„Исламска држава“ инфилтрира терористи меѓу бегалците | Свет | DW | 03.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

„Исламска држава“ инфилтрира терористи меѓу бегалците

Германската разузнувачка служба предупреди дека „Исламска држава“ инфилтрира терористи меѓу бегалците во Европа.

На 13-ти ноември минатата година, три тимови на милитанти на т.н. „Исламска држава“, вооружени со калашњикови упадна во стадионот „Стад де Франс“, концертната сала Батаклан и неколку пабови во Париз. Билансот од смртоносниот поход на терористите е 130 мртви, од кои 85 во клубот Батаклан каде вечерта настапуваше бендот „Eagles of Death Metal“.

Во меѓувреме, истрагата откри дека сите девет милитанти поврзани со нападите во Париз, во Европа допатувале заедно со бранот бегалци кои пристигнаа на континентот во 2015 година. Според германскиот неделник „Welt am Sonntag“, државната разузнавачка агенција БНД предупредила дека „Исламска држава“ специјално подготвува терористи кои може да се втопат помеѓу барателите на азил во Европа. Авторите наведуваат дека од БНД предупредиле дека терористите ги тренираат потенцијалните напаѓачи како да ги одговорат прашањата на граничните проверки за да можат да се квалификуваат како бегалци.

Разузнавачката агенција одби да коментира на оваа тема. Во одговор на имејл испратен од ДВ, портпаролот на агенцијата изјави: „БНД ги споделува овие информации само со германската влада или со одговорни тела во германскиот парламент на тајни состаноци“.

Терористи меѓу бегалците

Покрај се, фактот дека терористите на „Исламска држава“ успеале да влезат на континентот со илјадниците кои бегаат од војните на Блискиот исток  не е ништо ново, вели Сузан Шрутер, експерт за исламски тероризам на Универзитетот во Франкфурт. „Ова беше познато уште на почетокот. Предупредив дека тоа е можно уште пред да имаше примери од терористи кои успеале да се инфилтрираат“, изјави таа за ДВ.

„Ова е затоа што ИД најави дека ќе испрати напаѓачи на континентот преку рутата која ја користат бегалците. Тогаш политичарите го негираа ова“, додава таа, мислејќи на повеќе од еден милион бегалци од Сирија и Ирак кои пристигнаа во Европа минатата година. Ситуацијата во европските земји како Германија која прифати повеќе од 840.000 бегалци во 2015 година беше тешка. Граничните контроли мораше да се отповикаат и многумина од тие кои влегуваа не можеа да бидат регистрирани од страна на властите што придонесе за проблемот, објаснува Шрутер.

Постојаниот прилив на бегалци во овој период исто така предизвика серија на насилни напади врз барателите на азил, особено во покраините во поранешна источна Германија. „Нашите лидери мислеа дека ако тогаш признаат дека има терористи меѓу бегалците, тоа ќе послужи како повод за десничарските популисти да ги подгреваат анти-имигрантските чувства кај граѓаните. Тие одлучија да ги смират работите, но на крајот се покажа дека тоа не беше правилна одлука“, вели аналитичарот.

Барателите на азил имаат „различни позадини“

Салата за концерти „Батаклан“ не беше последната мета на листата на напади во Европа. Во Брисел, на 22 март се случија два големи напади, еден на аеродромот и еден во подземна метро станица, кои резултираa со 32 загинати и многу други повредени лица. Самоубиствен напад со бомба се случи во градот Ансбах на југот од Германија, потоа и во Вирцбург, а на крајот на годината и во Берлин. Повеќето од напаѓачите биле бегалци или имале контакт со баратели на азил, со што се потенцира фактот дека новодојдените се особено подложни на терористи регрутери. „Има различни типови на луѓе кои доаѓаат како бегалци. Тие имаат различни политички заднини и има некои кои се блиски до ИД и кои бегаат од ИД“, вели Шрутер.

Најголемиот дел од барателите на азил кои доаѓаат во Европа се млади мажи кои кога ќе пристигнат во Европа се разочарани бидејќи шверцерите на бегалци им ветуваат нешто сосема поинакво, како на пример повеќе пари, куќа, кола, вели Шрутер. Долгиот процес на регистрација и чекање додека конечно не дознаат што ќе се случува со нив прави тие да се чувствуваат незадоволни, објаснува таа. Многу луѓе едноставно ги напуштаат своите домови, а терористичките групи и исламистичките организации го користат ова да регрутираат млади луѓе за организирање напари

Превенција од можни напади

Една можност за спречување на потенцијални терористички напади е да се воведе попрецизен процес на регистрација, вели Шрутер и додава дека државите ќе мора одблизу да ги набљудуваат луѓето. Можноста од терористички и сајбер напади е причина за нов проект на БНД и домашните безбедносни служби да планираат проект вреден 73 милиони евра за набљудување на електронските и телекомуникациските комуникации.

Агенциите не откриваат детали за планот, но според заеднички извештај на неколку германски медиуми, БНД сака да реагира што е можно побрзо на пораки кои се разменуваат преку мобилни сервиси како што е „WhatsApp“. Агенциите го оправдуваат планот велејќи дека „безбедноста на Германија и нејзините граѓани повеќе не може да се земе здраво за готово“.

Веројатно е дека зголемената супервизија на комуникациските канали ќе влијае и на обичните граѓани и бегалци кои не се поврзани со тероризам. Но, како што вели Шрутер, „имајќи ја предвид сегашната ситуација, не може да има нешто полошо од голем терористички напад, не само поради можните жртви, туку поради ефектите кои ќе ги предизвика. Затоа мора да се направи сѐ за да се спречи голем напад“.

Поврзана содржина

Реклама