И Косовците наскоро без визи во ЕУ | Свет | DW | 19.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

И Косовците наскоро без визи во ЕУ

Откако Европскиот парламент и Советот на ЕУ ќе го усвојат предлогот, што не се очекува пред крајот на годинава, косовските граѓани ќе можат без визи да патуваат во земјите од Шенген зоната.

Belgien PK Dimitris Avramopulos und Hashim Tachi in der EU-Kommission (DW/M. Maksimovic)

Хашим Тачи и Димитрис Аврамопулос

Шест години од почетокот на дијалогот за укинување на визите за Косово, Европската Комисија потврди дека се исполнети сите услови за давање препорака за ставање на косовските пасоши на ткн. „бела шенгенска листа“. Такво право уште од 2009 година уживаат граѓаните на Србија, Македонија и Црна Гора, а Албанија и БиХ од крајот на 2010.
„Косово направи значителен напредок во последните две години и ги исполни преостанатите услови за визна либерализација. Сметаме дека Косово ќе продолжи да работи како на прашањата за миграциите и безбедносните предизвици, така и на борбата против корупцијата“, изјави комесарот за миграции и внатрешни прашања Димитрис Аврамопулос.

Во Комисијата наведуваат дека со потпишувањето на договорот за демаркација на границата со Црна Гора и резултатите во областа на борбата против корупцијата и организираниот криминал, властите во Приштина ги исполниле последните два предвидени услови.

Косовските граѓани и властите во Приштина со олеснување ја дочекаа веста од Брисел. Претседателот Хашим Тачи вели дека е во прашање „една од најдобрите вести за Косово во последната деценија“. Премиерот Рамуш Харадинај најавува дека граѓаните од крајот на годината ќе можат слободно да патуваат и да престојуваат до 90 дена во рамките на Шенген.

Известувачот за визната либерализација на Европскиот парламент, Тања Фајон ја поздрави одлуката.

„Косовците, како и сите граѓани на Западниот Балкан, заслужуваат слободно да патуваат во Европа. Тоа е важно во политичка и економска смисла, но и за меѓучовечките контакти“, рече Фајон.

Патот до безвизното патување

Она што косовските граѓани сега ги дели од безвизно патување во ЕУ најпрво е гласање за препораката на Комисијата во Комитетот за цивилни слободи на Европскиот парламент. Потоа предлогот се става на гласање на пленарна седница на Парламентот. Доколку добие просто мнозинство во парламентот, предлогот оди на финално одлучување во Советот на министри за внатрешни работи на ЕУ. Таму е одлучувачка квалификувана поддршка за тој да стапи во сила. Откако Европскиот парламент и Советот на ЕУ ќе го усвојат предлогот, што не се очекува пред крајот на годинава, косовските граѓани ќе можат без визи да патуваат во земјите од Шенген зоната. Во Брисел велат дека фактот што пет земји-членки на ЕУ не ја признаваат независноста на Косово не би требало да влијае на одлучувањето за визната либерализација бидејќи тие два процеси не се поврзани.

DW.COM

Реклама