И претседателските привилегии пред Уставниот суд | Северна Македонија | DW | 04.12.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

И претседателските привилегии пред Уставниот суд

Освен за помилувањата од Иванов и за амнестијата на дел од обвинетите за настаните од 27-ми април, Уставниот суд треба да решава и за привилегиите на шефот на државата по престанокот на функцијата.

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) до Уставниот суд доставила иницијатива во која се бара испитување на уставноста на Законот за правата на претседателот и на неговото семејство по престанување на функцијата, односно за негово укинување. Потегот не е изненадувачки со оглед колку врева се крена околу средства што се трошат за таа намена. Привилегиите на македонските шефови на државата од денот кога ќе станат „поранешни“, повторно се најдоа во фокусот на јавноста пролетва, по претседателските избори. Откако Иванов по престанокот на функцијата закупи работен простор за 1.950 евра месечно, ДКСК реагираше што поранешните шефови на државата не користат простор кој е во сопственост на државата, со што би се заштедиле пари. Беше изнесен податок дека само за кирии и режиски трошоци за поранешните претседатели на државата, во изминатите 10 години од државниот буџет биле потрошени 1,1 милион евра. Според актуелниот Закон, претседателот на државата по престанување на функцијата има право на пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима актуелниот шеф на државата. Има право на канцелариски простор и ангажирање најмногу до три стручни лица, право на лично обезбедување, право на користење на службено возило и возач согласно со прописите што ги донесува министерот за внатрешни работи.

Привилегии и за семејството

Но, освен поранешниот претседател, привилегии има и неговото семејство, ако во текот на мандатот претседателот почине. Овие одредби не се случајни, имајќи предвид дека Законот беше донесен во 2004 година непосредно по авионската несреќата кај Мостар, во која загина тогашниот претседател Борис Трајковски, па голем дел од одредбите почнуваат со зборовите „во случај на смрт“. Законот беше дополнет во 2006 и 2007 година.

Во случај на смрт, Законот предвидува дека претседателот на кого му престанала функцијата се погребува на државен трошок и со државни почести, доколку не искажал поинаква волја. Пензијата намалена за 30% ја користат неговиот брачен другар трајно, а неговите малолетни деца до завршување на редовното школување, односно до наполнети 26 години возраст. Дотогаш имаат и право на стипендија за школување во земјата или странство, како и право на други трошоци поврзани со школувањето (сместување, исхрана, патни трошоци и здравствено осигурување).

Повеќе:

-На тест и владината коалиција

-Павле Трајанов: Смрди на амнестија!

-Иванов не прифаќа да биде фуснота во Законот за јазици

Во случај на смрт на претседателот за времетраење на мандатот, семејството има и право на сопственост на градежно неизградено земјиште за изградба на семејна куќа со регулиран надоместок за уредување на градежно земјиште и на надоместок на трошоците за изградба на семејна куќа или право на сопственост на стан, до 300 квадратни метри. Во случај на смрт на претседателот за времетраење на мандатот, семејството може да користи и други права - лично обезбедување, користење на службено возило и возач, службени простории по потреба при прием на домашни и странски делегации и финансиски средства и службена придружба при патувања на член на семејството по повод официјална покана за присуство на манифестација надвор од земјата.

Кус закон, долги привилегии

Овој закон, кус според бројот на членови, но долг според предвидените привилегии, беше критикуван во експертската јавност. Принципот на привилегии до крајот на животот за поранешните претседатели, односно доживотна пензија во висина на претседателската плата, беше оценет како „анахрон концепт", „несоодветен за модерните демократски држави„ но и како „несоодветен за мала и сиромашна држава".

Дел од правните експерти го изнесоа ставот дека тој Закон треба да се исклучи од правниот поредок. Се предлагаа две опции: или  Собранието со закон да го ограничи и времетраењето на привилегиите на бившите претседатели или Уставниот суд да го поништи или укине. Демократскиот сојуз во септември предложи на поранешните претсeдатели да им се најдат канцеларии во Собранието, а времетраењето на привилегиите кои тие ги уживаат да се ограничи на една година од истекот на мандатот.

Во дебатата што се отвори по ова прашање, се вклучи и актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој најави дека по истекот на мандатот нема да ги користи привилегиите што ги овозможува Законот. Тој ја поддржа и иницијативата на невладините организации за генерално намалување на привилегиите на сите избрани и именувани функционерите - (апанажи, службени возила, надоместоци за патни трошоци). По завршувањето на мандатот Пендаровски најави дека планира да се врати на досегашната професорска работа, а ќе побара да користи само една канцеларија во некоја од државните институции, каде како поранешен претседател би ги извршувал протоколарните активности.

 

DW.COM

Реклама