Италија: 100 дена популистички експеримент | Свет | DW | 08.09.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Италија: 100 дена популистички експеримент

Третата по големина земја во еврозоната од јуни е управувана од популисти и радикални десничари. Сѐ уште ветените промени се држат во граници, освен кај миграцијата. Биланс на Бернд Ригерт.

Во Италија, популистичката влада на движењето „Пет ѕвезди“ и радикално десничарската „Лега", е наречена „жолто-зелена“ коалиција според партиските бои. Весникот „Република“ на „Жолто-зелените“ 100 дена по преземањето на функцијата, им дава прилично скромна оценка. „Изборните ветувања останаа само најави“, нагласува весникот. Луиџи ди Мајо, шефот на „Пет ѕвезди“, е министер за економски развој и труд. Матео Салвини, лидерот на „Лега“, е министер за внатрешни работи. Надвор од Италија, главно беше забележан Салвини со неговиот груб пресврт во миграциската политика. Тој ги затвори пристаништата за приватните спасувачки организации кои спасиле бродоломци во Медитеранот. На крајот, тој  дури и на бродот на италијанската крајбрежна стража, „Дичиоти“,  не му дозволи да влезе во италијанско пристаниште. Кога бродот по големите критики и во Италија,  можеше да влезе во пристаниште во Сицилија, на мигрантите не  им беше дозволено да го напуштат бродот. Само по изнудената согласност од државите-членки на ЕУ, Албанија и католичката црква дека ќе се грижат за овие луѓето, Матео Салвини попушти.

Italien Matteo Salvini (REUTERS)

Матео Салвини

Притисок врз ЕУ за миграцијата

Негова цел, како што изјави во интервју за ДВ е повеќе воопшто да не пушта мигранти во Италија. ЕУ во Брисел е иритирана од курсот на популистичката влада. Уценувањето не е средство за политика во ЕУ, изјави портпарол на Европската комисија. Матео Салвини пак воопшто не го засега тоа. Тој се претставува себеси како дејствувач и гради нови сојузи со популистите и противниците на миграцијата во Унгарија и во Австрија. Афирмативни зборови Салвини во интервјуто за ДВ упати и за германската влада,  која опстојува на ставот за прераспределба на мигрантите од Италија во остатанатите земји од ЕУ.

Во  самата Италија, пак Луиџи ди Мајо се обидува да поентира со својата агенда. Тој најави повлекување на реформите кои ги спроведе претходната влада на социјалдемократите. Заштитата од отпуштање од работа за италијанските работници треба повторно да биде заострена. Бројот на договорите за работа на определено време треба да се намали. Сите други ветувања, како што се основниот приход за сите посиромашни Италијанци, драстичната даночна реформа со единствена даночна стапка, пензиската реформа и повлекувањето на најавениот пораст на ДДВ, би требало да стојат во буџетот за следната година. Жолто-зелената коалиција ќе го претстави на крајот од септември. Деталите за овој нацрт-буџет сè уште не се познати.

Italien Regierungsbildung | Luigi Di Maio (picture-alliance/AP Photo/ANSA/G. Lami)

Луиџи ди Мајо

Новинската агенција „Блумберг" пресмета дека овие  ветувања севкупно изнесуваат 100 милијарди евра. Буџетот ќе покаже како точно  ќе се финансира ова, објави Матео Салвини во интервју за ДВ. Ваквите и други економски нелогични најави предизвикаа нервоза кај финансиските пазари. Во меѓувреме амбициозните планови беа повторно ублажени а Салвини порача дека не мора сѐ да се направи одеднаш, што пак ги намали тензиите на берзите.

А каде е премиерот?

Весникот „Република“ пишува за „поплава на најави" во првите 100 дена, кои сега треба да бидат обработени. Згора на тоа доаѓа и уривањето на мостот на автопатот во Џенова. Оваа катастрофа и неуспехот на владиниот надзор доведоа до интензивна дебата околу тоа дали приватизираните автопати треба повторно да се национализираат и колкави би биле трошоците за тоа.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте, кој не е партиски кадар и се смета себеси како „адвокат на сите Италијанци“, се држи во заднина зад двајцата партиски лидери. Соработката меѓутоа е добра, ние сме тим, увери Конте во интервју по повод првите 100 дена на функцијата: „Ние не му припаѓаме на стариот систем", додаде Конте за „Хафтингтон пост“.

Џузепе Конте пак во Брисел, привлече внимание единствено со барањето да се запре миграцијата кон Италија. На самитот во јуни, професорот  успеа да издејствува ЕУ да најави формирање на прифатни центри за мигранти во медитеранските земји и во Северна Африка. Досега меѓутоа не се случи ништо конкретно по оваа најава. 

Italien Regierung gescheitert - Guiseppe Conte gibt auf (Reuters/A. Bianchi)

Џузепе Конте

„Тие немаат поим“

Оценката на политичкиот експерт Маурицио Ферара од универзитетот во Милано за работата на жолто-зелената популистичка влада во првите 100 дена не е многу ласкава. „Тие навистина немаат поим како да се управува, и влегоа целосно неподготвени во работата.  Досега тие времето главно го потрошија во продолжување на нивната изборна кампања“, изјави Ферара за Дојче веле. Владата во Рим се гледа себеси како влада на промени, и вети револуции. На крајот на септември, кога ќе биде претставен буџетот за 2019 година, ќе  знаеме повеќе.

DW.COM

Реклама