И Германците заминуваат на работа во странство | Свет | DW | 07.12.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

И Германците заминуваат на работа во странство

Мнозинството германски емигранти заминува во странство заради работа и повеќе пари. Меѓу нив има најмногу академски граѓани, а најпопуларна дестинација за Германците е соседна земја од германското говорно подрачје.

Германските емигранти се претежно високообразовани академски граѓани во најдобри години: 76% од нив имаат универзитетска диплома или се доктори на науки. Значи три четвртини од иселениците се со високо образование, иако само една четвртина од вкупното германско население е со универзитетска диплома. Повеќето се на возраст помеѓу 20 и 40 години. Тоа произлегува од студијата на Сојузниот завод за истражување на населението.

Според оваа студија, голем дел од испитаниците емигрирал од професионални причини. „Честопати се работи за следниот чекор во кариерата“, рече политикологот Андреас Ете при претставувањето на резултатите од студијата во Берлин. Само 18% од испитаниците одговориле дека ја напуштаат Германија поради незадоволство со животот во оваа земја.

Предности и недостатоци на иселувањето

За мнозинството емигранти заминувањето во странство се исплатело финансиски. „Повеќе од 60% од испитаниците вели дека нето приходот по домаќинство во странство им е 'подобар' или 'многу подобар' од платата која ја имале во последните месеци во Германија“, изјави Ете. Во просек, нето-личниот приход се зголемил за 1186 евра месечно.

Тоа големо зголемување на приходите останува дури и кога ќе се земе предвид различната куповна моќ на земјите во кои емигрирале Германците. Се покажало дека од зголемувањето на нето-приходите во странство профитирале сите емигранти, а особено оние кои немаат високо стручно образование.

Herztransplantation in der Schweiz (picture-alliance/dpa/dpaweb)

Многу германски лекари заминуваат на работа во Швајцарија

Но, емиграцијата има и негативни последици: на 40% од иселениците малку им се влошиле социјалните контакти во странство.

Според Сојузниот завод за истражување на населението, во странство во моментов живеат околу 4 милиони Германци. Секоја година во просек 180.000 германски граѓани ја напуштаат земјата. Во истиот период околу 130.000 граѓани се враќаат назад. Поради тоа на Германија не ѝ се заканува т.н. „одлив на мозоци“. Студијата покажува дека престојот во странство обично е привремен и трае само неколку години. Политикологот Андреас Ете оценува дека повеќе би можело да се зборува за „циркулација на мозоци“.

Повеќе: 

Што треба да знае секој лекар? Германски!

Германија секогаш останува опција

Особено популарна е Швајцарија

Во изминатите 10 години Швајцарија била без конкуренција најпопуларна дестинација за германските емигранти. Речиси 200.000 Германци се преселиле во соседната земја. 127.000 Германци заминале во САД, 108.000 во Австрија, а 82.000 во Обединетото Кралство.

Стапката на иселување од Германија од 5,1% е релативно висока во однос на други индустриски земји. Така, на пример, од САД се иселуваат 0,7% од населението, од Јапонија - 0,6%, додека од Полска си заминуваат дури 10% од граѓаните.

Студијата German Emigration and Remigration Panel Study (GERPS), направена од Сојузниот завод за истражување на населението во Визбаден, кој соработуваше со социолози од Универзитетот Дуизбург-Есен, целосно го промени традиционалниот пристап во истражувањето на миграцијата - не истражува имигранти во земјата која е нивна цел, туку се концентрира на емигранти од одредена земја кои заминуваат на различни места во светот. За истражувањето се анкетирани повеќе од 10.000 германски државјани на возраст од 20 до 70 години кои се преселиле во странство во периодот помеѓу јули 2017. и јуни 2018 година, или во истиот тој период од странство се вратиле во Германија.

DW.COM

Реклама