И Брисел се прашува: што сега со Брегзит? | Свет | DW | 30.03.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

И Брисел се прашува: што сега со Брегзит?

Откако британскиот парламент третпат го одби договорот за Брегзит, во Брисел се разгледуваат само уште две сценарија – или ново продолжение на рокот за Брегзит или заминување без договор. Дали Лондон ќе го плати цехот?

И што сега? Долниот дом на парламентот во Лондон вчера третпат гласаше против договорот на британската влада и ЕУ, 344 гласа „против" и 286 „за“. Не помогна ни што премирката понуди оставка и „нов почеток“ во случај да се изгласа договорот. Т.н. тврд Брегзит е сѐ поизвесен, рокот засега е 12 април.

Таков исход не одговара никому во Брисел. Ако британските пратеници го прифатеа дилот, Брегзит ќе можеше да биде одложен до 22 мај, пред европските избори. Во сила тогаш би стапил преоден период до крајот на идната година, до кога Велика Британија би останала во заедничкиот пазар.

Од перспектива на главниот преговарач на ЕУ Мишел Барние, британската премиерка има само две опции: таа може во Брисел да побара продолжување и по 12 април или пак нејзината земја да ја напушти ЕУ без никаков договор. „Ќе почукаат тие на нашата врата“, изјави Барние во Варшава, „спремни сме за разговори и советувања“.

Продолжувања до европските избори?

„Доколку Британците сакаат продолжување на рокот, тогаш тоа треба да биде прилично долго“, изјави по којзнае кој пат претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск во Брисел. Тој најави специјален самит на ЕУ за 10 април.

Досега Тереза Меј одбиваше да побара продолжување на рокот. Од 23 до 26 мај се одржува гласање за Европскиот парламент, ако Британците тогаш уште се во ЕУ, тогаш ќе мораат да гласаат и тие на изборите.

Од друга страна , британскиот парламент повеќепати се изјасни против излегување од ЕУ без никаков договор. Тереза Меј според најавите има намера да остане на премиерската функција, има намера да работи на „регулиран Брегзит“ и- „парламентот стигна до своите граници“, изјавила таа.

UK Brexit | Parlament (AFP/PRU/HO)

И британскиот парламент не успева да го одврзе „јазолот Брегзит“

ЕУ очекува Меј на следниот самит да претстави можно решение. „Можно е Британците прво да добијат кратко продолжение, до 22 мај или 30 јуни“, ни изјави еден дипломат во Брисел. Крајот на јуни се споменува зашто Европскиот парламент ќе се конституира дури во почетокот на јули, но и тој датум е правно спорен.

„Пред да допуштиме Британците да излезат од ЕУ во хаос, ќе се обидеме да најдеме правно втемелено решение за овој проблем“, додаде дипломатот.

Мишел Барние пак најави дека ЕУ сега уште поинтензивно ќе се спрема за заминување на Британците без договор. Посебно во фокусот е границата на Република Ирска и Северна Ирска, која е дел од Обединетото Кралство. 

Барние навести дека граничните и царински контроли во случај на тврд Брегзит би можеле да се одвиваат не на самата граница, туку подлабоко во територијата.

Повеќе:

Брегзит: Лондончани со страв гледаат кон иднината

Самрак за Тереза Меј

Тој всушност најавува некој вид останување на Северна Ирска во царинската унија на ЕУ, што е сценарио кое Лондон и северноирските протестанти одлучно го одбиваат. Но, повторно воведување видлива ирско-ирска граница разбудува страв од нови конфликти. За тој проблем следната недела ќе разговараат францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел со ирскиот премиер Лео Варадкар.

Што е со цехот?

Амбасадорите на членките на ЕУ уште во средата разгледаа бројни сценарија и утврдија дека во случај на тврд Брегзит, со Британците може да се раговара за идните односи само ако Лондон ја уплати бараната цена за „разводот“. Во спогодбата која британскиот парламент ја одбива, се вели имено дека Велика Британија е должна 39 милијарди евра, кои треба да ги уплати во заедничката каса на ЕУ.

Доколку седум дена по Брегзит не стигнат гаранции дека Лондон ќе ги уплати парите, сите разговори за идните трговски односи меѓу островот и континентот одат на мраз. Многу британски пратеници ова го одбиваат, сметајќи дека во случај на тврд Брегзит нивната земја не смее да има ни финансиски обврски кон ЕУ.

Холандскиот премиер Марк Руте предупреди дека нерегулиран Брегзит сега е најизгледна опција. Сепак, дипломатите во Брисел претпоставуваат дека шефовите на држави или влади на ЕУ-самитот сепак ќе се обидат да направат отстапка кон Тереза Меј. „Тие не сакаат да бидат виновници ако Британците 48 часа по самитот излетаат од ЕУ“, вели еден дипломат упатен во разговорите.

 

DW.COM

Реклама