Истанбул по терористичкиот напад: стравот е повторно тука | Свет | DW | 02.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Истанбул по терористичкиот напад: стравот е повторно тука

Светот се буди во Новата година, а надежта дека 2017 би можела да биде подобра од 2016 веќе исчезна, пишува германскиот печат.

„Според контроверзната логика на теророт, моментот беше идеален- Новогодишната ноќ. Луѓето ширум светот си посакуваат среќна Нова година, и пред сѐ, мирна. Оваа ноќ раѓа надеж, бидејќи секој почеток во себе има волшебност. Секако дека сите кои слават на улиците и во локалите на метрополата чувствуваат дека опасноста би можела да биде блиску. Но знаат и дека државите покренаа цел безбедносен апарат. И дека не се сами. И токму во тој момент удира теророт. Бидејќи она што го стори напаѓачот, или напаѓачите, е токму терор, сеедно дали зад него се крие злосторничката паравојска на Исламската држава, некоја курдска група или мафија. Математиката на ужасот проработе. Светот се буди во Новата година, а надежта дека 2017 би можела да биде подобра од 2016 веќе исчезна. Стравот е повторно тука“, пишува „Зидојче цајтунг“.

„Она што за Франција беше терористичкиот напад во салата Батаклан на 13 ноември 2015,тоа за Турција е теророт во ноќниот клуб Реина“, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг на насловната страница. „Мета на двата напади се места на кои луѓето се собраа за да го минат времето едни со други, ослободени од секојдневието и опуштено да слават. Места кои се симболи на слободата на модерните општества.

Исламистичките екстремисти на овие општества- а со тоа и нам- ни објавија војна. Тоа не смее да им успее, ни во Европа, ниту во Турција, каде за многумина западниот животен стил е целосно вообичаен“. ФАЦ додава дека случувањата во Турција имаат врска и со лошите потези на власта на Ердоган која ја воведе земјата во три војни: „во Сирија, во Ирак и домашната против Курдите“.

Токму со таа тема се занимава левичарскиот Тагесцајтунг: „Ердоган не се двоуми да раскажува опскурни теории на завера за да го сврти вниманието од сопствената одговорност. Во новогодишната порака пред нападот во Истанбул тој говореше за тероризмот како симптом, а за нападите ги обвини силите на мракот кои сакаат да го сопрат напредокот на Турција. Гатањето за силите на мракот не е ново. Таа вербална акробација служи единствено за да ги прикрие јасните причини за теророт во Турција. Курдската работничка партија напаѓа откако Ердоган, по изборниот пораз во јуни 2016, ги прекина мировните преговори со курдската герила. А Исламската држава ги спроведува своите терористички напади бидејќи Ердоган се подлабоко ја вовлекува својата земја во калта на сириската војна. Терористичките напади нема да престанат се додека не се промени политиката на турскиот лидер“, пишува Тагесцајтунг.

DW.COM

Реклама