И претседавачот со ЕУ порача дека нема услови за фер избори | Северна Македонија | DW | 05.05.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

И претседавачот со ЕУ порача дека нема услови за фер избори

Холандија, актуелниот претседавач со ЕУ и долгогодишен поддржувач на Македонија е серионо загрижена за состојбата во земјата и меѓудругото бара укинување на аболицијата.

Западната дипломатска офанзива во врска со кризата во Македонија продолжува. По вчерашното назначување на специјален претставник на Германија за посредување во кризата, денеска и Холандија, како претседавач со ЕУ упати писмо до партиските лидери- потписници на Договорот од Пржино.

Во писмото е содржан ставот дека во Македонија не се исполнети критериумите за одржувањето на предвремени парламентарни избори, односно на 5-ти јуни.

Писмото до партиските лидери на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДПА и ДУИ го испратил шефот на холандската дипломатија Берт Кундерс. Во него Кундерс истакнува дека „минимумот критериуми за кредибилни избори не е исполнет, а тоа се прочистениот избирачки список, медиумските реформи и одвојувањето на партијата од државата“.

Кундерс во писмото во кое ја нагласува улогата на Холандија како долгогодишен поддржувач на Македонија додал дека „фер, демократски и кредибилни избори се круцијалниот дел од Пржинскиот договор кој не смее да пропадне за демократската иднина на земјата и тие мора да се испорачаат без понатамошни одложувања“.

„ Меѓународната заедница останува цврсто посветена на тоа да им помага на партиите кои се инволвирани. Но, целосната и безусловна имплементација на Договорот, кој заедно го потпишавте, и итните реформски приоритети се фундаментални за евроатланската иднина на вашата земја. Не постојат алтернативи и скратени патишта во врска со тоа. Затоа од витално значење за стабилноста на вашата земја и за просперитетот на вашите граѓани и на Вашите колеги, политичките лидери, да најдете излез од тековната криза“, вели шефот на холандската дипломатија.

Холандија како претседавач со ЕУ и во име на сите земји членки на Унијата исто така порачува дека на Специјалното јавно обвинителство треба да му се овозможи докрај да ги изврши своите обврски, без попречувања, а исто така потребно е веднаш да се повлече одлуката за аболиција, направена од страна на претседателот Ѓорге Иванов.

Реклама