Исламистите напредуваат: „Нашата цел е Багдад!“ | Свет | DW | 12.06.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Исламистите напредуваат: „Нашата цел е Багдад!“

Ирачките џихадисти се на час возење до Багдад. Ирачката армија организира фронт за одбрана на градот. Курдските милиции ја презедоа контролата врз Киркук. Турција размислува за воена акција против исламистите.

Ирачката влада губи контрола над се‘ поголем дел од територијата во земјата. Исламистите од сунитската група ИДИЛ (Исламска држава во Ирак и Левант) освојуваат натамошни помали места и се приближуваат до главниот град Багдад. Според племенските водачи, исламистите се подготвуваат за решавачка битка за градот по блиц-офанзивата минатава недела. Ирачката војска се мобилизира за отпор против исламистите.

Ирачката воена команда денеска ги засили армиските контролни пунктови кон Багдад поради заканата од екстремистите за главниот град на Ирак. На улиците на Багдад има оклопни возила, а населението е вознемирено од веста дека екстремистите се на околу 60 километри од градот.

Портпаролот на Исламската држава во Ирак и Левантот, Абу Мохамед ал Аднани најави „почеток на поход кон главниот град на Ирак“. Тој исто така се закани дека припадниците на групата ќе продолжат и кон јужниот дел, каде ќе бидат заземени двата свети шиитски муслимански града - Кербала и Наџаф.

Ирачките безбедносни сили во меѓувреме ја презедоа контролата над градот Баиџи, еден од клучните индустриски центри во земјата, изјави министерот за нафта на Ирак, Абдел Керим ал Луејби.

Баиџи, во провинцијата Салах ел Дин вчера беше преземен од екстремистите од Исламската држава во Ирак и Левант. Во Баиџи се наоѓа најголемата рафинерија за нафта во Ирак, која и покрај заземањето на градот од страна на екстремистите, беше под контрола на ирачките владини сили.

Ирачката армија денеска ги протера и од градот Тикрит терористите од Исламска држава во Ирак и Левант, јави телевизијата Ал Манар. Генерал Али ал Фрејџи командант со операцијата во провинцијата Салах ад Дин изјави дека елитните единици на ирачката армија целосно го контролираат градот. Армиски сили се префрлуваат од провинцијата Анбар, која граничи со Сирија во соседната провинција Нинива во северозападен Ирак.

Flüchtlinge aus Mossul

Бегалци од Мосул

Воената команда подготвува и операција за ослободување на градот Мосул кој е под контрола на борци од ИДИЛ. Во Мосул живеат 1,8 милиони луѓе од кои стотици илјади вчера го напуштија вториот град по големина во Ирак и се движат кон Ербил, главен град на курдскиот автономен регион. Телевизијата Ал Манар јави дека припадниците на ИДИЛ палат цркви во Нинива и вршат етничко чистење.

Претходно, денеска вооружени сили на ирачки Курдистан објавија дека презеле целосна контрола врз нафтениот град Киркук за да го заштитат од евентуален напад на бунтовниците. Портпарол на ирачки Курдистан за западни медиуми изјави дека контролата ја презеле откако федералната армија ги напуштила базите во градот.

Турската армија во состојба на воена готовност

Продолжува кризата со киднапираните 49 луѓе од турскиот Конзулат во ирачкиот град Мосул од страна на радикалната ИДИЛ. Турските вооружени сили се во воена готовност, јавуваат локалните медиуми.

Телевизијата Ал Џазира јави дека турски воени авиони извршуваат разузнавачки летови над реонот на Мосул. Испратени се и беспилотни летала на турската армија. Акциите на турската армија се во координација со раководството на ирачката армија. Според турски извори, Турција подготвува коридор за операции по ослободувањето на заложниците. ИДИЛ држат околу 80 турски граѓани како заложници. Тие беа киднапирани вчера од Конзулатот, а возачи на камиони беа киднапирани во вторникот.

Турската влада денеска врши проверка на правната основа на можна воена интервенција во Ирак. Парламентот досега има одобрено акција против курдските бунтовници во граничната област, а мандатот истекува во октомври.

НАТО засега исклучи интервенција во конфликтот во Ирак, но генералниот секретар Андерс Фог Расмусен истакна дека во Брисел со внимание се следи состојбата. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, пак, изрази загриженост од развојот на ситуацијата во Ирак и ја обвини за тоа американската неуспешна политика.