Италија и вродените мани на еврото | Економија | DW | 14.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Италија и вродените мани на еврото

Италијанската влада ќе се држи до својот буџет и по истекот на ултиматумот од Европската комисија. ЕК му даде рок на Рим до вчера на полноќ да го подобри предлог буџетот за 2019, или во спротивно ќе се соочи со санкции.

Италијанската држава има долг од над 130 проценти од годишното економско отстварување. Во еврозоната само Грција пропорционално има повеќе долгови. За да се излезе од ова должничко мочуриште претходната влада во Рим вети дека при планирањето на буџетот нема да издвојува повеќе од 0,8 отсто од бруто домашниот производ (БДП) за нови долгови. Новата левичарско-десничарска-популистичка коалициона влада не се чувствува обврзана кон ова. Во предлог буџетот за 2019 година, доставен во средината на октомври, за нови задолжувања се предвидени трикратно повеќе средства.

Јоахим Старбати, економист и пратеник во Европскиот парламент, претпоставува дека вистинскиот буџетски дефицит на Италија ќе изнесува далеку повеќе од пријавените 2,4 проценти. „Оваа бројка се заснова на претпоставки кои се нереални. Ако реалистично се постави стапката на раст и стапката на невработеност, ако се некои издатоци се претресат тогаш дефицитот би требало да биде значително повисок од три проценти“, вели Старбати за Дојче Веле. Тоа е причината за големата загриженост на Европската комисија.

Конструкциска грешка на еврото

Тоа ја разоткрива првата вродена мана на заедничката европска валута: одделна фискална политика при заедничка валута. „Кога беше донесена одлука за заедничката валута, немаше подготвеност за обединување и на финансиската политика“, вели Бертолд Буш од Институтот за германска економија. Според него, преку правилата на пактот за стабилност на еврозоната и макроекономскиот надзор се направи обид за приближување во фискалната политика.

Joachim Starbatty (picture-alliance/dpa)

Јоахим Старбати

Повеќе на темата:

-Брисел во кавга со Рим, почнува фискално-политички масакр

-Италија: 100 дена популистички експеримент

-Лицемерието на италијанската влада

Уште еден вроден дефект на еврото станува видлив: Правилата за стабилност (горната граница на задолжувањето) беа повредени стократно. Договорените санкции не беа спроведени ниту еднаш, бидејќи моќта за донесување одлуки беше кај шефовите на држави или на влади на земјите од еврозоната. Со други зборови, потенцијалните престапници пресудуваа за тековните грешници. Така воздржаноста беше програмирана. Во текот на должничката криза, ова правило е променето: сега Комисијата на ЕУ може сама да одлучува за санкции, така што економскиот комесар Пјер Московиси веќе упати закана во насока на Рим. Експертот Буш не ја исклучува можноста овојпат навистина да дојде до казнени мерки. Бидејќи, достигната е нова димензија: „Досега правилата никогаш не беа доведени во прашање, секогаш беа флексибилно толкувани. А сега имаме случај кога една земја вели: прописите веќе не нѐ интересираат.“

Без црвен картон, жолтите се бескорисни

И покрај заканата од Брисел, Јоаким Старбати не верува дека Италија ќе попушти, бидејќи ЕУ нема вистинското средство за притисок. Во најдобар случај може да покаже само жолти картони. „Ако не следи црвен картон, жолтиот картон не вреди ништо".

А црвениот картон значи исклучување од заедничката валута. Еврото, имено, е конструирано како вечен брак - без можност за развод. Точно е дека на секоја земја теоретски ѝ е дозволено доброволно да ја напушти еврозоната. Акцентот е на „теоретски". Ниту Грците ниту Италијанците не сакаат да се откажат од еврото. Причината е очигледна: во Еврогрупата, државниот долг е деноминиран во евра и затоа е во сопствената валута, што ги разликува Грција и Италија од другите пазари во развој како Аргентина, кои позајмиле во американски долари, а со тоа и во странска валута.

Dr. Berthold Busch (Institut der deutschen Wirtschaft/Straßmeier)

Бертолд Буш

Сепак, Бертолд Буш се надева на притисок од друг фронт - на финансиските пазари. „Италија во моментов има 480 милијарди евра долг што треба да се рефинансира во текот на наредната година, па затоа е од клучно значење какви каматните стапки бараат пазарите на капитал." Ако побараат високи каматни стапки, Рим ќе треба да ја преиспита својата позиција.

Улогата на ЕЦБ

Само да не беше Европската централна банка. Досега, таа преку купување на обврзници, итни заеми и ветувања дека ќе стори сѐ што е можно, успеа некако да ја одржи заедно еврозоната. Но, дури и ЕЦБ полека доаѓа до границите на своите сили. Таа најнапред ќе се откаже од програмата за купување обврзници, а потоа и од политиката на нулта каматна стапка ако не сака да ризикува економијата во земји како Германија да прегрее. Но, тогаш ќе се зголемат каматните стапки на државните обврзници, што ќе биде отровно за Италија. Уште една погрешна конструкција на еврото: Монетарна политика скована за многу различни национални економии - по принципот една големина одговара на сите, што меѓутоа реално не може да им одговара на сите.

Едно е сигурно: Италија е друга категорија од Грција, со осум пати поголема економска моќ. Ако таму ескалира должничка криза, дури и џебовите на ЕЦБ не се доволно длабоки за да ја спасат земјата. Што се однесува до иднината на еврото, Јоахим Старбати останува песимист : „Mors certa hora incerta - смртта е сигурна, часот неизвесен".

DW.COM

Реклама