Ирак бара анулирање на курдскиот референдум | Свет | DW | 26.10.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ирак бара анулирање на курдскиот референдум

Во конфликтот со Курдите на северот на земјата, ирачките власти и натаму држат тврда линија. Премиерот Ал Абади го отфрли најновиот компромисен предлог на Курдите.

Премиерот на Ирак, Хајдер ал Абади, денеска порача дека единствено би прифатил поништување на референдумот за независност на ирачките Курди, и го одби нивниот предлог да се замрзнат резултатите од ова контроверзно гласање. „Единствено би прифатиле поништување на референдумот и почитување на Уставот“, рече Абади, кој во моментов се наоѓа во Техеран на состаноци со иранските официјални претставници, соопшти неговиот кабинет.

Властите на ирачки Курдистан ноќеска предложија да ги „замрзнат резултатите“ од референдумот за независност одржан пред еден месец, кој предизвика голема криза со Багдад.

Абади во Иран најпрво присуствуваше на официјален прием северно од Техеран, а денеска ќе се сретне со потпретседателот Ешак Џангири. Се очекува меѓу темите за разговор да биде и минатомесечниот референдум на ирачките Курди кој и Багдад и Техеран го отфрлија како нелегален. Три недели по референдумот на 25 септември, ирачките сили започнаа офанзива во која ги зазедоа сите области, кои ги контролираа Курдите, надвор од нивниот автономен регион.

Посебно загубата на богатиот со нафта регион на Киркук е тежок удар за Курдите.

Денешниот одговор на Абади стигна непосредно откако највисоката безбедносна инстанца на автономната курдска област објави дека ирачките сили започнале нови напади против курдските борци, пешмерги, на северот на Ирак кој се граничи со Турција.

Советот на автономната област во Курдистан соопшти оти се спроведуваат напади со тешка артилерија врз нафтената област Зумар, северозападно од Мосул, во близина на граничниот премин Фишхабур. Тоа е важен премин кон Турција и се наоѓа на линија на нафтоводот кој Ирак има намера да го обнови за да извезува нафта кон турското пристаниште Џејхан. 

 

DW.COM

Реклама