И пензионерите во вителот на локалните избори – им се ветува „мед и млеко“ | Северна Македонија | DW | 05.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

И пензионерите во вителот на локалните избори – им се ветува „мед и млеко“

Бесплатен превоз, центри за стареење, пензионерски домови, учење на дигитални вештини и креативни работилници ветуваат кандидатите за градоначалници во обид да го придобијат секој гласач.

„Сакам да објавам дека од 1 јануари пензиите ќе растат согласно растот на цените на мало и согласно растот на просечните плати, односно секој 1 јануари и секој 1 јули ќе имаме видлив пораст раст на пензиите“ - најави деновиве лидерот на СДСМ, Зоран Заев на партиски митинг во Делчево. Тој ветува и дека минималната плата до крајот на годината од сегашните 15.200 денари ќе се покачи на 18 илјади денари. 

Ваквото ветување, како што вели Заев, се темели на тоа што СДСМ гради фер општество и настојува да им помогне на највозрасните граѓани, „затоа што тие им помагаат на своите деца и внуци, парите ги трошат, а овие пари ќе бидат благодет за развој на севкупната економија во земјата“. 

Како и пред секои избори, и кампањата за октомвриската трка за градоначалничките места во Северна Македонија поминува во знакот на ветувањата за подобар живот и стандард на пензионерите. Премиерот Заев не е единствениот, којшто на изборните митинзи им се обраќа со ветувања на повозрасните гласачи. Подобар стандард, бенефиции за пензионерите, бесплатен превоз, пензионерски и старечки домови на секое ќоше ветуваат речиси сите кандидати за градоначалници и советници. Некои отидоа и чекор понатака па ветија дека ќе ги учат пензионерите на дигитални вештини, ќе ја будат нивната креативност со работилници, но и ќе им нудат да научат некои занаети. Тоа што пензионерите на секои избори добиваат централно место во партиските програми не е воопшто за изненадување, ако се има предвид дека многумина од кандидатите играат на картата дека ветувањата за граѓаните во третата доба се сигурен билет за влез во локалната власт.  

Повисоки пензии, но по избори 

Пандемијата со Ковид-19, која го забави економскиот раст во земјата, предизвика стагнација и на пензиите. На голем број пензионери, особено на оние чии пензии се со износ до просечната пензија, им е нарушена основната материјална и социјална сигурност, а пензиите се повеќе заостануваат зад платите. Најавите на премиерот дека ќе рипнат пензиите наиде на поддршка кај Партијата на пензионери (ПП), како автентичен претставник на пензионерите во земјата. Токму нивна е иницијативата пензиите освен со порастот на трошоците на живот и порастот на БДП, да се зголемуваат сразмерно и со порастот на просечната плата во земјата. 

Mazedonien Schaltergeschäft in einer Bank in Skopje

Подобар стандард, бенефиции за пензионерите, бесплатен превоз, пензионерски и старечки домови на секое ќоше ветуваат речиси сите кандидати за градоначалници и советници.

Со реализација на ветувањето за пензиите делумно би се исполниле барањата на пензионерите, вели претседателот на Партијата на пензионери, Илија Николовски. „Ние бараме минималната пензија да изнесува 70 проценти од минималната плата, а просечната пензија да е 60 проценти од просечната плата во државата. Исто така, пензиите не треба да се усогласуваат со минималната плата, туку со трошоците на живот и со просечната плата“, изјави тој деновиве за медиумите. 

Бесплатен превоз, центри за стареење… 

Финансиска поддршка на Градскиот одбор на Сојузот на борците и Сојузот на пензионери на Град Скопје, бесплатен јавен градски превоз за инвалидски пензионери, поддршка за активно стареење преку развој на дигитални вештини, креативни работилници и учење на занаети, најави и актуелниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов кој се бори за уште еден мандат. 

„Ќе овозможиме бесплатен медицински транспорт до здравствените институции низ градот. За поефикасен, побезбеден и побрз транспорт до саканата цел, ќе овозможиме навремено пристигнување и одговарање на потребите на лицата од трето доба. Исто така, со задоволство сакам да ви претставам дека ќе овозможиме целосно бесплатен јавен градски превоз за сите пензионери, секој ден и во секое време“, вети тој во кампањата.

Кандидатот за градоначалник на Општина Аеродром, Александар Филиповски – Цанде вели дека за највозрасните жители, пензионерите, ќе направи активни центри за стареење. Тие ќе бидат места за социјализација, поттикнување на дружба и меѓугенерациски соживот. Преку домашните посети се планира нега и поддршка на изнемоштените лица во нивниот дом. 

Artikel Grundrente

Кандидатите и од власта и од опозицијата во кампањата ветуваат „и од пиле млеко“ за постарите лица.

И независниот кандидат за градоначалник на општина Куманово Максим Димитриевски деновиве тропна на вратата на Здружението на пензионери од Куманово. „Да се грижиме за пензионерите е наша чест и обврска. Тоа се луѓето кои не израснале и изградиле во тоа што сме денеска, луѓе кои ја изградиле државата. Подобар живот на сите пензионери е нашата водилка во имплементација на локалните политики“, порача Димитриевски на средба со пензионерите.

Во изборната програма на граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ предвидено е проширување на капацитетите на Дом за стари лица „Зафир Сајто“, како и континуирано подобрување на условите во постоечките капацитети на овој дом. „Ќе субвенционираме јавен градски превоз за пензионери и ќе организираме културни, спортски настани и екскурзии за пензионери. Тие заслужуваат достоинствен живот, а За наше Куманово продолжува со вистинската грижа за нашите пензионери, наши родители, наши баби и дедовци“, рече Димитриевски. 

Од пиле млеко 

И кандидатите од опозицијата во кампањата ветуваат „и од пиле млеко“ за постарите лица. Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Бутел, Дарко Костовски, на средба со пензионерите даде ветување дека доколку победи на локалните избори на 17 октомври на територијата на општината ќе бидат изградени нови пензионерски домови, а постоечките ќе бидат реновирани. 

„Граѓаните нѐ гледаат со доверба, затоа што изминативе години беа соочени со лажни ветувања, а добија само нереални и нереализирани проекти“, вели тој. 

Хуманизација на просторот место постоечката бетонизација, нов пензионерски дом, отворање народни кујни и ревитализирање на спортската сала „Партизан", се само дел од проектите што ги најави и кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ во општина Карпош, Оливер Зафировски. 

-повеќе на темата: Германија воведува минимална пензија

И во Кавадарци се ветува дека ќе се гради Дом за стари лица. Тоа го најави кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев на средба со пензионерите. „На средбата презентиравме неколку проекти како што е изградбата на Дом за стари лица кој ќе има за цел згрижување, сместување, нега, како и медицински третман на згрижените лица од Тиквешкиот регион. Втор проект е обезбедување на помош и нега на стари лица, проект кој опфаќа помош и нега во нивните домови“, рече Јанчев. 

Последната статистика на Фондот на пензиското и инвалидско осигурување која е за август покажува дека во државата има вкупно 325. 637 корисници на пензија, а 50,6 проценти од нив примаат помалку од 14.000 денари. Просечната пензија во август изнесувала 15.854 денари. Највисоката сума што ја исплаќа Фондот е 57.992 денара и ваква пензија во август примиле 39 пензионери, додека вкупно 1.324 лица ги добиваат највисоките пензии што се движат од 40.548 до 57.992 денари. 

Податоците на ПИОМ покажуваат дека четворицата највозрасни пензионери во земјата имаат по 107 години. Од околу 325.000 пензионери во земјава, 48.937 лица се на возраст од над 80 до 100 години.