Италија оди уште подесно | Свет | DW | 23.02.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Италија оди уште подесно

Десните популисти најверојано ќе победат на утрешните регионални избори во Сардинија. Овие избори се тест за нова коалиција во Рим. Италија се врти уште повеќе кон десно.

Wahlkampf Sardinien Matteo Salvini (DW/B. Riegert)

Салвини со часови одговара на прашања на граѓаните и се фотографира со нив

Поп-музика ечи на плоштадот во Сасари. На силно осветлената сцена стои политичката поп-ѕвезда на Италија, Матео Салвини, свртен со грб накај публиката. Прегрнат со едно младо момче, заедно прават селфи. Долга е редицата поддржувачи на деснорадикалниот политичар кои чекаат да дојдат до бината. Меѓу нив е и едно семејство со потемна боја на кожата и со очигледно мигрантско потекло. На секои 30 секунди насмевката на Салвини завршува на нечија фотографија за спомен. Ова трае два часа. Овие селфи-сесии се главен белег на неговата изборна кампања. Одвреме-навреме ќе направи кратка пауза за цигара или за интервју со некои од присутните новинари. Од неговиот џеб ѕирка мало мече кое му го подари една обожавателка.

Министерот за внатрешни работи стана омилен поради неговиот посебен настап и тврдокорен став против мигрантите. Тој убедливо води според анкетите. Ако реши денес да излезе од осумесечната владина коалиција со популистичкото „Движење 5 ѕвезди“ во Рим, тој има добри шанси, по нови избори да стане и следниот премиер на Италија. По регионалните избори во Сардинија во недела и европските избори кон крајот на мај, на кои Салвини со неговата партија Лега може да победи, тој ќе се чвуствува доволно силен за да преземе ваков чекор, коментираат аналитичарите во Италија. Салвини веќе победи на тест-изборите во регионот Абрузија пред 14 дена. Таму владееше неофашистичката „Браќа на Италија".

Повеќе: 

Тајани и Салвини отворија стари рани

Опасен судир меѓу Франција и Италија

Полска и Италија: десничарска алијанса пред ЕУ-изборите

Салвини не ги открива амбициите

На прашањето на Дојче веле дали сака наскоро да стане и премиер, Салвини само кратко се насмеа, а потоа одговори: „Јас сум министер за внатрешни работи и немам планови да станат премиер. Јас се грижам за јавната безбедност, за мафијата, трговијата со луѓе, дрогата и терористите. Мене ми е чест да ја извршувам оваа работа и би сакал уште долго да ја работам.“ Министерот за внатрешни работи шест дена е на турнеја низ Сардинија за да го анимира населението за претстојните регионални избори во недела. „Вие имате избор само помеѓу Лега и левицата, избор помеѓу иднина и пропаст. Да се ослободиме од левицата!“, повика Салвини пред своите поддржувачи на пазарот во крајбрежниот град Алегро. Под поимот левица, десноориентираниот партиски шеф не мисли само на, во меѓувреме речиси безначајните, социјалдемократи и комунисти, туку и на популистичкото „Движење 5 ѕвезди" - несаканиот коалициски партнер во Рим.

Italien, Sardinien, Wahlkampf - Matteo Salvini, Vorsitzender der rechtsradikalen Lega, Innenminister (DW/B. Riegert)

На прашањето на Дојче веле дали сака наскоро да стане и премиер, Салвини само кратко се насмеа

Во своите куси обраќања Салвини зборува против миграцијата, ветува реформа на пензискиот систем и почит за нацијата. „Ние имаме едно знаме, еден јазик, еден идентитет, една историја, една традиција и една култура според кои треба да живееме. Дрво без корен умира." На своите противници, од кои само неколкумина протестираа на пазарот, тој им порача дека „оние што во сѐ гледаат фашисти и марсовци" не може да ги сфати сериозно.

Салвини за премиер – желба на неговите поддржувачи

Донатела Мориту, жена која продава зеленчук на пазарот во Алегро, посакува Матео Салвини да биде премиер. „Тоа би било прекрасно!" Таа е сигурна дека најдоца по европските избори во Италија ќе се смени политичкиот пејсаж. „Тоа ќе се случи многу скоро". Претходно Донатела Мориту била симпатизер на „Движењето 5 ѕвезди“, но за нив вели: „Направија многу грешки. Кај Салвини напротив се гледа дека се работи за човек од акција. А и добро изгледа“, вели оваа жена додека ги пакува мандарините за една муштерика која исто така клима со главата во знак на одобрување. Во меѓувреме Салвини продолжува да прави селфи-фотографии на неговата мала бина на полниот пазар во Алегро. Тој не се брза, се прегрнува, прави шеги, разговара. На прашањето зошто позира со часови министерот одговара: „Морам да ги слушнам луѓето што имаат да ми кажат, бидејќи и тие ме слушаат мене додека зборувам."

И пензионерката Гавина е воодушевена од Салвини. Таа ги спушта кесите и со рацете прави гестикулации сакајќи да звучи што поубедливо: „Тој е еднинствениот кој прави нешто конкретно и ги исполнува ветувањата. Единствениот!"

Шефот на Лега пред сѐ профитираше од радикалната промени во однос на миграциската политика. Тој ги затвори пристаништата за мигрантите. Бродови со бегалци веќе нема да може да се укотвуваат таму, извика Салвини. Луѓето гласно го поддржуваа.

Italien, Sardinien, Wahlkampf - Matteo Salvini, Vorsitzender der rechtsradikalen Lega, Innenminister (DW/B. Riegert)

Во своите куси обраќања Салвини зборува против миграцијата, ветува реформа на пензискиот систем и почит за нацијата

Коалиција со Берлускони и неофашистите?

Рибарот Салваторе Манца е убеден дека Матео Салвини ќе се погрижи за ред и безбедност: „Тој го сака народот, а и луѓето и полицајците го сакаат него“, вели Салваторе Манца за ДВ. „Тој треба да се здружи со ‘Браќата на Италија' и да стане премиер“, посакува овој рибар кој продава на пазарот. „Браќата на Италија" е неофашистичка партија која со Лега на Салвини и Форца Италија на поранешниот премиер и медумски магнат Силвио Берлускони може да формираат коалиција. Екстремниот партиски шеф на „Браќа на Италија", Џорџа Мелони, во едно интервју веќе се понуди како можен коалициски партнер во случај на нови избори. И 82-годишниот Берлускони не ја отфрла можноста за коалиција со радикалната десница.

„Салвини е стратег“

„Италија е збунета и се врти кон десно", коментира по изборната кампања во Сардинија уредникот на најголемиот весник на островот „Ла ноува Сардења", Антонио ди Роса во разговор за ДВ. Ди Роса имал долг разговор со Салвини и убеден е дека тој е многу паметен и има јасен план. „Тој е стратешки политичар, но нема поголемо ниво на култура, ниту длабоко познавање на нештата. Тој го прави тоа што му е од полза во моментот без да размислува подлабоко“, предупредува Ди Роса.

Популистите од „5 ѕвезди" се во голема криза, бидејќи постојано за сѐ велат не. „Верувам дека Салвини по европските избори ќе повика да се одржат нови национални избори и ќе формира нова десничарска коалиција. А по тие избори сигурно ќе имаме нова влада."

DW.COM

Реклама