И осумгодишно девојче меѓу жртвите во Манчестер | Свет | DW | 23.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

И осумгодишно девојче меѓу жртвите во Манчестер

По нападот во Манчестер, за британската премиерка Тереза Меј нема сомнеж дека станува збор за терористички напад. Во меѓувреме и Исламска држава го прогласи злосторството за свое дело.

Терористичката милиција соопшти дека „војник“ на Исламска држава успеал да постави бомба на „собир на крстоносци“. Нападот е одмазда и одговор за нападите врз муслиманите и служи за „тероризирање“ на неверниците, соопшти ИД. Претходно британската премиерка Тереза Меј изјави дека нема сомнеж во тоа дека нападот во Манчестер бил терористички напад.

„Сега нема сомнеж дека населението на Манчестер и на оваа земја е жртва на ладнокрвен терористички напад“, изјави Меј во Лондон по кризниот состанок на безбедносниот кабинет. „ Сценариото за закана останува исто и по нападот во Манчестер. Нов напад и натаму е многу веројатен“, изјави шефицата на британската влада. 

Вчеравечер едно лице активираше импровизирана експлозивна направа на концертот на американската пејачка Аријана Гранде во Манчестер Арена и во смрт однесе најмалку 22 лица, меѓу нив и деца. Според последните информации во нападот настрадало и  осумгодишното девојче Сафи Расос, а меѓу близу 60 повредени има 12 деца под 16 години.

Во меѓувреме дојде и до прво апсење во врска со овој напад. Полицијата во населба на југот на Манчестер приведе 23-годишно лице, но повеќе информации не се соопштени. Полицијата уште соопшти дека спровела контролирана експлозија во населбата Фолоуфилд, која била дел од истрагата за смртоносниот напад во концертната сала.

Градоначалникот на Манчестер, Енди Барнам ги повика сите граѓани во 18 часот да одржат минута молчење на централниот плоштад Алберт. „Денеска сме во жалост, но ние сме силни“, напиша градоначалникот на својот Твитер профил. „Длабоко сме ужаснати“ соопшти фудбалскиот клуб Манчестер Јунајтед преку Твитер наведувајќи дека е со сите погодени во мислите и во молитвите. Градскиот ривал Манчестер Сити пак го наведе следново: „Информацијата за страшниот настан во Арената ја примивме со длабока потресеност. Нашите срца се со сите погодени и  со ангажираните служби.“

Англиканската црква повика на молитва за жртвите на нападот. „Се молиме за оние кои тагуваат и страдаат и за оние кои се погодени од загуба и болка“, соопшти поглаварот на Англиканската црква, кардиналот од Кантенбери Џастин Велби на Твитер.

Гледај видео 01:12

Хорор вечер во Манчестер

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама