И Македонија против Хандке: Не за негатори на геноцидот | Свет | DW | 10.12.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

И Македонија против Хандке: Не за негатори на геноцидот

Речиси сите балкански земји одлучија да го бојкотираат вечерашното доделување на Нобеловата награда за литература на австрискиот писател Петер Хандке, поради неговата поддршка на режимот на Милошевиќ.

Peter Handke Stockholm Nobel-Lesung (picture-alliance/TT NYHETSBYRÅN)

Петер Хандке

„Мора да се спротивставиме на негирањето на геноцидот“, порача денеска преку Твитер шефот на македонската дипломатија Никола Димитров. Тој соопшти дека му дал инструкции на амбасадорот на Северна Македонија во Шведска да не учествува на вечерашната церемонија во Стокхолм.

Претходно, Хрватска, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија најавија дека ќе ја бојкотираат церемонијата за Хандке поради неговите ставови кон војните на просторите на поранешна Југославија и поддршката која му ја даваше на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ. За најголем грев на Хандке се смета негирањето на геноцидот во Босна и Херцеговина, но и на другите злосторства кои се случија во текот на војните.
Шведскиот крал Карл Густаф 16 вечерва ќе му ја предаде наградата на 77 годишниот лауреат на гала банкет на кој ќе присуствуваат 1.200 гости.
Нобеловата академија го нарече Хандке „еден од највлијателните писатели во Европа по крајот на Втората светска војна“. Еден член на комитетот кој ја доделува наградата веќе поднесе оставка, додека друг најави дека ќе го бојкотира вечерашното доделување. На самата гала вечера, Хандке ќе биде лауреатот кој ќе седи најдалеку од шведското кралско семејство.

Peter Handke Trauerfeier Slobodan Milosevic QUER (ullstein bild - AP)

Хандке на погребот на Слободан Милошевиќ


„Морална нула“
Во 1997 година Хандке беше обвинет дека ги минимизирал воените злосторства на Србите во својата книга „Патот до реките: Правда за Србија“. Тој беше критикуван и поради говорот кој го одржа на погребот на Слободан Милошевиќ во 2006 година.
Српските претставници ќе присуствуваат на доделувањето на наградата, но Хандке има критичари и во таа земја. Како што денеска пренесува Зидојче цајтунг, српскиот писател Филип Давид го смета Хандке за „морална нула“.
„Тешко е, дури и невозможно да се одвои севкупното литературно дело на Хандке од неговите политички активности. Нобеловата награда уште еднаш ќе ги продлабочи недоразбирањата во нашиот регион и ќе го отвори раните од 1990-те години“, вели Давид.
Весникот потсетува на блиските врски на Хандке со Милошевиќ, истакнувајќи дека го стилизирал како „трагичен лик“ и го посетил во затворот во Хаг, а од него се прости со емотивен говор на погребот пред 10 илјади луѓе. Но Хандке се сретна и пиеше ракија и со Радован Караџиќ, а тоа го образложуваше со својата желба „да ја сфати историјата“.
Весникот Тагесшпигел денеска коментира оти Хандке „не е дораснат на Нобеловата награда“.
„Веќе со недели тоа го докажуваат неговите настапи и провокации кои, се чини, осцилираат меѓу грандиозност и несигурност. Би било пожелно за него уредно да се повлечеше во својата селска енклава“, коментира Тагесшпигел.

DW.COM

Реклама