Италијанскиот референдум - опасност за еврото? | Економија | DW | 02.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Италијанскиот референдум - опасност за еврото?

Финансиските пазари се нервозни пред референдумот во Италија. Се заканува ли гласање од протест, кое ќе му наштети на еврото и ќе го загрози?

Откако Британците гласаа за Брегзит, а Американците во САД го избраа Трамп за претседател, претстојниот референдум на 4 декември во Италија се претставува како судбоносен. Доколку Италијанците гласаат со „да“, земјата може да претрпи коренити реформи, уверен е премиерот Матео Ренци. Ако гласаат со „не“, тоа може да значи почеток на крајот на еврозоната.

Најголем дел од анкетите очекуваат изјаснување со „не“, односно одбивање на уставната реформа, која би ги ограничила овластувањата и бројноста на Сенатот, вториот парламентарен дом. Таа, заедно со промената на изборното право, која стапи во сила уште летоска, би требало да ја олесни работата на владата. Партијата која во иднина има 40 проценти од гласовите, во парламентот ќе има апсолутно мнозинство од мандатите. Зајакната на таков начин, таа би можела да спроведува итно потребни реформи.

Реформска слабост

Токму тоа отсекогаш била слабоста во италијанската политика. Во последните 70 години имаше вкупно 63 влади. „Владите често паѓаа токму во моментот кога се обидуваа да спроведат реформи“, вели Кристијан Дунстман, професор по економија на Универзитетскиот колеџ во Лондон. Тој повеќе години предавал на катедри во Италија. „Во последните пет децении важните и нужните реформи во Италија тешко проаѓаа“, вели Дунстман за Дојче веле.

Премиерот Ренци најави поднесување оставка ако Италијанците на референдумот гласаат со „не“, но подоцна ја повлече изјавата. 

На финансиските пазари владее нервоза пред изјаснувањето. Добивките од италијанските државни обврзници речиси двојно пораснаа на околу два процентa, индиција дека вложувачите предвидуваат растечка несигурност.

Нивниот аргумент гласи: „не“ би значела победа на популистите и евро-противниците. Во следната прилика, тие можат да ја преземат власта. Движењето пет ѕвезди, италијанската најголема опозициска партија, од граѓаните ќе бара изјаснување на пример за напуштање на еврозоната.

Веројатноста Италија да ја напушти европската монетарна унија, од консултантската куќа Сентикс во меѓувреме е оценета со 19, 3 проценти, повисока од кога било. Сентикс проценката ја темели на анкета спроведена со околу 1000 финансиски експерти. 

Висока невработеност, недоволен пораст

Премиерот Ренци пред речиси три години на функцијата стапи како реформатор. „Многу работи тој придвижи во вистински правец, на пример реформата на трудовото право“, вели Дунстман. „Тоа на фирмите им го олеснува отпуштањето на вработените“. Кон тоа се надоврзуваат даночните олеснувања за малите и средно големи претријатија.

„Владата ги заврши своите домашни задачи“, вели Јерг Бук, директор на германско-италијанската трговска комора во Милано. „Јасната желба на стопанството е владата на Ренци да продолжи во оваа насока“. Предуслов би бил токму уставната реформа за која се одлучува на референдумот. „Од аспект на стопанските здруженија, тоа би била мајка на сите реформи“, вели Бук за Дојче веле. Кај таборот против реформата не е преовладувачка содржината, туку „да ѝ се даде корпа на владата“.

Лошата економска ситуација ја слабее позицијата на Ренци. Околу 12 проценти од Италијанците се невработени, кај младите луѓе стапката достигнува дури и до 40 проценти. Економскиот учинок денес е понизок отколку пред десет години. Државното задолжување изнесува преку 130 проценти од брутодомашниот производ на земјата, што е втора по височина вредност во еврозоната по Грција.

Гласање од протест

Негативно изјаснување на референдумот за многумина Италијанци е можност да го изразат својот гнев. „Не“ за неолиберални реформи, „не“ за мерки за штедење, „не“ за естаблишментот, „не“ за еврото и ЕУ. „Трамп ни покажа дека може да се победи против сѐ и против секого“, вели Матео Салвини, шеф на деснопопулистичката партија Северна лига.

Европската централна банка стравува дека италијанското „не“ би предизвикало шок на финансиските пазари.

„Зависно од размерот на шокот, треба да ја одмериме нашата евентуална реакција“, изјави вице-директорот Витор Констанцио. ЕЦБ би можела да испрати сигнали на седницата на Советот уште четири дена по референдумот заради смирување на финансиските пазари. Натамошно олабавување на монетарната политика во секој случај би ја засилило и онака гласната критика од Германија.

На тоа се надоврзува нерешената криза на италијанските банки, кои се под бремето на гнили кредити. Банката Монте деи Паши ди Сиена се обидува да обезбеди свеж капитал од пет милијарди евра до крајот на годината, неколкукратно повеќе од нејзината берзанска вредност. По референдумот тоа би бил прв тест за расположението на пазарот, смета лондонската аналитичка фирма Ломбард Стрит Рисрч, ЛСР. Таа укажува дека идната година доспеваат околу 70 милијарди евра од италијанските банкарски позајмици.

Проблемот евро

„Меѓутоа, референдумот не е најголем ризик, туку економската стагнација“, велат аналитичарите. Зашто, не е парализирана само Италија, туку целата еврозона.

„Проблемот е што еврозоната не може да функционира со сегашните членки и освен тоа е екстремно несоцијална“, потенцира Чарлс Дамас од ЛРС. На Германците всушност им е потребна сосем поинаква монетарна политика отколку на Италијанците. „Тоа им обезбедува солидна база на популистите. По италијанскиот референдум, тие ќе имаат уште многу можности за да го протресат ЕУ-естаблишментот.“

Во март 2017 година ќе се гласа во Холандија, во април следи Франција, а потоа наесен Германија. Во секоја од овие земји постои силна деснопопулистичка партија, противник на еврото и на ЕУ. Следните регуларни парламентарни избори во Италија се во пролетта 2018 година, под услов Ренци да издржи дотогаш.

 

DW.COM

Реклама