Иста плата за иста работа и за работниците дојдени од странство? | Економија | DW | 20.10.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Иста плата за иста работа и за работниците дојдени од странство?

Кавга меѓу источните Европејци и Брисел: ЕК подготви нови предлог-насоки за работниците кои фирмите ги праќаат на работа во друга земја од ЕУ. По две години, тие ќе мора да добиваат иста плата како и домашните работници

Она што на крајот на летото почна како јасна критика, прерасна во отворена кавга меѓу источните Европејци и Брисел. Фокусот на кавгата е во насоките на ЕУ за т.н. деташирани работници. Веќе со месеци, на пример, Прага и Варшава сакаат да спречат какви било промени на сегашниот текст, но од различни причини. Преголем е стравот дека источна Европа би можела да претрпи економска штета, зашто тоа би значело дека таквите фирми ќе мора да ги плаќаат и социјалните давачки кои важат во целната држава.

Досега беше можно претпријатија од членки на ЕУ да испраќаат работници во други земји од Унијата, а висината на платата да биде како во нивната татковина. Брисел одамна тука гледа потреба за реформи, зашто смета дека станува збор за недопустливо изигрување на пазарниот натпревар. За промената силно се заложи францускиот претседател Емануел Макрон, со германска поддршка, па во Брисел е направен предлог за промена на насоките.

Според новите насоки, претпријатијата мора да плаќат иста плата како онаа на местото каде се врши работата, без оглед од каде доаѓа работникот или фирмата која го праќа. Со други зборови, полскиот работник кој работи во Белгија, според овие насоки не може да добива плата како во Полска, туку исто толку колку што добиваат и неговите белгиски колеги. Земјите како Германија или Франција аргументираат дека само на таков начин може да се искорени дампингот на плати. Источните Европејци, пак, стравуваат од забележителни загуби за своите претпријатија.

Нужни реформи

Напнатоста во врска со ова се чувствува и во Брисел. Во источна Европа се подгрева расположение против новите насоки, понекогаш и без водење сметка за фактите, таков е впечатокот во Брисел. Во Полска тврдат на пример дека ЕУ ги укинува насоките за деташираните работници. По ходниците на институциите на ЕУ само се чудат на ваквите лажни вести. Европскиот Парламент би можел да се радува да има таква моќ, ако тоа не би било целосно неточно. Насоката на ЕУ за деташирани работници не може едноставно да биде укината. А посебно не од страна на самиот Европски Парламент.

Но, да тргнеме со ред: досега постои само предлог на Европската Комисија, која доби налог од членките на ЕУ да подготви нови насоки. Според мислењето на европарламентарците, не станува збор за одмазднички поход од Париз против евтините работници од источна Европа. За конзервативниот пратеник Свен Шулц од Европската народна партија, нема никаква двојба: „Овие насоки се од 90-те години и низ цела Европа одново откривавме масовни злоупотреби. Реформата се наметнува, во тоа се согласуваат сите пратенички групи“.

Важна е и заштитата на вработените

Насоките значи нема да бидат укинати, туку изменети. Европскиот Парламент ќе ги усогласи своите позиции во поглед на содржината. На кои точки од предлогот на ЕК гледа критички, каде постојат содржински поклопувања? И која задача ќе произлезе оттаму за ЕП? Сите пратенички групи се согласуваат дека рокот за премин на изедначување на платите би бил 24 месеци. Дури потоа некој работник, ако остане на работно место во друга членка на ЕУ, мора да добие плата вообичаена во земјата во која работи. Ако некоја фирма на исти работи постојано праќа нови работници, што често се случува кај негувателите или во градежништвото, одлуката би ѝ била препуштена на фирмата, дали на својот работник ќе му го продолжи статусот на деташиран работник и по истекот на 24 месеци или ќе му плаќа плата вообичаена за земјата во која ја извршува работата. Ова последново е „ракопис“ на ЕП, кој се изјасни против строги крајни рокови.

Покрај времетраењето на вработувањето и платата, битен фактор е и правниот темел. Тука сфаќањата во ЕП значително се разликуваат од оние на ЕК. На притисок на ЕП, во иднина би требало да се води сметка и за социјалната компонента. А тоа би можела да биде важна новина, без оглед на сите жалопојки од источна Европа. Имено, досега стануваше збор само за „пружање услуги“ во друга членка на ЕУ. ЕП сака во законот да биде запишана и заштитата на вработените. Така може да се спречи често присутната злоупотреба на деташираните работници - во платата да им се пресметува и станот и храната.

Во Германија, на пример, на деташираните работници и сега мора да им се исплаќа законски пропишаната минимална сатница. 

Реклама