Иранците сакаат да завладее закон и ред | Свет | DW | 14.01.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Иранците сакаат да завладее закон и ред

Минатата недела големи поворки за време на погребот на убиениот генерал Сулејмани. Сега демонстрации поради соборувањето на украинскиот патнички авион. Тие два настани не се противречни, смета Петер Филип.

Уште од ноември минатата година, кога прво стотици илјади луѓе ширум Иран излегоа на улиците да протестираат поради зголемувањето на цената на бензинот, економската ситуација генерално и корупцијата во раководечките политички кругови, тамошното население е изложено на вистинска економска вртелешка. Овие демонстрации беа запрени жестоко - имаше стотици мртви и илјадници уапсени. Но, состојбата на која укажуваа демонстрантите остана. И навистина беше жестоко, но сепак се чинеше дека тоа повторно се само уште едни спорадични протести во Иран кои се распламтени поради одредени обвинувања. Таквиот впечаток се засили на почетокот на јануари кога Исламската Република ги доживеа најголемите манифестации во својата 40- годишна историја: не против раководството во земјата, туку против САД. Тие со смртоносен напад врз веројатно најважниот претставник во иранската војска повторно ја потврдија сликата за непријател, за американски агресор која раководството во Техеран ја негува со децении.

Симпатии и восхит кон човек од режимот

Генералот Касем Сулејмани, шеф на бригадите Ал Кудс од иранската Револуционерна гарда, важеше за главен планер и командат на иранските воени акции против т.н. Исламска држава во Ирак и во Сирија. Тој ја координаше соработката со либанскиот Хезболах и наводно имаше водечка улога во поддршката на јеменските бунтовници од редовите на Хутите. Значи, човек на режимот до срж.

Повеќе на темата:

-Иранците демонстрираат против лагите на својата влада

-Иран призна дека авионот бил погоден со ракета, Украина бара извинување

-Погреб на Сулејмани - ќерката се закани со „црн ден за Америка“

Истовремено, многу Иранци чувствуваа симпатии и му се восхитуваа на овој човек, иако тој силно се профилираше како некој кој работи „во интерес на нацијата“. Таквите мислења за него можат додуша делумно да се разберат ако се земе во предвид официјалната информативна политика и пропаганда во Иран. Од друга страна, дел од тоа обожување на Сулејмани беше оправдано: тој во своите настапи остана скромен, често настапуваше со своите трупи и наводно се бореше за „праведна работа“. Посебно во случајот на ИД: тука Сулејмани отиде дури толку далеку што во првите денови на ИД во Ирак своите постапки индиректно ги координирше со САД.

Peter Philipp Kommentarbild PROVISORISCH (DW)

Петер Филип, автор на коментарот

Додека Сулејмани беше во акција против ИД, големото мнозинство од Иранците сметаа дека тој е еден вид заштитник на нацијата, бидејќи сунитската ИД е прокламиран непријател на шиитскиот Иран. За раководството во Техеран затоа деновите од убиството на Сулејмани до неговиот погреб беа добредојдена прилика да се искористат симпатиите на населението кон генералот и да се претворат во божемска солидарност со владата. Напливот на толпата која жалеше беше огромен, ширум Иран. Но, политичарите се прелажаа ако мислеа дека незадоволството на народот кон политичарите сега е потиснато и оти се отворил простор за нови изливи на омраза против САД.

Демонстрантите сега повторно ја критикуваат владата

Тоа сега се покажува на драматичен начин. Демонстрантите излегуваат на улиците и ги обвинуваат политичарите дека не успејаа и оти се неспособни. Дека потсвесно во висок степен чувствуваат презир кон сопствениот народ. Откако Техеран со денови по рушењето на украинскиот патнички авион официјално како причина наведе технички проблем, излезе дека авионот сепак е соборен со ракета на Револуционерната гарда. Смртта на 176 луѓе кои беа во авионот, од кој поголемит број беа Иранци или луѓе со двојно државјанство - е билансот кој ги мобилизира широките слоеви на иранското население.

Тие во никој случај немаат разбирање за тоа што Техеран најпрво се обиде да ја прикрие вистинската причина за несреќата и бараат, слично како земјите чии граѓани беа жртви на авионска несреќа, целосно објаснување за тоа како тоа се случило и преземање акција против одговорните. Притоа не се мисли само  на човекот кој го притиснал копчето за лансирање ракета која го  урна авионот, туку и на оние кои не донеле мерки за безбедност во таква експлозивна ситуација - на пример, привремено да го суспендираат цивилниот воздушен сообраќај.

Новите демонстрации сè уште  се помали од претходните, но тие може лесно да се прошират. И сега уште на сцена стапува Доналд Трамп кој им нуди заштита и поддршка на демонстрантите. Тоа ниту им треба, ниту пак демонстрантите го сакаат. За нив е важно, 40 години по револуцијата, законот и редот конечно да завладеат во нивната земја.

 

Реклама