1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Арачиново - општина без даночни обврзници

ДТЗ
8 март 2021

Половина од вкупниот данок на имот во државата се собира во Скопје, а со 2,3 милиони евра годишно, рекордер е општина Центар.

https://p.dw.com/p/3qMmJ
Mazedonien Immobilien in Skopje
Фотографија: K. Delimitov

Арачиново не плаќа ниту еден денар за данок на имот, но затоа пак општина Центар е рекордер од општините за наплата на оваа давачка во буџетот. Просечната годишна вредност на наплатениот данок на имот во општина Центар е 141.613.965 денари (2,3 милиони евра). Во Арачиново, пак, воопшто не се издаваат решенија за наплата на данок на имот со образложение дека немаат база на податоци на даночни обврзници, ниту даночно одделение. Ова го покажува Истражувањето на невладината организацијата Центар за граѓански комуникации изработено врз основа на податоците добиени за 2017, 2018 и 2019 година.
Општините, според истражувањето, просечно наплаќаат по 81 % од пресметаниот данок на имот, половина од парите од данок на имот се прибираат од Скопје. Само 7 општини имаат просечни годишни приходи од данок на имот кои се поголеми од 1 милион евра, а во дури 36 општини овие приходи се помали од 50.000 евра. Десетте градски скопски општини заедно, прибираат просечно годишно по 627 милиони денари, односно 10 милиони евра. Ова значи дека половина од вкупниот данок на имот во земјава се прибира во Скопје. Скопските општини ги делат приходите од данокот на имот со Градот Скопје, согласно донесените одлуки за утврдување на стапките на даноците на имот.

-повеќе на темата: „Имаш куќа - врати стан“ - трипати поголеми даноци за богатите

Покрај Арачиново, половична наплата на данокот има во Тетово (55%), Липково (51%), Врапчиште (46%), Желино (42%), Гостивар (40%), Центар Жупа (36%), Долнени (34%), Студеничани (32%) и Маврово и Ростуше (27%). Најдобра наплата има во Македонски Брод (97%), Ѓорче Петров (97%), Велес (97%), Зрновци (96%), Чешиново-Облешево (96%), Македонска Каменица (96%), Илинден (96%), Кавадарци (95%) и Аеродром (95%).
Околу 60% од данокот на имот го собираат 10 општини. Според тригодишните просеци во оваа група се Центар (2,3 милиони евра), Карпош (2 милиони евра), Аеродром (1,4 милиони евра), Кисела Вода (1.3 милиони евра), Гази Баба (1,2 милиони евра), Охрид (1 милион евра), Битола (1 милион евра), Куманово (886 илјади евра), Илинден ( 694 илјади евра) и Кавадарци ( 646 илјади евра).
Значително поголем дел од наплатениот данок, односно 70% доаѓа од граѓаните, а останатиот дел од 30 % се наплаќа од фирмите. Односно, од граѓаните, годишно, за данок на имот се прибираат просечно по 910 милиони денари, односно 14,8 милиони евра. Наспроти ова, од правните лица се прибираат по 382 милиони денари, односно 6,2 милиони евра. 

Mazedonien Aracinovo Dorf in Mazedonien in der nähe von Skopje
Арачиново. (фото архива)Фотографија: Petr Stojanovski

-повеќе на темата: Кој има пари за поеколошки автомобил, ќе плаќа помал данок

Успешноста во наплатата на данокот на имот е повисока кај граѓаните, отколку кај фирмите. Поконкретно, во периодот од 2017 до 2019 година, наплатата кај граѓаните просечно изнесува 85 %, а кај правните лица 78 %. Трендот во наплатата на данокот на имот во периодот 2017-2019 година е позитивен, односно приходите од данокот се во постојан раст, со тоа што порастот во 2018 година изнесува 12,5 %, а во 2019 година е помал и изнесува 2,5 %.
„Информациите за издадените решенија за данок на имот, нивната вредност и наплатата се обезбедени преку барања за слободен пристап до информации од јавен карактер доставени до сите општини и Градот Скопје, а потребата од ова истражување е наметната од отсуството на прецизни податоци само за пресметаниот и наплатениот данок на имот“, велат од невладината организација.
Во анализата изостануваат само оние кои реално општините не ги поседуваат и тоа Општина Маврово и Ростуше нема информации за вредноста на наплатениот данок на имот за 2017 година, Лозово пак има информации за вкупно наплатениот данок, но не и податоци колку од прибраните средства се од физички, а колку од правни лица, а ваков е случајот и во Демир Капија, но само за 2017 година. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи