани со коронавирус

Идила без гости - Австрија чека туристи

Свеж воздух да, скијање не

Во Франција ски-лифтовите нема да проработат за време на божиќните празници, но ски-центрите ќе бидат отворени. „Се разбира дека за секого ќе биде можно да отпатува во зимувалиштата за да ужива во чистиот воздух во нашите убави планини“, рече францускиот премиер Жан Кастекс, додавајќи дека продавниците ќе бидат отворени, но не и баровите и рестораните, како ни ски-лифтовите.

Францускиот претседател Емануел Макрон претходно нагласи дека отворањето на ски-регионите во текот на празниците му се чини „невозможно“ поради високиот број на инфицирани лица со коронавирус. Во скијачките центри тоа предизвикува збунетост и се вели дека одлуката на Париз е „неразбирлива“.

Ski Alpin Weltmeisterschaft 2015 Super G Frauen abgesagt

Банско, Боровец и Пампорово ги спроведуваат сите мерки за сузбивање на пандемијата на корона, тврдат бугарските власти

Од писта во карантин

Баварскиот премиер Маркус Зедер им го отежнува животот на германските туристи кои одат во други земји на скијање. Оној кој ќе отпатува во ризично подрачје, како што во моментов се Австрија, Швајцарија и Лихтенштајн, по враќањето во Баварија мора да замине во карантин во траење до десет дена. Тоа од декември ќе важи и за „дневните“ туристи. „Туристичките еднодневни излети или уживање во странство, како што е скијањето, се ризици кои може да се избегнат“, соопшти покраинската влада во Минхен.

Компаниите кои управуваат со ски-лифтовите во Германија сметаат дека забрана за скијање би значела загрозување на егзистенцијата на погодените региони. Според Матијас Штаух, претседател на Сојузот на германските жичарници, мора да се донесе решение на европско ниво - или ќе работат сите, или никој.

Реклама