Историјата е опасна | Северна Македонија | DW | 19.12.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Историјата е опасна

Стравувам дека за соочување со минатото во моментов не постои вистинска подготвеност во македонското општество, но се согласувам дека токму сега е важно да зборуваме за тоа. Колумна на Гордан Георгиев.

Историјата е опасна. Таа крие неподносливи реалности. Ренан остроумно вели дека нациите се конституираат како успешни (или неуспешни) проекти врз основа на еден неочекуван консензус помеѓу политичките и научните елити: заборавањето. Или премолчен, а сепак конструиран, договор дека некои работи, настани, дури и цели историски епохи треба да бидат заборавени и поттурнати настрана. Настрана од меинстримот, настрана од учебниците по историја, далеку од очите на јавноста. Во спротивно, ревносното проучување на темните страни на нацијата би ги соочило нејзините членови со непремостиви предизвици, толку големи што прашање е дали би можело да се зборува за ЕДНА нација или различни групи на луѓе под ист чадор. Примерот со режимот на Виши и антисемитското минато на Франција е еден таков, колонијалното минато на европските сили од 17 и 18 век е друг, дискриминацијата кон црнците и останатите Други е трет таков пример. Објективизираниот прогрес на историската наука и историографија претставува опасност за нацијата.

Поттикот за овој текст доаѓа од за мене две неочекувани места. Првото е дебатата која се води во македонско-бугарската комисија за историја и образование, или барем мал дел од дебатата која ние можеме посредно да ја следиме. И вториот е еден текст, насловен „Моќта на минатото врз сегашноста“ на мојата незнајна колумнистка-сопатничка низ електронските страници на Дојче Веле, почитуваната Кица Колбе.

Македонско-бугарската комисија можеби ќе открие и ќе осветли некои важни работи за нас самите. Нашата историја е полна со недоречености или повеќе „факти“ отколку што има и можеме да конзумираме. Дел од тие „факти“ се пост-фестум втемелени како такви, за потребите на постоечката идеологија на тоа време (1943-1989). Историската нишка наречена ВМРО, или изразен национален сентимент кај одредена група на граѓани, сентимент кој нешто подоцна во голема мера се конституирал и како антикомунизам, ги дал двете главни линии на Македонецот. Левата и десната. Левата го влече континуитетот пред сѐ од АСНОМ (но и од таканаречените пра-социјалисти во самата ВМРО), а десната го влече од раните изблици на некаква свест на тогашните Македонци за посебност и различност од другите доминантни народи и војски на ова парче територија. Десната линија, како губитничка линија во Втората светска војна, потоа понира во идеолошка илегала, но често знае и да експериментира со хтонски одења кон антиката, повикување на Александар Македонски и неговите пра и чукун дедовци и баби. Десната линија, иако речиси низ целиот период се покажува како македонистичка и автономистичка, се чини дека негува посебни односи кон Бугарија, делумно заради верувањето на одредени членови на Организацијата дека токму преку Бугарија Македонија ќе може да ја добие својата независност (тезата на реалистите), но делумно и преку антикомунистичката блискост со предвоена Бугарија.

Други колумни од авторот:

Сетете се дека нѐ сакавте

Не заборавајте дека се мразиме

Дали заради погоре напишаното или заради релативно добрите вибрации кои доаѓаат од македонскиот дел од Комисијата, имам надеж дека оваа Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања помеѓу Македонија и Бугарија ќе може со релативен успех да донесе свежина во односите помеѓу двете држави, а потоа и помеѓу народите.

Македонско-бугарска романса...

Потребата на македонската историја и историографија да копа во минатото по личности и настани кои би можеле да нѐ дефинираат како различни од останатите е разбирлива. Тие личности и настани во својата суштина имале одредени чувства (личностите) и политики (настаните) кои биле дистинктивни од главните политички и иделолошки струи кај нашите поголеми и помоќни соседи. Да се зборува за етногенеза е важна и возбудлива тема, но оваа тема често излегува вон научните норми и критериуми. Но да се зборува за нација во предполитичка смисла е навлегување во непознати води кои не знаеме каде можат да нѐ одведат. Затоа, добар е аргументот на македонската репрезентација во Комисијата дека во тие времиња (на пример почетокот на 19. век, кога живеел и творел Прличев на пример) не биле издиференцирани нациите на Балканот. Тука сѐ уште се одигрува националното прегрупирање, се фаќаат позиции (и територии), а големите европски сили (секоја со свој интерес) обилно кумуваат на некои процеси, ги забавуваат или ги забрзуваат. Денес, во 2018-та година, не гледам посебен егзистенцијален проблем во тоа македонската нација да се дефинира како „доцна“ нација (од крајот на 19-ти и почетокот на 20-ти век) во однос на другите нации на Блаканот. Да, тоа сме ние, со педигре и јасна издвоеност која трае повеќе од едно столетие. Исто така, не гледам посебен методолошки проблем личностите и настаните кои ние и Бугарите ги сметаме за свои, да ги прогласиме за свои и заеднички истовремено. Кога ќе влезете во кафеана во Разлог и кога меанџијата без зајадливост ќе ви каже „О, па и ас с’м Македонец!“, ние немаме недоразбирање. Неговото чувство на Македонец е различно од моето чувство на Македонец, и тука не гледам некаква офанзивност од едната или другата страна. Ако Македонија е најромантичниот дел од бугарската историја, тогаш таа романса нека биде поттик за нови политички копулации. На пример, направете ја пругата и автопатот Скопје-Софија и ќе бидеме поблиски од кога било.

... и македонско-грчко непознавање

Што се однесува до грчко-македонската Комисија, ми се чини дека тука работата ќе оди потешко. Тука нема романса. Напротив, постои речиси непробоен историски ѕид на недоразбирања и реални проблеми втемелени на конзистентната грчка историска нишка на негирање на сѐ што не е грчко. Во овој случај, Македонија и македонските претставници реално се перцепирани како неверодостоен партнер во очите на грчките претставници. Веројатно најконзервативното општество во Европа (грчкото) е далеку понеподготвено за споделување историја и историски факти. Едноставно, со Грците не се познаваме, зборуваме сосема различни јазици и општествената флуктуација помеѓу двете држави никогаш не била суштинска, туку се сведувала само на гиро, локумадес и една никогаш непреболена Окта. Јасно е дека не е доволно што ќе се запознаат членовите на комисијата, можеби и ќе другаруваат, но таа дружба тешко дека ќе допре до политичките елити и до широкото граѓанство. Тој процес ќе оди, ако воопшто оди, многу бавно. Па дури и комитетот на Нобел да ја донесе толку посакуваната награда за мир во овој немирен дел од Европа.

Искрен поглед во минатото и соочување

Враќајќи се на Колбе и нејзините корисни историски наравоученија кои упатуваат на тоа дека во суштина нема иднина и спокој без соочување со (темното) минато, притоа реферирајќи на нашето поблиско груевистичко минато, се обидувам да го нијансирам тоа со општата подготвеност на нашето (македонско) општество за такво историско отрезнување. Соочувањето со минатото, процес кој е долг и мачен, е нужен аспект на помирувањето. Стравувам дека за тоа во моментов не постои вистинска подготвеност во македонското општество, но се согласувам дека токму сега е важно да зборуваме за тоа и да ги посееме евентуалните идни ‘ркулци. За таквиот искрен поглед во минатото потребна е соодветна инфраструктура т.е хардвер, наспроти софтверот кој претставува глазура за дневните политики. Инфраструктурата подразбира релативно голем историски отклон (барем 5 години) и нови политички и научни актери кои ќе можат критички да ја постават темата. Подразбира и здрави институции и функционирање на правната држава. Потоа, потребни се колоси, морални и интелектуални џинови, прифатени од двете (или поточно трите) страни на македонското општество. Еден вид на портпароли, носачи на вистината, кои ќе можат да го истуркаат процесот на свои плеќи, а притоа да не бидат политички етикетирани. Такви колоси одамна не сум забележал во македонското општество, иако често излегувам сред бел ден со запалена свеќа барајќи луѓе.

На парадоксален начин, на линија на она што го пишува Колбе, можно е двете историски Комисии за историјата (онаа со Бугарија и онаа со Грција) да отпретаат некои „тајни“ од нашето подалечно минато кои не сме сакале да ги знаеме, а кои ќе можат да бидат референтни точки и за нашето блиско минато. Доколку добро го водиме процесот, со отстапки таму каде што мора и цврст научно втемелен став таму каде што не смее да се отстапи, ние можеме долгорочно да излеземе посилни и покохерентни во однос на предизвиците на иднината. Секако, тоа ќе зависи и од здравјето на нацијата дома, здравје кое во многу нешта зависи и од способноста да се соочиме со нас самите т.е. со нашето блиско минато кое толку рушителски се обиде да го редефинира нашето подалечно минато. Да си посакаме добри ветришта на овој неизвесен пат.

DW.COM

Реклама