Историски гест на помирување во Перл Харбор | Свет | DW | 28.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Историски гест на помирување во Перл Харбор

Лидерите на САД и на Јапонија во Перл Харбор заеднички им оддадоа почит на жртвите на јапонскиот напад врз американската пацифичка флота во 1941 година во хавајското пристаниште.

Американскиот претседател во заминување, Барак Обама, и јапонскиот премиер Шинзо Абе доцна ноќеска при посетата на меморијалниот центар во пристаништето Перл Харбор изјавија дека пораката од нивната зедничка посета е „сила на помирување“ на двете земји.

„Сакам да упатам порака до целиот свет од Перл Харбор заедно со Барак Обама, а тоа е сила на помирување“, рече Абе во говорот и додаде дека на светот му е неопходен „дух на толеранција“.

Обама и Абе се сретнаа на пристаништето Перл Харбор кое Јапонија на 7. декември 1941. година го нападна без објавување војна, што беше повод за вклучување на САД во Втората Светска Војна.

Обама и Абе положија венци на меморијалниот споменик на Хаваи, во форма на американскиот воен брод „Аризона“, на кој во јапонскиот напад загинаа 1.177 морнари и маринци .

„Нашиот сојуз е посилен од кога било“, рече Обама и додаде оти „карактерот на една земја се одредува според нејзиниот однос кон војната но и кон мирот“.

„Заедно испраќаме порака дека сите добиваме повеќе во мир отколку во војна и оти духот на помирување е посилен од одмаздата“, рече Обама кој на 20. јануари заминува од функцијата.

Помирување, но не и извинување

Јапонските лидери и порано го посетуваа Перл Харбор, меѓутоа Шинзо Абе е првиот премиер на Јапонија кој го посети меморијалниот центар на жртвите од нападот во 1941. година.

Како и Обама пред 7 месеци во Хирошима, така и Абе одаде почит на жртвите на нападот, но не упати извинување.

Повеќе од 2.300 Американци загинаа на 7. декември 1941. година, а над 1.000 се ранети кога 300 јапонски борбени авиони и бомбардери извршија изненадувачки напад во хавајското пристаниште.

САД по нападот на Перл Харбор затворија 120.000 Јапонци во логори, а во 1945. година фрлија атомски бомби врз јапонските градови Хирошима и Нагасаки,  во кои загинаа околу 140.000 луѓе.

DW.COM

Реклама