1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фотографија: Reuters/Alkis Konstantinidis

Ципрас ќе ја одржува грчката „статика“ за спорот за името

Катерина Блажевска
26 јануари 2015

Спорот за името воопшто нема да биде во врвот на агендата на новата грчка влада поради нејзината преокупација со ублажување на мерките за штедење, оценуваат македонски политичари

https://p.dw.com/p/1EQOf

Политичките кругови во Македонија немаат големи очекувања во однос на решавањето на грчко-македонскиот спор за името, по спектакуларната победа на „Сириза“ на вонредните парламентарни избори во Грција. Нејзиниот лидер, 40-годишниот левичар Алексис Ципрас, до победата не стигна преку националистичка реторика во одбрана на грчките позиции на името Македонија, туку врз крилјата на незадоволството од мерките за штедење, намалувањето на платите и пензиите, невработеноста и црната статистика од 8.000 самоубиства од почетокот на должничката криза.

Меѓу 35 и 40 проценти од 9,8 милиони Грци со право на глас, довербата му ја дадоа за да преговара за поправедни услови за враќање на грчкиот долг од 240 милијарди евра, како и за неговото ветување дека ќе го откаже договорот за штедење, со што 'тројката' на меѓународни доверители ќе стане минато. Поради ваквите приоритети на Ципрас, во македонската јавност нема очекувања за голем пресврт по прашањето што две децении ги кочи евроатлантските интеграции на земјата. Антонио Милошоски, поранешен министер за надворешни работи е уверен дека надворешната политика нема да биде приоритет на владата на Сириза.

„Да се стане премиер на мнозинство разочарани граѓани е полесно, отколку да се задоволат сите нивни очекувања. Грција е во длабока економска криза и прв приоритет на новата влада ќе бидат преговорите со ЕУ и ММФ за дополнителен отпис на долговите или за нивно репрограмирање. Надворешната политика нема да биде приоритет на владата на Сириза, која патем не е многу наклонета кон политиките на НАТО алијансата. Ципрас сигурно нема да води полоша политика кон Македонија од Самарас, но дали ќе води подобра, рано да се каже. Очекувам неговата влада да ја одмрзне политиката на игнорирање на соседот и да се отвори можност за средби на ниво на министри за надворешни работи, а веројатно и на премиерско ниво на маргините на некоја меѓународна конференција. Самарас не сакаше ни да се сретне со Груевски, но Ципрас ќе гради попрагматичен имиџ во тој поглед. Во односот кон македонското прашање, не треба да очекуваме драматични промени за брзо време. Сириза ќе има министри и пратеници, но администрацијата се уште ќе биде запоседната со кадри од ПАСОК и Нова Демократија. Затоа е веројатно, дека на некоја прес конференција и новиот министер за надворешни работи ќе ги прочита црвените линии од неговиот претходник“, оценува Милошоски.

Aspen Konferenz
Антонио МилошоскиФотографија: DW

Некомпатибилни за преговори

Досегашниот премиер Андонис Самарас, кој на овие избори го доживеа својот најтежок пораз, во кампањата ја повикуваше нацијата да „не дозволи хаос кој ќе се случи ако победи Ципрас“, бидејќи политиката на левите радикали ќе ја остави земјата без извори на финансирање, ќе ја доведе до финансиски крах, но и до судир со цела Европа. Тој на митинзите во Солун најавуваше жестока одбрана на идентитетот и на името Македонија, но фактот што веќе нема да биде во позиција да го спроведува тоа, не и ја ослеснува позицијата на Република Македонија. Поранешниот министер за надворешни работи Денко Малески, утврдува две причини поради кои нема да има поместување по прашањето за името.

„Преокупацијата на новата влада ќе биде да состави преговарачки тим, не за Македонија туку за ЕУ, со кој ќе се обиде да ги ублажи мерките за штедење со кои се согласи претходната влада, а кои ја обврзуваат сегашната. Но, рамката за маневрирање ќе биде тесна. Од друга страна, по изборните ветувања на Сириза за прекин на разговорите со 'тројката', за зголемени плати, пензии, бесплатна струја на оние кои не можат да ја платат.., останува да се види колку радикалната левица ќе биде радикална. Фактот дека само Сириза би можела да формира влада, го става новиот водач во позиција да не размислува за најдоброто решение за излез од сериозна криза во која било држава - влада на широка коалиција“, укажува Малески. Втората причина, поради која не очекува поместување по прашањето за името, ја лоцира во „некомпатибилноста за преговори“.

„Политичката криза во Македонија, која и самата има водач и партија која не успева да ја разбере вредноста на демократскиот систем на владеење, па и градење политичко единство околу можните решенија на тешкиот државен проблем, ги прави политиките на двете земји некомпатибилни за преговори. Наша несреќа е што кога во Грција и би постоеле идеална економска, политичка клима и влада спремна за компромис, ние не би можеле да одговориме на таквата политика. Македонското 'име' го искомплициравме со македонскиот 'антички идентитет', што не прави некомпатибилни како преговарачи не само со оваа, туку со која било грчка влада. Дури откога тоа ќе се сфати, можно е да почне внатрешен дијалог за формулирање поинаква државна и национална политика. Денес, како и во последниве 24 години, надворешните политики на Македонија и на Грција личат на два брода кои се разминуваат во магла“, констатира Малески.

По Самарас – се е добра вест!

Дел од аналитичарите сметаат дека одушевувањето од Сириза брзо ќе премине во разочарување, бидејќи новата влада ќе биде ставена „во рамка“, во која нема да може да ги испорача економските ветувања до гласачите. Според нив, и историјата покажува дека т.н против-естаблишментски партии од типот на Сириза, имаат краток век на траење. Но, сите не го делат тој став. Зоран Андоновски, Главен уредник на новинска агенција Мета.мк и поранешен дописник од Атина, вели дека по Самарас, се е „добра вест“

Mazedonien Denko Maleski Ehemaliger Außenminister
Денко МалескиФотографија: privat

„Главниот проблем на Ципрас ќе бидат (пре)големите очекувања. Најавува промени, прекин на штедењето и преиспитување на меѓународните договори. Денес е нов ден, прв по победата и во него ќе има малку место за старите слогани. Грција, сакала тоа да го признае или не, е нераскинлив дел од ЕУ. Нема излез од еврозоната, а уште помалку излез од програмата за штедење. Не треба да се потценува психолошкиот моменат на нов, енергичен, неизвалкан политичар кој дава надеж дека нешто ќе се промени. Тоа им требаше на нашите јужни соседи. Она што единствено Ципрас може да го направи е да донесе нова енергија, нова надеж и нов оптимизам кај Грците, кои се чувствуваат изневерени од сите - и од домашните политичари и од странските доверители и пријатели кои си ги бараат парите назад. Во моментов, уште поголема дилема е дали тоа нешто ќе значи за спорот околу името, за Македонија. Тоа, колку што видовме од предизборието, не е негов приоритет и сигурно на почетокот нема да губи време, енергија и рејтинг на името. На подолг рок, Ципрас е добра вест за нас, иако тој се изјасни во прилог на грчките црвени линии. Но, после Самарас сите би биле 'добра вест'“, смета Андоновски.

Договорите мора да се почитуваат

Но, според Милошоски, она што загрижува е непочитувањето на Сириза кон принципот „pacta sunt servanda“, принцип кој ЕУ го потенцира во однос на договорот за мерките за штедење и ветената финансиска поддршка.

Matthew Nimetz
Метју НимицФотографија: MIA

„Македонија исто така држи до принципот 'pacta sunt servanda' во однос на Времената Спогодба и пресудата од Меѓународниот Суд на правдата во Хаг. Но, ако Ципрас има дрскост да им пркоси на ЕУ и ММФ, тогаш зошто би морал да биде пофлексибилен кон Македонија? Затоа, покрај надежните очекувања од новата грчка влада, треба да имаме на ум и две важни работи: дека Ципрас не е Самарас, но Ципрас не е ни Мајка Тереза. Можеби како опозиционер ни изгледал полиберален, но како премиер за очекување е да биде поконзервативен. Сепак, новата политичка сцена во Грција е и некаква нова можност. Затоа ќе биде добро, освен куртоазните честитки до новата влада, по дипломатски канали да се испрати и сигнал на добра волја и желба за што поскори билатерални средби на ниво на министри за надворешни работи или на ниво на премиери. Би било многу корисно ако на билатерално ниво се воспостави комуникација која би имала за цел да изготви еден мал пакет на прагматични трговски, инфраструктурни или дипломатски мерки кои би ги презеле двете страни, со намера да се зголеми довербата меѓу Атина и Скопје. Добро би било пред почетокот на летото и Нимиц да го запознае Ципрас, а штом ќе е во близина да помине на кафе-муабет и во Република Македонија“, сугерира Милошоски.

Но, можноста од позитивни изненадувања, (за Македонија), сепак, не треба целосно да се отфрли, поради неколку „сигнали“. Како што потсетуваат медиумите, Грција никогаш досега немала помлад политички лидер, а кој притоа не потекнува од познатите династии кои ја создаваа историјата на модерна Грција. Исто така, досега беше незамисливо во конзервативна Грција, каде влијанието на Црквата е огромно, на чело на владата да биде атеист, особено некој кој со години живее во вонбрачна заедница во која има две деца. Можеби, ќе следат и други изненадувања?!

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Северна Македонија Протест

Кога градот престанува да биде Град

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница