Историјата влегува под лупа на Комисијата од Скопје и Софија | Северна Македонија | DW | 04.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Историјата влегува под лупа на Комисијата од Скопје и Софија

Политичарите ги надминаа разликите, редот е на историчарите, порачала бугарската министерка Екатерина Захариева, пред првиот состанок на заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања

Почна спроведувањето на дел од обврските предвидени во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Македонија. Вчера во Софија се одржал првиот состанок на  заедничката Комисија на научници од двете земји,  кои според Договорот, треба да работат на обезбедување објективно толкување на историските настани и на нивно презентирање во учебниците во двете земји. За резултатите од нејзината работа, Комисијата треба да достави годишен извештај до двете влади.
„Најважно е сега да се воспостави дух на доверба“, порачала бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, која, како што соопшти прес-центарот на бугарското МНР, ги поздравила членовите на заедничката Комисија и почетокот на нивната работа.

„Со политичарите од Македонија ги надминавме разликите, сега редот е на историчарите. Да го следиме не само словото на Договорот, туку и неговиот дух. Мислам дека сега сите имаат потреба од одговорност и храброст да ги препознаат очигледните грешки од минатото на двете земји, да живеат заедно и да размислуваат за младите луѓе. Комисијата нека покаже европски дух“, изјавила шефицата на бугарската дипломатија.
Таа го пренела и нејзиниот впечаток дека граѓаните од двете страни на границата имаат желба заедно да одбележуваат и прославуваат одредени настани и личности од историјата. Во таа насока, таа ги повикала научниците да се посветат на датумите што двете земји заеднички можат да ги прослават, пред да продолжат да ги разгледуваат учебниците по историја.

Mazedonien Bulgarien Zaev und Borisov am Goce Delcev Denkmal in Skopje (Getty Images/AFP/R. Atanasovski)

Првиот чекор го направија политичарите, на ред се научниците: Борисон и Заев пред споменикот на Гоце Делчев во Скопје, 2017

Реномирани научници во Комисијата

Според Договорот за добрососедство „заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања се формира на паритетна основа и треба да придонесе за научно толкување на историските настани“.

Во Македонија немаше најава за средбата во Софија, а последните податоци за членовите на заедничката Комисија од македонска страна датираат од мај годинава. Според тогаш презентираните податоци, во неа се вклучени пет историчари: академик д-р Драги Ѓорѓиев, член на МАНУ и професор на Институтот за национална историја (ИНИ) на УКИМ, а членуваат и професорите од ИНИ - Ванчо Ѓорѓиев, Петар Тодоров, Дарко Стојанов, како и историчарот Александар Литовски од Националната установа Завод и музеј - Битола. Членови на Комисијата се и професорката Љубица Спасовска, научен соработник на Универзитетот во Ексетер, Велика Британија и Љупчо Ристески - антрополог, професор на Институтот за етнологија и антропологија на УКИМ.

Повеќе: 

Каква Македонија е добра за Бугарија?

Хаубици од Бугарија

Од бугарска страна во Комисијата членуваат: Ангел Димитров - првиот бугарски амбасадор во Македонија (од 1994 до 2001 година); историчарот Наум Кајчев, професор по современа историја на софискиот Универзитет „Св. Климент Охридски“ и поранешен генерален конзул во Битола и Торонто; д-р Момчил Методиев - главен уредник на изданието „Вера и општество“, поранешен дипломатски службеник во бугарското МНР, доктор по историја, истражувач на историјата на Бугарската православна црква; професорот Иван Илчев - поранешен ректор на Софискиот универзитет (од 2007 до 2015 година) и професор по најновата историја на балканските народи; доцент Даниел Вачков - директор на Институтот за историски истражувања при бугарската Академија на науките (БАН); професор Филип Топалов - амбасадор во Ватикан; и доцент Бони Петрунова, археолог и директор на Националниот историски музеј.

Ни брзо, ни лесно

Очекувањата од работата на Комисијата се големи, но и впечатокот дека процесот нема да оди ни брзо, ни лесно. Ова уште во мај го нагласи членот на Комисијата, професорот Иван Илчев.

„Задачата не е лесна. Процесот ќе биде долг и бавен, и до решение за проблемите нема да се дојде брзо“, изјави Илчев.

Токму поради тоа, тој потенцира дека „без оглед на ставовите во општеството, во процесот не треба да се влегува со премногу голема кошница“.
„Општеството има релативно кратка меморија. Не треба да заборавиме дека слични комисии имаше и во '70-тите и '80-тите години на минатиот век, кои исто така дискутираа како да се избегнат меѓусебно неприфатливи оценки во учебниците по историја и литература. Такви беа бугарско-романската комисија и  бугарско-југословенската, така што имаме искуство во овој поглед“, потсети Илчев.

Сепак, потенцира дека се направени првите чекори во однос на разбирањето, а како пример за тоа ја посочи соработката меѓу научните институции на двете земји и нивните национални архиви.

 

 

DW.COM

Реклама