И десничарската АфД сака место во претседателството на Бундестагот, засега безуспешно | Информации и анализи за Германија | DW | 13.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

И десничарската АфД сака место во претседателството на Бундестагот, засега безуспешно

Сите партии имаат свој претставник во највисокото тело на германскиот Бундестаг, освен десничарските популисти од АфД. Дали е тоа во ред и во согласност со демократските принципи?

Бербел Бас е новата силна жена во германскиот парламент. Социјалдемократката на крајот на октомври беше избрана за претседателка на Бундестагот, како наследник на Волфганг Шојбле од ЦДУ. Тоа е една од највисоките пет функции во земјата. Покрај Бас, тоа се претседателот на државата- Франк-Валтер Штајнмајер, канцеларката во заминување - Ангела Меркел, претседателот на Бундесратот – Советот на сојузните покраини – Бодо Рамелов од Левица и претседателот на Сојузниот уставен суд – Штефан Харбарт.

Во принцип еднакви права за сите

Овие петмина се на чело на т.н. уставни органи, кои се израз на поделбата на власта на законодавна, извршна и судска. Заедно го сочинуваат темелот на демократијата, а сето заедно е можно само врз основа на слободни  избори.

Бербел Бас на функцијата стигна зашто нејзината партија, СПД, е најсилна политичка партија во Бундестагот. Тоа право не е законски одредено, но на таа функција традиционално се избира некој од редовите на најголемата пратеничка група.

Една од најважните задачи на претседателот на Бундестагот е водење на парламентарните седници. Во тоа помагаат пет заменици, сега се четири жени и еден маж, сите заедно го сочинуваат претседателството на Бундестагот. Во член 2 од Деловникот се вели дека „Бундестагот ги избира претседателот и неговите заменици во време на траењето на изборен рок во посебни постапки на гласање со скриени гласачки ливчиња. Секоја парламентарна партија во германскиот Бундестаг во претседателството ја претставува најмалку еден потпретседател.“

АфД под надзор на Службата за заштита на уставот

Така беше со децении, сѐ до 2017 година, кога Алтернатива за Германија, АфД, првпат влезе во Бундестагот. Нејзините кандидати во ниеден обид не успеаја да добијат потребно мнозинство. Причина е што останатите партии одбиваат каква било соработка со десничарските популисти, кои се под надзор на Службата за заштита на уставот поради екстремистички тенденции. Затоа социјалдемократите (СПД), демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ), Либералите (ФДП), Зелените и Левица не сакаат никого од АфД во претседателството на Бундестагот. 

Тука се јавува принципиелна дилема: секоја пратеничка група има изричито право да биде застапена во главното парламентарно тело, но кандидатите мора да бидат избрани со мнозинство гласови од пратениците, кои гласаат само според својата совест.

Берлинскиот експерт за уставно право Кристијан Песталоца во разговор за Дојче веле дава вакво објаснување: „Пратеничките групи имаат право на местото, но не и на личноста, која сами ја избираат.“

Berlin | Konstituierende Sitzung des neuen Bundestags

Претседателката на Бундестагот Бербел Бас (трета од лево) и нејзините пет заменици

Шест неуспешни кандидати на АфД

Што значи тоа во пракса, АфД имаше прилика да види во изминатите четири години: ниеден од нејзините шест кандидати не помина. Партијата поради оваа пракса поднесе тужба до Уставниот суд со барање за тоа да се решава по забрзана постапка. Но, Судот ја одби итната постапка, а во редовната одлуката се очекува дури во текот на идната година.

„Маргинализирање на милиони избирачи“

Експертот за уставно право Песталоца смета дека со оглед на одредбите од Деловникот, Бундестагот „не може да ги одбие сите пратеници од редовите на АфД“. Некој на крајот ќе мора да биде прифатен, но тоа може да потрае. Во минатиот легислативен период, кога АфД беше најсилна опозициска партија, тој пат ѝ беше предолг.

Но, ни сега изгледите не се добри. Михаел Кауфман, кого АфД го предложи за заменик претседател на Бундестагот, во првиот обид не успеа. Тоа го прокоментира со зборовите: „Новиот Бундестаг падна на првиот тест по демократија.“ А шефицата на пратеничката група на АфД, Алис Вајдел, изјави дека со ова „се маргинализираат милиони бирачи кои гласаа за нас и кои ги претставуваме во Бундестагот.“ 

Михаел Кауфман втор обид

Во покраината  Тирингија, Михаел Кауфман лани успеа да биде избран на местото потпретседател на тамошниот покраински парламент. За него гласаше и Бодо Рамелов од Левица, претседател на тамошната покраинска влада. Поради тоа беше остро критикуван, но на нападите одговори дека ни тој не ја сака АфД како партија, ниту има симпатии кон Кауфман, но „ги почитува парламентарните правила“.

Со тоа принципиелно се согласува и Песталоца: „Не би било добро ако Бундестагот ги отфрлува сите кандидати на АфД принципиелно и без оглед на тоа за кого станува збор, само за да се истакне дека мнозинството не ја сака оваа партија“. Но, притоа на пратениците треба да им биде допуштено да не прифаќаат „на слепо“ предложени кандидати. Тоа секако се однесува и на сите пратенички групи.

АфД во меѓувреме најави дека Михаел Кауфман ќе се кандидира по вторпат за местото заменик во претседателството на Бундестагот.