Истрагата за нападот во Берлин продолжува | Свет | DW | 24.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Истрагата за нападот во Берлин продолжува

По смртта на осомничениот атентатор од Берлин, Анис Амри, истражните постапки продолжуваат со засилено темпо. Имал ли Амри мрежа на поддржувачи за нападот и при бегството?

Сојузниот јавен обвинител Петер Франк соопшти дека сега би морало итно да се разјасни, дали 24-годишниот Тунежанец имал помошници при подготвувањето и извршувањето на нападот врз божикниот панаѓур во Берлин како и мрежа на поддржувачи при бегството од Германија. Истотака истражителите сакаат да стекнат подетални сознанија за тоа по кој пат успеал да побегне Амри: „ Иако осомничениот атентатор е мртов, постапката за разјаснување на злосторството од страна на правната држава не завршува“, истакна германскиот министер за правда, Хајко Мас.

Истражните органи во Германија се убедени дека Анис Амри со голема веројатност е човекот, кој во понеделникот вечерта (19.12.2016) во Берлин со украден камиот влета во божикниот пазар на плоштадот Брајтшајд во центарот на Берлин. Притоа загинаа 12 лица а уште 53 се повредени, дел од  нив и натаму се во животна опасност. Отисоци од прстите на Амри биле детектирани на камионот и на воланот на возилот.

Терористичката организација „Исламска држава“ објави видео, на кое може да се види осомничениот берлински атентатор. На снимката која трае неполни три минути Амри му се заколнува на верност на лидерот на џихадистичката милиција, Абу Бакр ал-Багдади. Автентичноста на видеото, кое најверојатно е снимено во Берлин, уште не е потврдена од независни извори. Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот во Берлин уште во вторникот.

Амри, беше убиен во петокот од страна на италијанската полиција за време на рутинска проверка во Милано. Кај него е пронјаден билет за воз кој  покажува дека тој патувал меѓу Франција и Торино.  Во меѓувреме и француските власти отворија истрага за утврдување на трасата на бегство на веројатниот берлински атентатор.

Политичарите во Германија пак со олеснување ја прифатија информацијата за смртта на Амри. Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека „акутната опасност е окончана но генерално опасноста од тероризам и натаму постои и ќе постои“.

Експертите на Сојузната служба за борба против криминалот во меѓувреме пак ги идентификуваа сите жртви од нападот. Меѓу 12 загинати има 8 Германци, и по еден државјанин на Полска, Италија и Чешка.

DW.COM

Реклама