Фотографија на денот: Прв цивилен лет за евакуација од Кабул | Свет | DW | 10.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Фотографија на денот: Прв цивилен лет за евакуација од Кабул

Првпат по повлекувањето на меѓународните трупи од Авганистан, од Кабул се реализираше цивилен лет за евакуација. Патниците стигнаа во Доха.

Со авион на Катар Ервејс во Доха беа пренесени над 100 патници од Кабул, меѓу нив и 15 граѓани на Германија, како и државјани на САД, Канада, Велика Британија, Италија, Холандија и Украина. Министерот за надворешни работи на Катар, шеикот Мохамед бин Абдулрахман Ал-Тани, изјави дека се успеало во намерата за полетување на првиот авион и им се заблагодари на талибанците за нивната помош при повторното отворање на аеродромот за цивилен воздушен сообраќај.

Специјалниот пратеник на Катар за Авганистан, Мутлак ал-Катани, соопшти дека денеска би требало исто така да има цивилен лет од Кабул. Катар, заедно со Турција, прави напори за повторен почеток на регуларен цивилен воздушен сообраќај на аеродромот во Кабул.

Според наводи на САД, талибанците сакаат да им дозволат излез од земјата на 200 Американци и други цивили кои останаа во Авганистан по завршувањето на воздушниот мост на крајот на август. Би се користеле чартер-летови од аеродрмот во Кабул, рече за Ројтерс претставник на САД. Американците на 31 август ги повлекоа последните војници од Авганистан и ставија крај на својата 20-годишна воена мисија во таа земја.