1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Замина кошаркарската легенда Буштур

30 јануари 2020

Буштур не беше боем кој седи во меана и прераскажува догодовштини и своите победи на спортските терени. Тој беше перпетум мобиле, човек во вечно движење. Последен поздрав од Ерол Ризаов.

https://p.dw.com/p/3X2Kv
Blagoja Georgievski
Фотографија: DW/Z. Kalinski

Кога сакав да му ѕвонам на Буштур да не заборави дека се договоривме заедно да ги гледаме Ѓоковиќ и Федерер, ме превари црната вест. Чамо, нашиот заеднички пријател, почна божем одоколу: слушна ли за Буштур...... Мислев дека во напливот на лажни вести пак некој прави несолена шега. За голема жал на цела Македонија, на голем број граѓани на поранешна Југославија и на кошаркарските асови, светски и олимписки прваци, на неговото семејство и неговите другари, на неговите фанови, овојпат веста беше точна. Во сообраќајна несреќа во Скопје, на пат за дома, загина македонската кошаркарска легенда Благоја Георгиевски - Буштур. Каков удар од зад грб. Наместо да се забавуваме гледајќи тенис, пишувам последен поздрав. Тажно, многу тажно. Боли.

Шокантните вести нѐ оставаат без збор, со неверица повторуваме: зошто, зошто, зошто едно такво човечиште, еден таков борец, фајтер, кој не трпи пораз ни на карти, ни на риболов, а не на спортски терени, секогаш оптимист и непомирлив со неуспех и на најтешкиот терен, тој на животот и работата, отиде така во смрт бадијала, без борба, без шанса. Не познавам човек кој повеќе се радува на животот и кој секој ден има повеќе планови за кои нам, простосмртните, ни требаат три животи.

Со Буштур се знаеме и сме пријатели половина век, а веќе 20 години се гледаме и се дружиме многу често. Нѐ има, сите негови другари расплакано стотици пати од смеење и од радост. Од радост со неговите победи на кошаркарските натпревари, а од смеење на нашите никогаш незаборавни дружби. Со префинета смисла за за хумор, со неговите настапи како вистински шоумен, со песна и игра Буштур засмејуваше до солзи, ама буквално до плачење од смеење. Беше матицата околу која се собиравме и уживавме во незаборавните другарувања и ѓезмиња, на риболов и во кампот во Грција. Не, Буштур не беше боем кој седи во меана и прераскажува догодовштини и своите победи на спортските терени. Тој беше перпетум мобиле, човек во вечно движење. Ако седите со него само половина час, добивате впечаток дека не само што нема човек што не го познава, туку дека тој ги познава сите.

Никогаш нема да заборавам кога Буштур нѐ расплака во Поликастро во кафеаната на Вангели, а не беше со нас. По рибарлакот на Вардар, ние неколкумина го гледавме на грчка телевизија отворањето на Олимписките игри во Атина. Буштур го носеше македонското знаме. Да, среде Атина, македонско знаме и спортисти од Македонија, солзите сами течат. Газдата  Вангели вчудоневиден нѐ гледа и нему му влезе песок во очите. Го прашувам дали го знае човекот што го носи знамето. Леле, па ова е Буштур, рече стаписан....

По неколку дена, кога во кампот во Грција му кажував како беше отворањето на Олимпијадата на телевизија, беше пресреќен, како да му засветија очите, или можеби само така ми се причини. Колку во него имаше цврстина и инает, толку имаше и емоции.

Денес пак течеа солзите без да имам сила да ги сокријам. А и не сакав. Ова беа сосема други солзи. Машки и тешки. Збогум људино.