1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Mazedonien Regierungssitz in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Владата ги укинува, привремените вработувања се множат

Александар Манасиев
15 август 2020

Иако уште лани, Министерството за информатичко општество најави укинување на привремените вработувања поради можни злоупотреби, половина година подоцна, се потрошиле рекордни суми токму за таа намена.

https://www.dw.com/mk/%D0%B8%D1%81%D1%82%D1%80%D0%B0%D0%B6%D1%83%D0%B2%D0%B0%D1%9A%D0%B5-%D0%B4%D0%BE%D0%B4%D0%B5%D0%BA%D0%B0-%D0%B2%D0%BB%D0%B0%D0%B4%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%B3%D0%B8-%D1%83%D0%BA%D0%B8%D0%BD%D1%83%D0%B2%D0%B0-%D0%BF%D1%80%D0%B8%D0%B2%D1%80%D0%B5%D0%BC%D0%B5%D0%BD%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D0%B2%D1%80%D0%B0%D0%B1%D0%BE%D1%82%D1%83%D0%B2%D0%B0%D1%9A%D0%B0-%D1%81%D0%B5-%D0%BC%D0%BD%D0%BE%D0%B6%D0%B0%D1%82/a-54559755

„Шалтерите ќе работат со скратено работно време поради намалување на можноста и превенција од ширење на коронавирусот.“ Вакви и слични пораки ги пречекуваа граѓаните пред вратите на дел од државните институции во време кога, поради пандемијата со коронавирус, Владата прогласи вонредна состојба.

Вработените во преку 1.300 институции од јавниот сектор, поради кризата, добија можност да работат од дома, дел работеа со скратено работно време, а дел ротираа преку еден ден. Во услови кога постои превработеност во јавниот сектор, кој брои над 130.000 вработени, дел од институциите можеа да си дозволат работење во смени или да останат без дел од вработените.

Но и покрај превработеноста, дел од државните институции, општини и јавни претпријатија уште од почетокот на годинава, но и во време на вонредната состојба објавуваа тендери за нови привремени вработувања за кои Владата преку Министерството за информатичко општество и администрација лани започна постапка да ги укине.

Овие привремени вработувања се случија во време на економска криза предизвикана од пандемијата па наместо да штедат, дел од институциите и општините го одврзаа ќесето во период кој исто така коинцидираше со одржувањето на предвремените парламентарни избори. 

Нашата анализа покажува дека за шест месеци, од почетокот на годинава до јуни 2020, биле склучени договори од над 4 милиони евра за привремени вработувања, од кои најголем дел токму во време на 88-дневното траење на вонредната состојба. Општина Бутел и Гази Баба, Управата за јавни приходи, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и  Генералниот секретаријат се меѓу десетте нарачатели на „најтешки“ договори за привремени вработувања.

ИНФОГРАФИКА: Десет институции со највисоки договори за привремени вработувања

За потсетување, привремените вработувања, во изминативе години, беа сериозно критикувани во извештаите на Европската комисија како можност за ангажирање партиски војници во јавната администрација. Овие вработувања беа посочувани како „наменски, политички и арбитрарни вработувања“. 

Инструмент од кој никој не сака да се откаже

Овие критики започнаа уште во времето кога премиер беше Никола Груевски, но праксата не ја напушти ниту Владата под раководство на Зоран Заев.

Сепак, во ноември лани, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, најави укинување на можноста за вработување преку агенциите за привремени вработувања поради можност од злоупотреба. Половина година подоцна, овие вработувања не само што не се укинаа, туку напротив се користат со засилено темпо дури и во време на економска криза предизвикана од коронавирусот. Манчевски стои на ставот дека тие треба да се укинат.

„Вработувањата на определено време, поради начинот на кој се регулирани оставаат можност за злоупотреба. Поради фактот што нема никакви ограничувања, а постапката е помалку сложена, вработувањата на определено време се користат како замена за вработувања на неопределено време. Дополнително, постапката за селекција и вработување, врз основа на заслуги не се применува преку користење на институтот отстапување на работник од Агенциите за привремени вработувања“, ни изјави министерот Манчевски, најавувајќи дека предложеното законско решение ќе може да се разгледува, откако ќе се конституира Собранието. 

Инаку, спорно во овие договори е што нема наведено колку вработени некоја институција ќе позајми од Агенцијата за привремени вработувања, а не е регулирана ниту постапката како ќе се селектираат кандидатите. Наведена е само сумата и периодот на важење на договорот. Нема соодветна контрола ниту дали луѓето се ангажираат по заслуги или по партиски клуч. 

-повеќе на темата: Популистичко трошење- генерациски долгови

Со години, рекордери во привремени вработувања беа јавните комунални претпријатија, ЈСП, но и министерствата за земјоделство и за транспорт и врски кои имаа договори „тешки“ помеѓу 1,5 милион евра и 500.000 евра секоја. На пример, Министерството за транспорт и врски во периодот од 2009 и 2010 потрошило безмалку 1,5 милион евра за оваа намена, но подоцна престана да ги користи овие услуги. Од министерот за транспорт и врски побаравме одговор зошто се одлучиле да не го користат овој инструмент.

„Вработените од Министерството работат со полн капацитет, ги извршуваат работните задачи и навремено ги сервисираат граѓаните и компаниите. Заради таквата состојба не гледав причина да се ангажираат дополнителни лица за работа во министерството“, вели Горан Сугаревски, министер за транспорт и врски.

На слична линија со Сугаревски е и Манчевски кој вели дека министерството со кое раководи не го користи инструментот „привремени вработувања“, а ниту има склучено ваков договор со приватна агенција. Решение за проблемот гледа само во предложените измени кои ги иницираше МИОА.

„Нема друга алтернатива. Со измените и дополнувањата на Законот за вработени во јавниот сектор се укинува можноста да се користат Агенции за привремени вработувања, процентуално се ограничува бројот на можни привремено вработени, а се пропишува постапката за вработување на определено време да се состои од: јавен оглас, административна селекција, интервју и можно тестирање и избор на најдобриот кандидат, која ќе биде задолжителна и за вработувањата на определено време“, објаснува Манчевски.

Minister der neuen mazedonischen Regierung
Министерот за информатичко општество Дамјан МанчевскиФотографија: DW/Petr Stojanovski

Колегата на Манчевски и Сугаревски во Владата, генералниот секретар Драги Рашковски има поинакво мислење. Тој за време на вонредната состојба потпишал договор за ангажирање на агенција за привремени вработувања во вредност од 191.870 евра.

На прашањето зошто одлучил да ангажира лица преку Агенции за привремени вработувања додека тече постапката за промена на легислативата со која овој начин на вработување ќе стане незаконски, Рашковски одговара:

„Се додека тоа е законски секоја институција која има потреба да ангажира дополнителен кадар на овој начин, ќе го прави тоа преку агенции за привремени вработувања“, кусо ни одговори тој.

Му прочитавме дел од критиките од Европската комисија , но и од домашни институции како Државната комисија за спречување на корупција кои тврдат дека на овој начин се вработува партиски кадар. На тоа Рашковски вели:

„Сето тоа како критика држи вода, но ако некој утврди дека некоја институција го крши законот со овие вработувања потребно е да се поведе постапка и одговорните да бидат повикани на одговорност. Кај нас во Генералниот секретаријат потребата за ваков вид на вработувања е реална поради активностите поврзани со НАТО и со интеграцијата во ЕУ- “, објаснува генералниот секретар на Владата.

За Миша Поповиќ од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ , ваквиот начин на вработувања пред избори е загрижувачки и носи ризик од влијание на изборите.

„Позначајно да се посочи дека ваквото ангажирање е проблематично воопшто, бидејќи во голема мера, обезбедувањето на лојалност на „ухлебените“ административци може да се случи и многу пред изборите. Овие што се ангажирани сега се само последниот вагон“, смета Поповиќ.

Владата во април годинава донесе одлука со која времено се запира можноста за привремени вработувања во јавниот сектор.

„Во јавниот сектор времено се забрануваат новите вработувања, нови ангажирања преку агенции за привремени вработување и нови договори на дело, освен за ангажирања на соодветен кадар во здравствениот сектор и во други сектори кои се во насока на справување со последиците од коронавирусот," стои во извештајот од 32-та седница на Владата од април годинава.

Ова го потврдува и Манчевски кој вели дека во периодот до формирање на новата Влада, важи забраната за каков било вид договори за работа во јавниот сектор, oсвен за итни и неодложни потреби согласно Изборниот законик.

Една од институциите кои потпишале договор за привремени вработувања токму во овој период е УЈП која во мај склучи договор вреден над 400.000 евра за кој велат дека е реализиран според планот за јавни набавки за 2020 година.

„Опфатени се 30 привремени вработувања, согласно обезбедените средства од Министерството за финансии  и се со важност до 31 декември 2020 година.  УЈП секојдневно се соочува со одлив на кадар по основ на пензионирање и со спогодбен престанок на работен однос па поради тоа испразнетите работни места се надополнуваат преку годишните планови за вработување, преку ангажирање на лица преку Агенциите за привремени вработувања, а во одреден период поради зголемен обем на работа УЈП ангажираше и волонтери - редовни студенти“, велат од УЈП.

За Поповиќ овие примери покажуваат дека нема целосна политичката волја за решавање на проблемот и покрај иницијативата од МИОА да се отстрани можноста за ангажирање на ваквите агенции. 

„Тоа се најде и во последните предлог измени на Законот за вработени во јавниот сектор, но Собранието не ги усвои. Од друга страна, гледаме дека во истата владеачка коалиција, сопартијци и коалициони партнери на локално и централно ниво, продолжуваат да го искористуваат инструментот -агенции за привремено вработување“, вели тој. 

Misa Popovic
Миша ПоповиќФотографија: Societas Civilis

Во предложените измени на Законот за вработените во јавниот сектор кои не биле изгласани во Собранието, од самото Министерство за информатичко општество и администрација оцениле дека вработувањата на определено време, поради начинот на кој се регулирани оставаат широка можност за злоупотреба на овој институт.

Критиките за овој начин на вработување секогаш ги упатуваат партиите додека се во опозиција тврдејќи дека на тој начин се полнат администрацијата и јавниот сектор со партиски кадри, а кога ќе дојдат на власт ја применуваат истата мерка која претходно остро ја критикувале. 

Реагира и Државната комисија за спречување корупција

И Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) подолго време се бори против праксата на привремени вработувања во јавниот сектор. Речиси секоја година отвора постапки на спорни вработувања токму преку праксата на ангажирање на Агенции за привремени вработувања. Па така, ДКСК повело постапка и за случајот кога сестрата на тогашниот министер за локална самоуправа Сухељ Фазлиу била вработена во Влада токму преку Агенција за привремени вработувања. Предметот е затворен поради „непостоење на други механизми за постапување на ДКСК“.

„ДКСК во текот на изминатата година континуирано укажуваше на негативните ефекти од вработувањата преку Агенциите за привремени вработувања поради вработувања лица без соодветно знаење, искуство, квалификации и сертификати. Се вработуваат и блиски лица или партиски членови и активисти“, вели Розета Трајан од Државната комисија за спречување корупција.

Од ДКСК додаваат дека со ваквите вработување се манипулира и со фактот што вработените се ангажираат за вршење работи предвидени со систематизациите за подолг период, а не како што е предвидено со законот: за зголемен обем на работа, замена на вработен кој е подолго отсутен, или за одредена работа – проекти.

„Овој вид вработувања го повредува уставното право за еднаквост на сите за остварување на правото на работа, а се доведува во прашање ефективноста и ефикасноста во работењето на институциите но и квалитетот на услугите што се даваат“, додава Трајан. 

-повеќе на темата: Колку „фантоми“ работат во администрацијата? 

Во текот на 2019 година ДКСК постапуваше по поднесени пријави по овој основ каде се утврдени прекршувања на законите. 

Инаку ДКСК преку работната група која работеше на измени во Законот за административни службеници побара во државните институции да се укине вработувањето преку агенции, но предлогот не беше усвоен.

Според Поповиќ, ангажирањето на агенции за привремени вработувања во македонски контекст значи можност за јавната институција да ги заобиколи контролните механизми во законите за административни службеници и вработените во јавниот сектор. Додава дека намалената транспарентност значи и неможност да се има точна бројка на дополнително ангажирани лица.

„Договорите воопшто не влегуваат во детали колку луѓе ќе позајми Агенцијата (онаму каде тоа може однапред да се процени), ниту пак колку работни часа ќе обезбеди. Тоа ги отвора вратите за клиентелизам и непотизам каде политичките партии кои раководат со тие институции овозможуваат корист за ангажираните лица. Но, како што во бизнисот не постои бесплатен ручек, така во клиентелизмот партиите не даруваат од љубов“, вели тој.

Смета дека противуслугата е лојалноста која се обезбедува преку несигурноста на работното место.

„Ако сте партија која сака од нововработените да обезбеди лојалност, вие немате интерес да ги вработите на неопределено, бидејќи немате како да уцените обезбеден човек. Од друга страна, договорите на определено време, а уште повеќе договорите со агенциите за привремени вработувања ви овозможуваат голем простор да ги уцените гласовите и лојалноста на оние кои ви должат бидејќи сте обезбедиле вработување“, додава Поповиќ.

Привремено вработени 3.222 лица

Според податоците на Министерството за информатичко општество и администрација, во јавниот сектор има 1.324 институции, во кои работен однос имаат засновано 132.900 лица. Во извештајот за 2019 година на ова министерство наведено е дека преку агенциите за привремени вработувања во институциите на јавниот сектор, работно ангажирани се вкупно 3.222 лица.

Тие немаат статус на вработени во јавниот сектор. Интересно е што иако се објавува бројот на вработени во јавниот сектор сепак преку бројката не може да се откријат и можните манипулации, како на пример преместување на партиски вработено лице преку агенција за привремено вработување, од една во друга државна институција или едно од друго работно место во рамки на истата институција.

Професорот по трудово право Тодор Каламатиев од Правниот факултет во Скопје вели дека несигурноста, неизвесноста и прекарноста на работниците ангажирани преку приватните агенции за вработувања е составен дел од работниот однос на привремените агенциски работници.

„Законот за вработените од јавниот сектор го ограничува времетраењето на отстапувањето на вработените за вршење на привремени работи додека трае потребата до најмногу една година кај истиот работодавач, но во практиката, работодавачите ја злоупотребуваат оваа законска забрана. Можат да се пронајдат привремени агенциски работници кои поминуваат долг период кај одредени работодавачи од јавниот сектор, без трансформација во работен однос на неопределено време“, објаснува професорот. 

- повеќе на темата: Избори се ближат, вработувања се нижат

И од Државната комисија за спречување корупција го утврдиле истото

„ДКСК само во еден случај утврди ангажирање на исто лице преку две различни агенции. Сепак ова не значи дека не се практикува ангажирање на лица кои се веќе познати. Прилог на ова е и фактот што преку ваквиот начин на вработување, исто лице подолг период е вработено во една институција без разлика која Агенција за времени вработувања го добила тендерот. Оваа состојба може да се потврди преку ПИОМ каде се води евиденцијата на стажот, или преку АВРМ, бидејќи секое ново ангажирање мора да биде евидентирано преку нов договор“, додаваат од ДКСК:

Професорот Каламатиев додава дека вообичаено, постапката на обезбедување согласност за вработување работници преку приватните агенција за вработувања е полесна и поедноставна.

Владата ги укинува, привремените вработувања се множат

„Тоа им остава на работодавачите од јавниот сектор одреден праг на флексибилност кој често пати резултира со заобиколување на строгите законски процедури за вработување. И на крај, практиката со години наназад покажува дека засновањето работен однос по пат на привремено агенциско вработување не е имуно на пристрасност од политички причини“, вели Каламатиев.

Според Поповиќ, во земјава има парадокс на политичката волја кога станува збор за решавање на овој проблем. 

„Во ист тим имате луѓе кои туркаат а подобро управување, но и луѓе кои влечат наназад. Да, можеме да направиме збир на позитивните и негативни страни и да видиме каде натежнува. На долг рок е контрапродуктивно и успех во борбата против ваквата корупција и клиентелизам ќе видиме во оној момент кога ќе постои консензус во владеачката коалиција, која и да е“, смета Поповиќ.

Она што може да се направи во меѓувреме, според него, е јавните институции да не чекаат ангажирањето на агенции да стане нелегално, туку ќе ги засукаат ракавите, да проценат колку вработени им требаат и да ги вработат по критериумите и контролните механизми кои обезбедуваат транспарентни конкурси и вработување по заслуги.

„За ова, одговорна институција ќе обезбеди детално образложение зошто им требаат тие вработувања. Истовремено, ако овие вработени ги ангажираат бидејќи имаат административци кои не си ја работат работата, ќе соберат храброст да ги отпуштат неработниците.“, завршува Поповиќ.

Како изгледа вработување преку агенција

Десетина агенции за привремени вработувања кои ги контактиравме не одговорија на нашите прашања за тоа како во пракса се одвива оваа постапка.
На хартија, привременото вработување изгледа вака: одредена институција доставува до агенцијата за привремено вработување писмено барање за работник за специфично работно место со опис на работни задачи и рок на нивно извршување. Се наведува стручната подготовка односно квалификации кои работникот треба да ги поседува. Агенцијата во рок од три до пет дена треба да понуди три лица за секое барано место. Договорениот орган сам ги избира лицата.
Сепак, од анализите на дел од случаите на ДКСК, но и од критиките на невладиниот сектор, ваквото ангажирање најчесто се случувало на следниот начин- институцијата доставува листа на луѓе кои треба да се ангажираат по партиски клуч, а агенцијата е само посредник односно заработува од услугата без да понуди ништо за возврат. Кога ќе истече временото вработување, истото лице добива нова позиција и се вработува преку нов договор за привремено вработување.

Подготовката на оваа истражувачка сторија е поддржана од Иницијативата за демократија на Западен Балкан, програма на Фондацијата за демократија на Вестминстер. Содржината на оваа истражувачка сторија не ги одразува ставовите или мислењата на Фондацијата за демократија на Вестминстер или Британската влада.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Македонија знаме

Македонскиот руски круг

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски
Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница