И името на новиот шеф на ФИФА во „Панамапејперс“ | Свет | DW | 06.04.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

И името на новиот шеф на ФИФА во „Панамапејперс“

Новиот претседател на ФИФА Џани Инфантино веќе е во дефанзива откако и неговото име исплива меѓу милионите вмешани во скандалот со оф-шор фирмите. Исландскиот премиер ја напушти функцијата

Потписот на претседателот на ФИФА, Инфантино исплива во ткн. „Панамапејперс“ во врска со проблематичен договор за ТВ права во Јужна Америка, објави германскиот весник Зиддојче Цајтунг.

Швајцарецот Инфантино, 46, го наследи суспендираниот Сеп Блатер во февруари годинава на челната позиција во Светската фудбалска организација.

Спорниот договор Инфантино го потпишал во 2006 и 2007 година, како тогашен шеф на правната служба на УЕФА. Се работи за договор за продажба на ТВ права за пренесување на фудбалската Лига на Шампиони и други турнири со фирма „поштенско сандаче“ предводена од две лица кои во меѓувреме се меѓу обвинетите за скандалот во ФИФА. Се работи за фирмата „Крос трејдинг“ која ја предводат Аргентинците Хуго и Маријано Јинкис, обајцата обвинети од страна на американските истражители. Таткото и синот се обвинети дека ја подмитувале ФИФА и други фудбалски функционери за поефтино да добијат ТВ права, а потоа ги препродавале за голем профит.

Инфантино демантира

Во договорот потпишан со Инфантино и ФИФА, компанијата исто така направила голем профит, купувајќи ги ТВ правата за 140 илјади долари, а ги продале за 440 илјади долари.

Ваквата трансакција го отвора прашањето:„Зошто УЕФА ги продала ТВ правата под нивната вредност?“, прашува Зиддојче Цајтунг.

ФИФА, УЕФА и Инфантино досега во повеќе наврати демантираа дека имаат било каква врска или соработка со фирмата на Маријано и Хуго Јинкис.

По објавувањето на текстот, Инфантино реагираше со изјава во која соопшти дека е „разочаран“ и нема да прифати „неговиот интегритет да биде доведуван во прашање од страна на одредени медиуми“.

„Како што јавија и самите медиуми, нема индикации за било какво злоупотреби од страна на УЕФА или од мене во овој случај“, изјави Инфантино.

Гунлаугсон замина

Sigmundur David Gunnlaugsson Island Premierminister

Зигмундур Давид Гунлаугсон

Во меѓувреме, исландскиот премиер Зигмундур Давид Гунлаугсон стана првата „жртва“ на откритијата во „Панамапејперс“, откако во вторникот поднесе оставка на функцијата. Документите покажуваа дека сопругата на Гунлаугсон поседувала оф-шор фирма која имала удели во банкротираните државни банки на Исланд.

Премиерот тврдеше дека не сторил ништо погрешно и првично одби да даде оставка, но по масовните протести на илјадници луѓе пред владата во Рејкјавик, по неколку часа се повлече.

Гунлаугсон сепак ќе остане на чело на владејачката Прогресивна партија, а на негово место во владата ќе биде именуван досегашниот заменик Зигурдур Инги Јохансон.