И европските избори - економски фактор за нестабилност | Економија | DW | 22.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

И европските избори - економски фактор за нестабилност

И во пресрет на европските избори економскиот раст во ЕУ останува низок. Наспроти тоа, ситуацијата на пазарот на работа и натаму се подобрува. Дали тоа игра некаква улога за изборите за Европскиот парламент?

Европејците во моментов имаат причина да бидат загрижени за економијата. Постојани закани од Доналд Трамп, конфликт помеѓу Кина и САД, Брегзит со сите неизвесности. Последиците на должничката и финансиска криза и натаму висат како сенка над Унијата.

Во втората половина на 2018 економската моќ на Европејците речиси и да не бележеше пораст. Германија, најголемата економија на континентот, за влакно избегна рецесија. На само неколку дена пред изборите Заводот за статистика објави дека во првиот квартал годинава економијата забележала мал пораст од 0,5 проценти на европско и 0,4 проценти на ниво на Германија.

Помалку раст во 2019

Тоа не е причина за „опуштање“, оцени германскиот министер за економија Петер Алтмајер со невообичаена претпазливост. Слично е видувањето и на Европската комисија во Брисел. Во мај објавената прогноза за конјунктурата предвидува значително послаб пораст во Европа. Намалените очекувања во Европа ги отсликуваат прогнозите за раст и трговија на светско ниво во согласност со објавите на Меѓународниот монетарен фонд и други институции. Нивниот аргумент е дека кога на светската економија не ѝ е добро, страдаат и Европејците.

ЕУ, а особено еврозоната, се „во голема мера зависни од екстерната побарувачка“, се вели во извештајот на Комисијата. Расположението и натаму е лошо, особено кога ќе се земат предвид и домашните проблеми. „Тука се и кризите во автомобилската индустрија, социјални тензии, политичка несигурност заради Брегзитот“, заклучува Комисијата.

Соодветни се и прогнозите. За Германија, особено зависна од извозот и со автомобилска бранша која е соочена со слабоста, се предвидуваат 0,5 проценти пораст. Во Италија, каде владее политичка несигурност и со која владеат леви и десни популисти - 0,1 процент. Наспроти тоа, ситуацијата во Франција е подобра, иако таму и натаму протестираат Жолтите елеци - предвиден пораст од 1,3 проценти.

Infografik EU Wirtschaft BNP EN

Економски пораст во проценти (извор: Европска Комисија)

Позитивен тренд во Полска и Унгарија

Најголем пораст од 4,2% бележи Полска, земјата против чија влада е покрената дисциплинска постапка, бидејќи, според Европската комисија, има направено прекршок против основните демократски принципи. И Унгарија, чиј премиер Виктор Орбан исто така е обвинет за загрозување на демократијата, со прогнозиран раст од од 3,7% исто така котира добро. Со вакви бројки може да се направи добра предизборна кампања за европските избори.

Како позитивен момент ЕК ја истакна стабилната домашна побарувачка во поголемиот број земји. Комисијата нагласува дека ова не е само поради растот на платите и стабилен пазар на работа, туку во случајот на Полска, Унгарија и другите земји од истокот или центарот на ЕУ - и на растечкиот прилив субвенции од Брисел.

Невработеноста е особено ниска во Германија, Холандија, но и во Полска и Унгарија. Ситуацијата останува особено проблематична во јужниот дел на ЕУ, пред сѐ во Грција, Италија и Шпанија. Европската комисија очекува во тековнава година процентот на невработени во еврозоната да биде 7,7%, а во рамките на ЕУ 6,6%, вклучително и Велика Британија. Се очекува состојбата на пазарот на труд да продолжи да се подобрува и во 2020 година, иако со побавно темпо отколку порано, сѐ додека не се достигне нивото од 7,3%, „ниво кое е пониско од перидот пред финансиската криза“, велат од Комисијата.

И по изборите неизвесно

На крај Европската комисија мора да признае дека листата на ризици е многу долга. Трговски конфликти, царински казни, ослабена светска економија, тврдокорен Брегзит, а не може да се исклучат ниту проблемите во банкарскиот сектор и со државните обврзници. Со оглед на ризиците, не е ни чудо што и европските избори може да се стават на листата на економски фактор за нестабилност. Ако владите по изборите водат „неодржливи политики“ или ако дојде до политичка нестабилност, како што вели извештајот на Комисијата, „тогаш постои ризик  приватните инвеститори да си ги повлечат парите“.

Реклама