Кабинетот на Трамп - клуб на милијардери | Свет | DW | 02.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кабинетот на Трамп - клуб на милијардери

Дали вака изгледа раскрстувањето со досегашните елити? Гласачите на Трамп би требало да се замислат, смета Оливер Кин од „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Никогаш досега во историјата на САД во еден владин кабинет немало толку многу богаташи. Самиот Доналд Трамп, идниот американски претседател, според Форбс располага со имот од околу 3,7 милијарди долари, со што ни оддалеку не е најбогатиот во владата која од 20 јануари 2017 година треба да ја води земјата.

Министерка за образование треба да биде Бетси ДеВос, негов заменик Тод Рикетс, исто така милијардер. И семејството на идната министерка за сообраќај, Елејн Чао располага со милијарди долари. Доколку министер за енергетика биде токму Харолд Хем, се надоврзуваат уште 15 милијарди долари. Стив Мнучин, банкарот од Голдман-Сакс, избраникот на Трамп за министер за финансии, со своите 40 милиони долари имот се чини во овој контекст речиси сиромашен.

Богатството не е неморално, посебно не во американскиот политички систем, каде дури и изборната кампања за мандат во Сенатот чини повеќе милиони долари. Но, со номинацијата на министрите Трамп има голем проблем: неговата веродостојност. Со месеци на своите симпатизери во изборната кампања Трамп им ветуваше, доколку биде избран, ќе го исуши мочуриштето во Вашингтон. Ова популистичко ветување му го донесе најголемиот дел од гласовите на белите, не толку имашливи делови од населението. Со ваквото ветување тој беше атрактивен дури и за некои демократи, зашто со него се најде на линијата на Бени Сандерс, кој пак себе си сепак се декларираше како социјалист.

Oliver Kuehn Frankfurter Allgemeine Zeiten Kommentarbild app (F.A.Z./Frank Röth)

Оливер Кин, ФАЦ

Составот на кабинетот на Трамп ќе наиде на неразбирање токму кај оваа категорија гласачи, зашто сите кандидати припаѓаат на високата класа од Источниот брег, а Трамп вети ставање крај токму на предоминацијата на олигархијата. Не е чудно што сега пукотат токму демократите, го потсетуваат на неговите изборни ветувања и уште сега, уште пред тој да ја преземе официјално функцијата, го обвинуваат за „кршење на зборот“. Трамп и неговите гласноговорници се обидуваат да се одбранат со аргументацијата - речиси сите идни членови на кабинетот се политички аутсајдери, со што би имале поголем преглед какви промени треба да се преземат во престолнината. Освен тоа, поради нивното богатство тие не би биле поткупливи, а со своето богатство веќе ја докажеле својата способност на „победници“.

Но, дали овој кабинет на милијардери и милионери воопшто може да ги разбере проблемите на Американците од средната класа, е големо прашање. Навистина, најавено е намалување на данокот на приход, што е во полза на просечните вработени. Но, од него се разбира ќе профитираат и богатите и тоа уште во поголеми размери. Ако во следните четири години успее да се пробие политика на растоварување на имотливите, без да се подобри ситуацијата на средниот и пониските слоеви, резервоарот на разочараните и гневните, со чии емоции Трамп толку виртуозно играше во изборната кампања, ќе стане уште поголем. Освен тоа, тоа би била победа на капитализмот над демократијата.

 

DW.COM

Реклама