И натаму расте бројот на загинати во потресот во Италија | Свет | DW | 26.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

И натаму расте бројот на загинати во потресот во Италија

Нема оддишка за спасувачите и преживеаните. Земјата се тресе и два дена по катастрофата во Италија. Куќи и натаму се уриваат. Владата ветува брза помош.

Бројот на загинати во тешкиот земјотрес што го погоди централниот дел на Италија пред два дена се искачи на 267, соопшти денеска италијанската Агенција за цивилна заштита. Во болниците и натаму се наоѓаат 387 повредени лица.

Директорката на операциите за цивилна заштита Имаколата Постилијоне изјави дека спасувачките напори продолжуваат во потрага по други луѓе заробени под урнатините. Помина ден и половина откако последното живо лице беше извлечено од под урнатините.

Гледај видео 01:50
Now live
01:50 минути

Катастрофата во Италија снимена од воздух

Италијанската влада вети брза обнова на разурнатите места и подобра превентивни мерки во случај на земјотреси. „Имаме морална одговорност кон жените и мажите во овие заедници“,изјави вчеравечер италијанскиот премиер Матео Ренци на кризниот состанок на владиниот кабинет. „Обновата на овие села е приоритет за владата и за земјата“ истакна Ренци. Покрај тоа, владата прогласи вонредна состојба и вети итна помош од 50 милиони евра за погодените подрачја.

Досега околу 900 поситни потреси натамошно ја погодија разурнатата област во централна Италија, односно провинциите Умбрија, Лацио и Марки попречувајќи ги спасувачките напори по катастрофалниот земјотрес. Силно тресење на земјата со јачина од 4,8 степени по Рихтеровата скала се случи во четвртокот попладне, принудувајќи ги спасителите да бегаат од и онака оштетените згради. Околу 5.000 спасувачи се пробиваат низ урнатините во потрага по преживеани користејќи тешка машинерија или голи раце. Се верува дека десетици луѓе и натаму се затрупани под урнатините.

Земјотресот со јачина 6,2 степени по Рихтеровата скала се случи во средата во 36 минути по полноќ по локално време, 100 километри североисточно од Рим во планинскиот регион во централна Италија.

Најтешко се погодени местата Аматриче, Аркуата, Акумоли и Пескара дел Тронто. Овие места се обично слабо населени, но се преплавени со туристи за време на летото што го отежнува утврдувањето на бројот на исчезнати лица. Има странски државајни меѓу оние за кои се верува дека загинале или исчезнале во земјотресот. Британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон изјави дека има „извесен број британски државјани кои се погодени од земјотресот“.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама