Источна Европа против Сорос | Свет | DW | 30.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Источна Европа против Сорос

Десничарските влади во источна Европа, меѓу нив и Македонија, имаат нов државен непријател: милијардерот Џорџ Сорос. Бидејќи поддржува граѓански организации, тој е масовно напаѓан, некаде и антисемитски.

Германскиот неделник Шпигел во текстот со наслов „Милијардер и провокатор“ се осврнува на актуелните валкани кампањи на властодржците во повеќе земји од источна и југоисточна Европа против американскиот милијардер Џорџ Сорос и „неговите“ невладини организации.

Текстот започнува со потсетување на следнава изјава на 86-годишниот Сорос дадена на Светскиот економски форум во Давос: „Обидите на унгарската влада да го озлогласи граѓанското општество се вознемирувачки и неприфатливи“.  Во статијата потоа се вели: „Обично Сорос реагира опуштено, кога популисти и автократи секогаш одново го критикуваат и навредуваат. Но кога филантропот неодамна во Давос ја даваше оваа изјава ,звучеше алармирано, говореше за 'многу сериозна опасност'.

Повод за неговите зборови беше новата офанзива на унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговата партија Фидес против невладините организации и посебно против оние финансирани од Соросовата 'Фондација отворено општество'. Орбан, некогаш и самиот стипендист на Сорос, повика 2017 да биде година на ‚национален бунт' во која 'Сорос и силите кои го симбилозираат него“  треба да бидат 'истерани' од Унгарија.

Serbien Ungarischer Premierminister Viktor Orban

Виктор Орбан

Претставник на Фидес пак неодамна се закани дека земјата ќе ја 'исчисти' од невладините организации и најави закон кој засилено ќе го контролира невладиниот сектор...“, пишува Шпигел, кој натаму забележува дека сличен развој на ситуацијата може да се набљудува и во други источноевропски земји:

„Во Македонија во моментов не минува ни ден, а де-факто властодржецот Никола Груевски да не грми против невладините организации, Сорос и неговите 'македонски потрчковци'. Така тој јавно го нарекува и раководството на Специјалното обвинителство, кое во моментов спроведува истрага за корупција и злоупотреба на функцијата во бројни случаи, меѓу другото и против него. Во минатата недела основаната граѓанска алијанса 'Стоп за операцијата Сорос' како цел си постави 'десоросоизација' на Македонија.

Во Србија владата на премиерот Александар Вучиќ, соработниците на невладините и независните тинк-тенк организации преку телевизијата 'Пинк' редовно ги означува како 'антисрпски' и 'антинационални'. Во минатата недела таков беше случајот со директорката на беглградскиот Центар за евро-атлантски студии, Јелена Милиќ, која и без тоа постојано може да се види на насловните страници на провладиниот печат со етикетата 'платеничка на Сорос'.

Mazedonien Wahlen - VMRO DPMNE Nikola Gruevski

Никола Груевски

Во Романија од милјето на актуелното социјал-либерално- националистичко парламентарно мнозинство за време на изборната кампања во декември минатата година беше проширена 'веста' дека тогашниот привремен премиер Дачијан Чолос е нелегитимен син на Сорос. Гласините се проширија толку бргу, што Чолос беше принуден да објави демант. Притоа лажната вест беше само дел од грозоморната шовинистичко-ксенофобна изборна кампања на партиската алијанса ПСД-АЛДЕ против сѐ наводно 'нероманско-туѓо'...“, пишува во статијата на неделникот во која натаму се истакнува дека за постапувањето против невладините организации и против Сорос источноевропските властодржци имаат важни причини.

„Берзанскиот милијардер со стотици милиони долари ги поддржа невладините организации и граѓанските иницијативи за демократизација на источна Европа. Не само поради тоа, НВО секторот денес во многу земји од регионот е еден од ретките цврсти столбови на контролата на власта. Често невладините организации се единствените институции кои веродостојно и темелно документираат повреди на правата, корупција и социјални неправилности...

Кога премиерите како Вучиќ, Орбан или Груевски водат кампањи против невладините организации и Сорос, тогаш тие посегнуваат и по една позната нарација: оној за странскиот и посебно еврејскиот светски заговор против татковината, народот и националните интереси. Соросовата биографија како унгарски Евреј, преживеан во Холохаустот, емигрант и енормно богат берзански шпекулант е особено соодветна за тоа“, заклучува авторот на текстот во германскиот неделник Шпигел.

 

DW.COM

Реклама